Македонија
На 27 мај во „Света Софија“ централна свеченост по повод 1.000 години од формирањето на Охридската архиепископија
Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, градоначалникот на општина Охрид, Јован Стојаноски, шефот на оркестарот на Македонската филхармонија, Горан Муратовски, и претставник на Македонската православна Црква – ОА, Бобан Митевски, одржаа заедничка прес-конференција во која ја претставија програмата за одбележување на милениумскиот јубилеј „1.000 години од формирањето на Охридската архиепископија“.
Програмата е сочинета од низа настани што треба да се случат во периодот од мај до декември. Државата треба достојно да ги одбележува сите историски значајни настани, а тоа е во јавен интерес. Составена е програма која е приспособена за разни интереси и возрасни групи. Во програмата има културни, научни, уметнички, како и спортски настани, издавање публикации, кои ќе наидат на голем интерес кај граѓаните, настани што сметаме дека ќе го приближат значењето на Охридската архиепископија до граѓаните.
Тие ги поканија граѓаните од целата држава да го посетат градот Охрид за време на централната свеченост и да бидат дел од одбележувањето на милениумскиот јубилеј. На 27 мај во катедралниот храм на охридските архиепископи „Света Софија“ ќе се одржи свечена академија под покровителство на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, а пригодни обраќања ќе има државниот и црковниот врв. Вечерта ќе се одржи и свечен концерт на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија. На 28 мај во храмот „Св. Софија“ со почеток во 9 часот ќе почне литургиското чествување, чиноначалствувано од архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, во сослужение на членовите на САС на МПЦ-ОА, свештенството и монаштвото. Градот Охрид програмата ја надополнува и со културни настани, кои ќе се случуваат во периодот од 24 мај до 28 мај во центарот на Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица на парламентарните избори ќе настапи со слоганот ,,Неподмитливите во Собранието”
Левица со слоганот ,,Неподмитливите во Собранието” ќе настапи на Парламентарните избори.
Партијата ги објави слоганот и првиот предизборен спот.
Во екот на кампањата за претседателските избори, од денеска официјално стартува и кампањата за изборите за пратеници.
Скопје
Герасимовски: Решен децениски проблем со безбедноста на сообраќајот на улицата ,,Наум Наумовски Борче”
Општина Центар ја отстрани рампата на улицата „Наум Наумовски Борче” кај хотел Дувет, на раскрсницата помеѓу „Ленинова” и „Партизанска” која претставуваше проблем и пречка за функционирање на сите учесници во сообраќајот.
Со овој потег општината го реши деценискиот проблем на барање на жителите, по поднесена петиција во која се потпишаа 327 граѓани. Ова е направено во согласност со ДУП-от и за овој зафат се добиени потребните дозволи од сите надлежни институции.
На улицата се поставени столпчиња за безбедност во сообраќајот и за влегувањето на возилата во подземните гаражи. Со овој зафат се обезбедува пристапна зона која ќе биде проодна и безбедна за граѓаните.
,,Конечно го решаваме долгогодишниот проблем на ваше барање. Улицата станува безбедна за пешаците и за вас жителите. На овој потег постојано се случуваа сообраќајни незгоди и затоа ова моравме да го направиме. Со вадењето на рампата воедно и ја ослободивме улицата од сите пречки поради кои имаше проблеми”, им се обрати Герасимовски на собраните жители.
Општина Центар известува дека улицата ќе биде двонасочна, во широчина од 7 метри, по 3.5 од секоја страна, ќе се отстрани страничната урбана опрема и ќе се намалат надворешните тераси на угостителските објекти долж улицата „Наум Наумовски Борче”.
Со ова исто така ќе се оневозможи дивото паркирање на улицата што претходно претставуваше проблем за пешаците.
Македонија
Пендаровски: Ја вративме слободата, изградивме еднакво општество, имаме силна поддршка од најмоќните демократски држави
Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски вчерашниот ден од изборната кампања го заокружи со граѓански митинг во Гостивар.
Пред присутните Пендаровски потсети на резултатите постигнати во изминатите пет години како враќањето на слободата и демократијата, градењето модерно општество на еднакви граѓани и напредокот во евроинтегративниот процес.
Пендаровски посочи дека по членството во НАТО, се случи напредок и во процесот на интеграција кон ЕУ, кој сега е блокиран поради блокадите на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот однос кон меѓународните договори што ја гарантираат евроатлантската интеграција на државата.
„Што нуди ВМРО-ДПМНЕ во однос на договорите што нѐ вратија во нормалниот цивилизиран свет? Нудат поништување. Кога ќе ги прашате што после тоа поништување, велат повторно ќе почнеме да преговараме. Имаат ли гаранции дека некој од надвор од големите сили ве поддржува за тоа повторно да го преговарате и да го доведете до исход кој е добар за народот и државата? Немаат. Немаат еден докажан пријател, партнер од големите сили, како што имавме ние. Сите овие договори што ги споменувам и со Грција и со Бугарија и со Европа се направени со огромна поддршка и помош од Америка, од Германија, Франција, од големите меѓународни сили. Тие немаат ниту еден и затоа кога доаѓаат пред вас ви кажуваат дајте ни власт па од 9 мај ќе ви кажеме кои се нашите планови. Тоа е крајно несериозно“ порача Пендаровски.
Затоа, додаде тој, уште на 24 април потребна е масовна мобилизација и заокружување на бројот еден со што напредокот на државата ќе продолжи.
Пендаровски во своето обраќање пред граѓаните порача и дека е крајно време за да се испита потеклото на имот на сите судии и обвинители, но и на политичарите, почнувајќи од него, а оние за кои ќе се утврди дека за време на нивниот мандат несразмерно го зголемиле својот имот прво да ги вратат парите а потоа и да се соочат со затворски казни.