Македонија
Неизвесно е каде ќе се одржи „Охрид колинг“
Иако влезниците се пуштени во продажба, сè уште не се знае точно на која локација ќе се одржи годинешното издание на „Охрид колинг“ во организација на „Авалон продукција“, кое е закажано од 1 до 4 август во Охрид. Манифестацијата до минатата година се одржуваше на стадионот „Билјанини Извори“, а учество имаа светски изведувачи од диџеј и електронската сцена. Иако првично на интернет-страницата на „Авалон“ беше најавено дека локацијата останува иста, денес информацијата е променета и стои дека концертите ќе се одржат во Охрид, но не е прецизирано каде точно.
Промената на локацијата доаѓа бидејќи ЈП „Билјанини Извори“ одбило да ѝ го отстапи просторот на продукцијата поради долг од 820 илјади денари. Директорката на стадионот, Гордана Јованоска, вели дека тие се обидуваат присилно преку извршители да го наплатат долгот што го има „Авалон“ од минатата година. Таа додава дека Управниот одбор не дозволува да се отстапи просторот пред да се намири долгот.
„Тие ги бараат 1, 2, 3, 4 август, термини за да го организраат „Охрид колинг“. Управниот одбор е против затоа што таа продукција има долг кон нас за закуп од минатата година. Тој долг сè уште се решава со присилна наплата“, вели за „Макфакс“ директорката на „Билјанини Извори“, Гордана Јованоска.
Минатата година за организација на фестивалот, кој се одржа на охридскиот стадион, „Авалон“ доби и субвенции од 3,5 милиони денари од Општина Охрид. Овие пари се за организација на концерти на пет имиња од светската диџеј-сцена.
„Општината им го плати и чистењето на стадионот по концертите“, вели директорот на ЈП „Охридски комуналец“, Љупчо Градноски.
Од оваа година Општина Охрид има предлог за Градот во иднинa финансиски да не ги поддржува концертите што ќе се одржуваат од 15 јуни до 15 август. Ваквиот предлог доаѓа бидејќи изминативе години неколку некои продукции инкасирале милиони денари од општинската каса. Овој предлог ќе се разгледува на советот на општината во четврток.
Проблем за закупување на охридскиот стадион од „Авалон“ е и тоа што на 2 и 3 август веќе се закупени термините за концерти од „Прагма продукција“.
„Стадионот го закупивме на 29 јануари годинава, а договорот го склучивме со ЈП „Билјанини Извори“ – Охрид. Ги резервиравме термините на 2 и 3 август кога планираме да организираме настани. Во однос на тоа кој што најавува за тој период од други продукции, не знаеме и не нè интересира“, велат од „Прагма продукција“.
Засега нема одговор од „Аволон“ каде ќе се одржи годинешното издание на „Охрид колинг“.
На четиридневниот спектакл ќе настапат Стив Аоки, Нерво, Фед ле Гранд, Робин Шулц, Оли Џејмс, Хугел, Морис Вест, Кунгс, Мартин Џенсен, Бруно Мартини, Џејмс Рајн, Барт Бмор и ДЈ Галоски, а влезниците се веќе пуштени во продажба од 11 март преку продажната мрежа на „Авалон“ низ Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Патот Штип-Кочани во прекин поради сообраќајка
Од 17:10 часот, поради сообраќајна незгода на патниот правец Штип-Кочани, сообраќајот е во прекин во една насока, информираат од АМСМ.
Македонија
Маричиќ: Имаме план за зелена Македонија во која граѓаните ќе станат акционери на енергетските компании
Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ Бојан Маричиќ денес во изјавата за медиуми се обврза дека СДСМ и Коалицијата за европска иднина нема да се откажат од стремежот за енергетска независност и од зелена енергија.
Во своето обраќање посочи дека е време да се сопре со фосилните технологии.
Изјави дека постоечките енергетски капацитети на фосилни горива да ги трансформираме во соларни електрани кои произведуваат зелена енергија.
„Тој процес го продолжуваме со голема новина: Државните енергетски компании ги даваме во рацете на граѓаните! Граѓаните стануваат акционери во енергетските компании. Висок процент од вкупниот број издадени акции во државните енергетски компании ќе се поделат еднакво на граѓаните. Секој граѓанин, вклучително и децата, ќе добие по најмалку 8.000 денари од вредноста на енергетските компании или 500 евра за едно четиричлено семејство.
Нашиот план е производството на енергија да се зголеми за најмалку 70% за да ги задоволиме домашните потреби за струја. Во наредните четири години за 100% да се зголемат капацитете со обновливи извори на енергија да достигне 60% од вкупната потрошувачка во државата.“
Маричиќ во својата изјава потврди дека целта и програмата на СДСМ е иста со онаа на Европската Унија и Европскиот зелен договор кој предвидува нула штетни гасови од фосилни горива до 2050 година.
„Нашата визија е зелена Македонија како здрава животна средина за граѓаните. Чиста вода за пиење во секое населено место, одржливо управување со отпад и расчистување на дивите депонии. Пречистување на отпадните води за здрава почва за здрава храна.“
Македонија
Со полициски хеликоптер пренесен македонски државјанин од Унгарија до Скопје
Денеска (20.04.2024) по добиено барање од ЦУК, со полициски хеликоптер Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици, од Сегедин, Унгарија до Скопје е пренесен македонски државјанин кој доживеал мозочен удар на 18 април за време на службен пат во Унгарија. Тој е пренесен на скопскиот клинички центар „Мајка Тереза“.
Oва е втор пат да се извршува ваков вид воздухопловен транспорт од Сегедин до Скопје со хеликоптер на Министерството за внатрешни работи, откако и на 11 април беше успешно реализирана ваква акција.