Македонија
На Криволак уништени гранати од Првата светска војна, Владата парично ќе ги награди пиротехничарите
Втората акцијата за уништување на неексплодираните артилериски гранати 75 мм, пронајдени и отстранети од Битола, кои датираат од Првата светска војна, беа уништени денеска во Центарот за воена обука Криволак. Владата, пак, донесе одлука за еднократна парична награда во висина од 30.000 денари за седумте пиротехничари за пронаоѓање, отстранување и уништување на гранатите.
Акцијата за уништување ја спроведуваа пиротехничарите на Дирекцијата за заштита и спасување заедно со пиротехничарите на Министерство за внатрешни работи и на Aрмијата.
Од Владата информираат дека станува збор за досега најголема количина која е пронајдена од 12.300 парчиња на артилериски гранати без запалки, кои ќе се уништуваат последователно во повеќе фази до февруари 2021 година.
Она што е од голема важност, велат од таму, согласно анализите од лабораторијата „Амбикон“ при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, детонациите нема да предизвикаат загадување во пошироката околина на полигонот Криволак.
Директорот на Дирекцијата, Беким Максути, истакна дека должност на Дирекцијата, според Закон, е заштита и спасување од неексплодирани убојни средства, што вклучува пребарување, детектирање, уништување на лице место, доколку тоа условите го дозволуваат или транспорт на определена локација, а потоа уништување со строго почитување на безбедносните мерки.
„Работата на пиротехничарите е ценета и вреднувана. За таа цел Владата донесе одлука за еднократна парична награда во висина од 30.000 денари, награда за седумте пиротехничари од Дирекцијата како резултат на нивниот посебен ангажман за пронаоѓање, отстранување и уништување на гранати кои беа пронајдени на 27 октомври во близина на Градскиот стадион во Битола. Акцијата на собирање, складирање и транспорт на истите до полигонот ‘Криволак’ ја направивме со нашите човечки и материјални ресурси. Кога велам нашите, мислам и на ресурсите на Министерството за одбрана, на Армијата и на Министерството за внатрешни работи, без кои оваа операција ќе беше невозможна. Обединување на сродните служби и ресурси во перспектива ќе придонесе кон градење сеопфатен систем за заштита и безбедност на граѓаните, материјалните добра и природата“, изјави Максути.
Оваа огромна количина гранати беше пронајдена на 27 октомври годинава за што Дирекцијата врз основа на укажаната потреба достави барање до Министерството за одбрана и за вклучување на пиротехничари на Армијата поради обемноста на активностите за транспорт и уништување на гранатите, а се информирани и меѓународните претставници од ОБСЕ, НАТО и ЕУ во земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари: Земјотресот почна, се надевам дека на 8 мај ќе дојде промената ДУИ да биде опозиција
Масовниот одѕив на гласачите на овие претседателски избори за Арбен Таравари, претседателски кандидат на коалицијата ВЛЕН, е показател дека промените се почнати. На првата прес-конференција по затворањето на избирачките места тој рече дека очекува победа на 8 мај.
„Земјотресот по се изгледа дека денеска почна со масовното учество на граѓаните во изборите, а се надевам дека на 8 мај ВЛЕН ќе победи и ќе дојде долго очекуваната промена ДУИ да биде во опозиција“, рече Таравари.
Тој јавно се заблагодари на граѓаните за масовниот одѕив и изрази надеж дека набљудувачите нема да дозволат злоупотреби на гласовите.
„Сега веќе се знае дека на овие избори имаше многу помасовно излегување на гласање отколку претходните избори што зборува дека промените ни се приближуваат и ни доаѓаат. Ние како ВЛЕН сме пресреќни дека добивме гласови генерално од Албанците. Сега веќе промените се внатре во кутиите кои веќе се отвораат. Се надевам дека нашите набљудувачи ќе ги контролираат и нема да дозволат да има злоупотреби и ќе се гарантира секој глас кој што е даден на демократски начин дека ќе излезе на површина“, рече Таравари.
Македонија
Кузеска: Констатирани се мали прекршувања на изборниот процес, ги очекуваме резултатите и уверени сме дека граѓаните ќе ја поддржат европската иднина
Богданка Кузеска од Изборниот штаб на СДСМ, по затворањето на избирачките места изјави дека изборниот ден бил демократски, а гласањето се одвивало во фер и демократска атмосфера.
„Граѓаните својата волја ја изразија слободно и достоинствено како што доликува на една демократска земја – членка на НАТО со започнати преговори со ЕУ. Констатирани се само неколку многу мали прекршувања на изборниот процес. Сакаме да изразиме благодарност до сите граѓани кои денеска гласаа. Самото гласање е суштински чин кој произлегува од моќта на граѓаните да одлучуваат за својата иднина и иднината на државата. Ги очекуваме изборните резултати и уверени сме дека граѓаните и денеска и на 8 мај ќе ја поддржат европската иднина за Македонија. Иднина во која Македонија е дел од европското семејство и членка на ЕУ“, порача Кузеска.
Повтори дека ги очекуваат изборните резултати и наскоро ќе излезат со точни податоци.
Македонија
Евидентирани 12 случаи на фотографирање гласачко ливче, шест пријави за нудење поткуп и 15 пријави за агитирање, соопшти Тошковски
Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денешниот изборен ден поминал во безбедна, мирна и демократска атмосфера.
Како што рече, безбедните избори биле резултат на добрата соработка меѓу полицијата, Државната изборна комисија и сите други чинители кои биле вклучени во спроведувањето на изборниот процес
„Овие избори беа уште еден тест за демократијата и во таа насока сакам да им честитам на граѓаните кои излегоа на гласање и ја исполнија својата граѓанска должност и со тоа уште еднаш го истакнаа демократскиот капацитет на државата и значењето на нивната активна улога во градењето на инклузивно општество“, кажа Тошковски.
Истакна дека биле евидентирани повеќе настани кои се однесуваат на прекршување на изборниот процес.
„На ниво на целата држава евидентирани се 12 случаи на фотографирање на гласачкото ливче, два случаи на кинење на гласачко ливче, шест пријави за нудење на поткуп и 15 пријави за агитирање. На подрачје на СВР Скопје во врска со пријавата за испукана димна бомба од страна на тимот за антитероризам извршена е проверка , подигната е направата и предадена е на претседателот на избирачкиот одбор. Констатирани се шест прекршоци, а ќе бидат поднесени и две кривични пријави, една за повреда на тајност на гласањето и една за повреда на избирачко право“, потенцира Тошковски.
Во Охрид било пријавено јавно гласање пред комисијата а во Тетово биле пријавени упатени навреди кон шеф на штаб на политичка партија.
Во Куманово како што додаде, две гласачки места во село Умин Дол биле затворени а избирачкиот материјал бил вратен во канцелариите на ОИК.
Во Струмица едно лице го покажало гласачкото ливче на набљудувач.