Македонија
Николовски во Делчево: Ова се заеднички загуби и заеднички ќе ги санираме
Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, го посети реонот на Делчево каде жителите претрпеа големи штети од пожарите.
Вицепремиерот Николовски, заедно со Градоначалникот Горан Трајковски, излегоа на терен и ја проследија санацијата на материјалните штети кои настанаа како последица од пожарите. Вицепремиерот Николовски се запозна со ситуацијата на терен, разговараше со засегнатите граѓани и им порача дека никој не е оставен сам на себе и дека државата е тука за секој човек во тешките моменти.
„Сите работиме заедно, се солидаризираме и координираме, ги детектираме местата каде состојбите се најкритични и преземаме сѐ што е потребно, сѐ што е во наша моќ за санирање на состојбите. Како што најавивме, Владата, целото солидарно македонско општество ќе ги санира штетите кои ги претрпеа граѓаните, за животот полека да може да се враќа во нормалата. Ова се заеднички загуби и заеднички ќе ги санираме, како што доликува на едно солидарно општество!“
Пожарите и временските непогоди се непредвидливи и често пати, никој не може да ги спречи. Но, најважно во вакви моменти е да им покажеме на граѓаните дека и покрај големите штети и претрпен стрес, не е сѐ загубено. Државата, со сите свои ресурси, финансии и човечки капитал, но и солидарното општество се тука да им помогнат да го вратат изгубеното и да имаат нормални услови за живот. По направените проценки, Владата ќе издвои директна помош, но и дополнително ќе поттикне донаторска помош со која на граѓаните ќе им се овозможи полесно да се справат со настанатите загуби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски во посета на ЕВР Центар и Бит Пазар: во фокусот недостатокот на човечки ресурси, возила и материјално-технички средства
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работни посети на Полициската станица Центар и Полициската станица Бит Пазар кои функционираат во рамките на Единицата за внатрешни работи Центар и Бит Пазар каде одржа состаноци со раководството.
Оваа Единица се соочува со најголем обем на работа на ниво на целата држава имајќи ја предвид структурата на теренот кој го покриваат кадешто се наоѓаат голем број на државни институции, културни објекти и дипломатско-конзуларни претставништва поради што на дневна основа има многу голема фрекфенција на луѓе.
Во однос на вчерашниот изборен ден министерот Тошковски беше информиран дека не се забележани поголеми нарушувања, освен констатирано едно кривично дело каде член на изборната комисија се обидел да гласа за друг. Исто така, беше потенцирано дека за вториот круг потребно е да се зголеми бројот на полициски службеници со цел овозможување на непречено спроведување на изборите.
„ЕВР Центар и Бит Пазар се соочува со сериозен недостаток на човечки ресурси, како во делот на униформираната полиција така и во делот на инспекторите. ОД аспект на условите за работа во двете полициски станици и опременоста со материјално-технички средства и возила состојбата е алармантна. И покрај овие проблеми, сепак беше потенцирано дека бележат солидни резултати во расчистувањето на кривични дела.“, издвои министерот Тошковски.
Заеднички беше констатирано дека во иднина треба да се размислува за дислокација на Полициската станица Центар во посоодветен објект со подобри просторни услови, со што ќе се овозможи подобро и поефикасно постапување на полициските службеници.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Со шест милиони евра во следните три години Турскиот театар добива современ и опремен дом
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска при увидот во градежните работи на Турскиот театар, потенцираше дека со одлуката на Владата за тригодишно континуирано финансирање на проектот за Турскиот театар, обезбедена е гаранција, наскоро театарската екипа на оваа установа да има свој дом.
„Министерството за култура продолжува непречено да го финансира проектот, за што во три буџетски години (2024, 2025 и 2026 година) се проектирани средства во износ од 6,1 милиони евра, односно 380 милиони денари“, рече Костадиновска-Стојчевска, нагласувајќи дека со овие средства ќе се комплетираат градежните зафати, поставувањето инсталации, уредувањето на ентериерот и ќе се обезбеди стручен надзор за театарот да го добие својот облик.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека дополнително, со постојаното зголемување на платите на културните работници, кое достигна до 52 проценти во изминатите години, како што рече, „покажуваме почит кон вашето достоинство и труд и ве мотивираме да продолжите со успешните проекти“.
Министерката за култура информираше дека од буџетот на Министерството за култура за оваа година се обезбедени милион и седумстотини илјади евра или 104 милиони денари, а напредокот во изградбата на објектот е забележителен, особено во делот на фасадата и на покривот, додавајќи дека за сето она што сега е реализирано беа издвоени 4,4 милиони евра, или 274 милиони денари.
Костадиновска-Стојчевска, истакнувајќи ја важноста на Турскиот театар, порача: „Нам отсекогаш ни се важни културните и јазичните различности кои нашата држава ја прават уникатен мозаик. Турскиот театар настојувал да ги промовира таквите вредности и да придонесува кон позитивни промени во општеството“.
