Македонија
Независниот академски синдикат бара од Инспекторатот да постапи по претставките за изборите на УКИМ
Независниот академски синдикат (НАкС) бара од Државниот просветен инспекторат да постапува по поднесените претставки за прекршувањето на ЗВО и Статутот на УКИМ од страна на ректорот Никола Јанкуловски.
Од Синдикатот на 1 јуни испратиле претставка до Државниот просветен инспекторат (ДПИ) со барање да ја испита законитоста на постапката за распишување на изборите за членови на Сенатот на УКИМ од страна на ректорот на Универзитетот, проф. д-р Никола Јанкуловски. Во претставката од страна на Синдикатот посочено е дека ректорот го прекршил Статутот на УКИМ, со тоа што не ги распишал изборите за Сенатот најмалку 60 дена пред истекот на мандатот на постојниот состав.
„НАкС заедно со тројца проректори на УКИМ уште во март оваа година реагира во врска со распишувањето на изборите за ректор во услови на вонредна состојба. Притоа, укажувавме на непостоење можност за рамноправно претставување на кандидатите. Исто така, укажуваме на неможност да се обезбеди безбедно гласање на наставниот кадар, кој е со здравствени проблеми и кој спаѓа во ризичните старосни и здравствени категории, а кои се инаку со закон ослободени од физичко присуство на работното место. Понатаму, потсетуваме дека уште посериозно беше прекршувањето на Законот за високото образование од страна на ректорот Јанкуловски, кој ја узурприра функцијата претседател на Сенатот, која според новиот закон треба да биде извршувана од лице избрано од редот на сенаторите“, велат од Синдикатот.
Земајќи ги предвид нивните наводи, Државната комисија за спречување на корупцијата поднесе претставка до ДПИ за вршење вонреден инспекциски надзор за распишувањето на изборите за ректор на УКИМ. Државниот просветен инспекторат до денес нема донесено никакво решение или одлука во врска со поднесените претставки.
Од Синдикатот велат дека имаат разбирање за организациските тешкотии предизвикани од појавата на заразени службеници со коронавирусот, но сметаат дека нивното боледување не би требало да претставува пречка во извршување на надлежностите на ДПИ, со оглед на тоа што институцијата може да ги ангажира инспекторите што работат и живеат надвор од Скопје, како и оние за кои не е издадено решение за самоизолација.
„Имајќи ја предвид штетата што може да настане од спроведување на постапките што ректорот ги иницира, а кои се косат со Статутот на УКИМ и Законот за високото образование, бараме од ДПИ да изнајде внатрешни сили и да го заврши вонредниот инспекциски надзор и да донесе соодветни одлуки пред завршување на постапките“, велат од Синдикатот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Османи: Го институционализиравме достоинството на нашиот народ, но мисијата сè уште не е завршена
Форумот на жени и Форумот на млади на ДУИ, огранок Сарај, организираа отворена дебата со кандидатот за претседател Бујар Османи и кандидатите за пратеници од Европскиот фронт во ИЕ1 Блерим Беџети и Наим Бајрами.
Кандидатот за претседател Бујар Османи им вети на младите од Сарај дека како следен претседател ќе создаде држава во која без разлика на етничката припадност секој ќе има можност да ги оствари своите соништа.
Османи го опиша Европскиот фронт како идеја чие време е дојдено.
„Од исклучен народ сега сме народ кој го постигна првиот премиер Албанец. Го институционализиравме достоинството на нашиот народ. Почнавме да ги уриваме моноетничките тврдини: претседателот на Собранието, првиот премиер, но сè уште не сме завршиле, бидејќи сè уште имаме тврдина која за нас е забранета зона. Оваа мисија е света и не случајна. Затоа ве повикувам да ја одобрите“, рече Османи.
Кандидатите за пратеници Блерим Беџети и Наим Бајрами побараа од младите масовна поддршка за Бујар Османи и Европскиот фронт. Поканија на 24 април и на 8 мај да биде запечатена големата победа на Фронтот, со која ќе се заокружи последната мисија за етничка еднаквост и ќе се заокружи европскиот сон на младите во Северна Македонија.
Во текот на денешниот ден, караванот на Бујар Османи пристигна во Сарај и неговата околина, односно во селата Кондово, Бојане и Копаница.
Македонија
(Видео) Николовски: Пензискиот фонд повторно е стабилен, а пензиите растат
Преку одговорни политики и посветена работа, пензискиот фонд денес повторно е стабилен, а пензиите за пензионерите растат. Минималната и просечната пензија пораснаа за 50%, па денес минималната пензија изнесува 13.900 денари, а просечната пензија 20.195 денари, истакна на денешната средба со пензионерите од Пробиштип коносителот на изборната единица 3 Љупчо Николовски.
„Донесовме економска стабилност за пензионерите. Подготвивме нова Методологијата за раст на пензиите, со која на пензионерите им гарантираме постојан раст на пензиите. Сите 330.000 пензионери два пати годишно имаат гарантирано усогласување на пензиите, следејќи ги растот на трошоците за живот и порастот на просечната плата“, истакна Николовски.
Постигнатите резултати до сега, се нашиот гарант дека дадениот збор повторно ќе го исполниме, додаде тој.
„Во новиот мандат, даваме збор дека минималната пензија ќе достигне најмалку 20.000 денари, а пак просечната пензија 30.000 денари. Пензионерите два пати во годината ќе имаат усогласување на пензиите, однсно секој јануари и јуни. За оние пензионери кои живеат сами планираме енергетски пакети, во висина од 1.500 денари месечно во периодот од октомври до март“, истакна Николовски.
„Го јакнеме животниот стандард на пензионерите. Пензионерите добиваат потрошувачка картичка со попуст од 30% на прехранбени производи, како воведување новогодишен пакет за секој пензионер во висина од 6000 денари“, истакна Николовски.
„Нашата грижа за највозрасните лица ја продолжуваме и земаме обврска за изградба на најмалку 12 нови домови за стари лица, со вкупен капацитет од 2.000 лица. Имаме конкретна програма и јасен план, што гарантира европска иднина и европски стандард за секој еден граѓанин дома во својата татковина. Докажавме дека можеме да ги подобриме работите кон подобро, но имаме уште многу работи што заедно треба да ги продолжиме. Не смееме да се откажаме, сега кога тргнавме кон сигурна иднина за сите во држaвата“, истакна Николовски.
Македонија
Пендаровски: На 8 мај двојна победа за сите нас и за Македонија
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски денеска беше меѓу жителите на општината Чучер-Сандево.
Заблагодарувајќи им се што одлучиле попладнето да го поминат со него, Пендаровски рече дека на 8 мај е загарантирана двојната победа.
„100% победуваме. На 8 мај ќе славиме за двојната победа за сите нас и за Македонија“, истакна Пендаровски.
Говорејќи за досегашната работа на актуелната политичка гарнитура, Пендаровски го истакна членството во НАТО, како најголема организација која ја гарантира безбедноста и стабилноста на сите членки без исклучок.
„Без пријатели, мала земја како нашата, тешко може да опстане“ потенцираше Пендаровски.
Тој ги повика граѓаните на Чучер-Сандево масовно да излезат на гласање на 24 април, да заокружат број 1 и да добијат гаранција за подобра иднина на нивните деца и на нивните внуци.