Македонија
Николовски: Недела ќе биде неработен ден за секого
Генералниот секретар на СДСМ и носител на листата во ИЕ 3, Љупчо Николовски, во Велес нагласи дека програмата на СДСМ содржи домаќински економски и политички мерки.
„Од мизерни 9.000 денари, минималната плата сега е 14.500 денари, а до крајот на следниот мандат ќе порасне до 20.000 денари. Затоа просечната плата во следниот мандат ќе расте до 34.000 денари. Затоа платежните картички ќе опфатат повеќе категории граѓани од сегашните, и затоа ќе го зголемиме повратот на ДДВ уште повеќе. Затоа ги укинуваме патните трошоци. Затоа и денот недела ќе го направиме неработен ден за секого! Ден за семејството“, додаде Николовски.
Тој ги праша велешани дали се чувствуваат како граѓани со свиткан ‘рбет?
„Дали не сте веќе Македонци? Дали она што е ваше некој ви го зеде? Или ‘рбетот ви беше свиткан во едно друго време. Време на нарачани инспекции, на правење списоци, на безобразно крадење бизниси, време на угнетување на работникот и имање на мизерни плати? Време кое, за жал, не е толку далечно. Беше пред само неколку години. За само две и пол години – не е ни цел мандат, го променивме тоа! Членки сме на НАТО, државата ни е безбедна. Исполнет е вековниот сон на Македонците да имаат сигурна држава, никогаш претходно тоа не било случај. Преговараме со ЕУ, ни се отвораат врати кои отсекогаш ни биле затворени и ќе го искористиме тоа. Зошто еден е животот, неповторливите шанси се за да ги искористиш, не да ги пропушташ“, рече Николовски.
Понудата од другата страна, Николоски ја оцени како празна и рече дека екипата на Груевски е во непроменет состав, а тие се мајсторите на лажните вести.
„Луѓето кои со сета сила се противеа на Законот за Јавно обвинителство, кој стапува на сила денеска. Нема веќе политичари да бираат обвинители. Почетокот на преговорите со ЕУ се должи и на оваа многу важна реформа. Секако, има и ред други бенефити, како на пример фактот што предметите од СЈО се спасени и почнуваат да добиваат разрешници. Тоа ВМРО не го сака. Затоа се противеа на овој закон исто како што се противат и кога треба да се покачат платите на граѓаните, да се воведе поврат на ДДВ и сè што е во насока на подобрување на животот на сите нас.Тие се заинтересирани само за лажни вести, а на чело на таа нивна фејк-њуз фабрика стои човек добро издресиран и испраксиран од времето Грујово, Игор Јанушев“, додаде Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Успешна сложена дентална операција – изведена транспозиција на нерв
Вчера, успешно заврши сложениот хируршки зафат – транспозиција на нерв на пациент од земјата.
Оваа комплексна техника ја изведе искусен хируршки тим под водство на професор Мазен Тамими од САД, роден во Јордан.
Интервенцијата се изведе во присуство и во приватната специјалистичка ординација на реномираниот орален хирург и имплантолог од овие простори – Дијана Бојковска. Пациентот е во стабилна состојба, се чувствува добро, но претстои период на целосно заздравување по извршување на операцијата поради прилично атрофираната долна вилица.
Видеоприказ од интервенцијата ќе биде емитуван во рамките на меѓународниот имплантолошки конгрес, кој почнува денес во хотелот „Хилтон“ во Скопје, а ќе трае до 20 април. Напредната хируршка техника првпат ќе биде споделена со пошироката стручна јавност од земјата, но и од светот, бидејќи на конгресот ќе учествуваат врвни стоматолози, орални и максилофацијални хирурзи од четири континенти.
Дигитализација во стоматологијата и новите трендови во имплантологијата се дел од темите што ќе бидат во центарот на вниманието на овој конгрес. Конгресот предвидува теоретски, практичен дел и презентирање напредна хируршка техника во делот на имплантологијата.
