Македонија
Николовска: Надвор од секаква логика е имот на политичка партија да се конфискува поради дејства на две лица
Судската постапка „Талир 2“, за Ружица Николовска, правна застапничка на ВМРО-ДПМНЕ, била насочена исклучиво кон имотот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
По пресудата, во која беше изречена и мерка за конфискација на имотот на партијата, Николовска најави дека правда ќе бараат од други судови.
„Ќе укажам само на една работа, да се конфискува целиот имот на една политичка партија поради некакви дејства на две лица, обвинети, е надвор од секаква правна и здрава логика. Доколку постојат какви било дејства и утврдена вина, како што тоа денес судот го стори, тогаш можело да им се конфискува и личен имот на обвинетите лица. Овој имот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ не може да се толкува дека целиот е заслуга на само две лица. Напротив, во таа политичка партија има многу други луѓе што придонеле за создавање на тој имот. Ќе видиме, сепак ни стојат и други правни средства на располагање и се надевам дека и понатаму правдата ќе биде задоволена“, рече Николовска.
Таа смета дека правата на партијата ВМРО-ДПМНЕ биле скратени оти, иако судечкиот совет се обидел да ја оправда конфискацијата на имотот, во текот на постапката не бил сослушан претставникот на ВМРО-ДПМНЕ за да се произнесе за околностите. Според неа, останува да се утврди дали токму со дејствата на Никола Груевски, кој доби нови шест години затвор, и на Кирил Божиновски, кој доби условна казна, бил стекнат токму имотот што е предмет на конфискација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.