Министерката за култура додаде дека е чест, но и голема одговорност, процесот со градежните активности да се одвива професионално, стручно и квалитетно, потенцирајќи дека Владата е одлучна сите започнати објекти од културата да ги заврши со максимален квалитет и во транспарентна постапка.
„Активно се работи и на реконструкција на голем број културни центри кои со години биле запоставени, а сето тоа со крајна цел – да продолжиме да ги подобруваме работните услови на културните работници, и понатаму да овозможуваме поголема и поквалитетна содржина за публиката и заеднички да го промовираме театарот“, рече Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека инвестирањето во културата е влог во иднината и во развојот на македонската култура и идентитет.
Директорката на НУ Турски театар, Ајлин Емин Скоро, во изјавата за медиумите посочи дека Националната установа Турски театар работи, функционира, твори, цели 74 години во нашата земја, а веќе 10 години работи и твори под еден покрив и на иста сцена со Театарот „Комедија“.
„Објектот што се гради е замислен како културен центар кој ќе ги унапредува, ќе ги афирмира и јазикот и културата на турскиот народ овде“, рече Емин Скоро, дополнувајќи дека започнува третата фаза, односно во тек е јавната набавка за внатрешните инсталации: механика, електрика, машинство и водовод и канализација.
Македонија
Муцунски: Вчера се случи почетокот на крајот на власта на СДС и ДУИ
Резултатите од вчерашниот прв круг на претседателските избори испратија јасна порака – Македонија ќе биде повторно горда, Македонија ќе биде повторно своја. Граѓаните ќе жиеват достоинствено и со гордо крената глава. Доаѓа време кога граѓаните на Македонија ќе бидат во прв план пред и над се, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.
Како што рече, вчера се случил почетокот на крајот на власта на СДСM и ДУИ.
„Граѓаните дадоа жолт картон на корумпираната власт, и црвен картон на политичките партии кои донесоа понижувања, национален срам и порази. Вчера се случи политичко цунами, кое ќе финализира на осми мај со уште поголема победа за ВМРО-ДПМНЕ и испраќање на СДС и ДУИ во опозиција. Професорката Гордана Силјановска Давкова според последните резултати освои 362.682 гласови, а има повеќе од двојна предност пред Стево Пендаровски кој освои нешто на 180.000 гласови. Преку 182.000 гласови разлика. Во исто време кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова победи во 60 општини со убедлива предност, а Пендаровски само во две општини и таа предност и таму е минимална. Повеќе од 350.000 граѓани ја избраа чесноста и достојноста, и одговорниот пристап на професорката Гордана Силјановска Давкова наспроти лагите и политиканството на Пендаровски и СДС“. рече Муцунски.
Тој издвои дел од резултатите по општини каде Силјановска победи.
Во општина Аеродром, во победнички Аеродром, Силјановска Давкова во првиот круг освои 21.145 гласови, Пендаровски 8.950 гласови или разлика од 12.195 гласови.
Во Битола Силјановска Давкова освои 21.582 гласа, а Пендаровски 11.543 или разлика од 10.000 гласови.
Во Бутел 7.370 наспроти 2.197 или 5.173 гласови разлика.
Во Велес 12.482 гласа за Силјановска, а 5.083 гласови за Пендаровски или 7.399 разлика.
Во Гази Баба 18.125 гласа спрема 4.782, односно 13.343 разлика.
Во Ѓорче Петров, Силјановска во прв круг има 11.694 гласови, а Пендаровски 4.650, или 7.044 гласа разлика.
Во Гевгелија Силјановска има 6.354 гласа, а Пендаровски 3.303.
Во Кавадарци Силјановска има 9.792 гласа, а Пендаровски 4.766.
Во скопски Карпош 14.482 гласа наспроти 9.130 гласа или 5.352 гласови разлика.
Во Кисела Вода 18.183 наспроти 6.205 односно 11.978 гласови.
Во Кичево 7.068 спрема 2.093 или разлика од нешто под 5.000 гласови. Во Охрид за Силјановска 14.702 гласа, а за Пендаровски 5.534 гласа или 9.168 разлика.
Во Прилеп 18.085 спрема 9.668, односно разлика од 8.417 гласа.
Во Струмица, 11.808 за Силјановска, а 9.008 за Пендаровски или 2.800 гласа разлика.
Во Штип, 12.058 спрема 5.610 или разлиика од 6.448 гласови. Во Кочани 8.079 спрема 3.905 или 4.174 гласа разлика.
Помеѓу Силјановска Давкова и Пендаровски тројна е разликата во Тетово, двојна е разликата во Струга, Радовиш и Ресен, и убедливо водство има речиси во сите останати општини во Македонија.
„Народот бара промени, граѓаните сакаат власт која ќе се грижи за државата и која ќе има капацитет да испорача резултати, реформи, подобар живот, европски стандарди во здравството, образованието, правосудството, и земјоделството. Влада која ќе ги направи потребните економски реформи и кои ќе донесат повеќе работни места, повисок стандард, поголеми плати и пензии, помала сиромаштија и инфлација“, рече Муцунски.