Еминентни стоматолози специјалисти од Македонија исто така ќе земат активно учество на конгресот: д-р Митко Франгов, орален хирург и меѓународно лиценциран имплантолог, д-р Златко Вршковски, максилофацијален хирург и меѓународно лиценциран имплантолог, д-р Недим Касами, максилофацијален хирург и имплантолог, д-р Петар Вршковски, орален хирург и имплантолог, д-р Дијана Бојковска, орален хирург и имплантолог.
Во Македонија првпат стоматолозите учесници на конгресот ќе бидат дел од меѓународно акредитирана имплантолошка едукација и ќе добијат CME – европски кредит-поени.
Македонија
МОН известило дека деновите на изборите ќе се одработуваат во две саботи, а на 15 јуни и часовите пропшуштени поради самитот на ОБСЕ
Министерството за образование и наука (МОН) ги известило училиштата дека неработните денови на одржување на изборите ќе се одработат во две саботи, односно на 18 мај и 1 јуни, објави претседателот на Самостојниот синдикат за образование и култура (СОНК), Јаким Неделков.
Во дописот што го објави Неделков стои дека причината е за да се исполни одредбата од законот, со кој учебната година се остварува во 180 наставни дена, а притоа да не се продолжи учебната година.
МОН, покрај тоа, ги задолжува основните училишта во град Скопје на 15 јуни да ги одработат и пропуштените часови од 30 ноември лани, кој беше неработен ден поради одржувањето на министерскиот совет на ОБСЕ.
Неделков побара од министерот Јетон Шаќири веднаш да го повлече известувањето до училиштата.
„Од кога неработните денови преку ноќ стануваат работни? Министерот за образование веднаш да го повлече известувањето до училиштата, со кое се задолжуваат да ги одработат ‘неработните’ денови прогласени од Владата поради одржувањето на претстојните избори! Впрочем, и други учебни години завршувале и биле верифицирани од страна на министерот со помалку од 180 работни дена, како, на пример, учебната 2021/2022 година“, напиша Неделков на „Фејсбук“.
Владата, претходно, ги прогласи за неработни за сите граѓани деновите на одржувањето на изборите, 24 април и 8 мај.
Македонија
Пендаровски: Знам некои од другата страна кои имаат многу причини за страв од ветинг
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски вчеравечер од Кочани одговори зошто не е доцна во државата да се спроведе ветинг.
„2016 јас бев дел од тие кандидати за пратеници тогаш тоа го ветувавме. Добивме инструкција од Брисел дека заради негативните искуства во соседна Албанија, каде многу малку судии и обвинители го поминале тој тест, ветинг е проверка на имотната состојба, преведено на народски, дали си живеел во мандатот само од плата или си крадел и од други места. Значи, дали си чесен. Ги послушавме и дојдовме до 2% доверба во правосудството“, рече Пендаровски.
Во оваа насока тој истакна дека не само оваа политичка структура, туку дека после изборите сите треба да се заложат да се спроведе ветинг на судиите и на обвинителите, но и на политичарите.
„Значи не можеме ние целата вина да ја ставаме на судии и обвинителите, а самите да се амнестираме од тоа. Прво да се тргне од претседателот, од премиерот, од неговите роднини, пријатели, колеги, блиски, подалечни роднини, да не случајно си префрлил имот на друго име, само така ќе знаеме кој е човек со образ, кој суди по Устав и по закон. Сè друго е лажење на народот“, подвлече Пендаровски.
Потребно е да го спроведеме ветингот, за како што рече тој, граѓаните да не се сомневаат дали судиите и обвинителите работат согласно со законите или како што ќе им наложи некој друг.
„Да нема генерална перцепција во народот дека за 10 ќебапчиња или за 50 денари украдени на наплатна рампа одиш во затвор, а за милијарди украдени си живееш лагодно по не знам кој светски даночен рај. За да го избегнеме тоа, јас сум за ветинг или проверка на имотот на секој од нас и не само последните пет години. Ајде да тераме од 1990. Зошто да не? Јас немам од што да се плашам. Меѓутоа, знам некои од другата страна што имаат многу причини за страв“, заклучи Пендаровски.