Македонија
Николоски: Бараме македонски јазик без никакви дообјаснувања и почеток на преговорите, без промена на Уставот
ВМРО-ДПМНЕ изнесе неколку идеи во однос на преговарачката рамка на средбата на партиските работни групи во Клубот на пратениците, на која се разгледуваше францускиот предлог, но не и билатералниот протокол, кој сѐ уште не е дефиниран и потпишан со Бугарија.
Првата точка во која ВМРО-ДПМНЕ интервенира е точката 3 од општиот став, каде што бара реченицата „ЕУ ги зема предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија за македонскиот јазик“, да се избрише.
„Ова го бараме затоа што сметаме дека македонскиот јазик е самостоен, независен и нема што Бугарија да дава мислење во однос на македонскиот јазик, кој ќе станува дел од документите на ЕУ, и предлагаме јасно да пишува дека документите на ЕУ и сѐ друго во преговорите ќе бидат на македонски јазик. Значи, велат јасна формулација за македонскиот јазик, ова е јасна формулација за македонскиот јазик, македонски јазик без никакви изјави“, рече Николоски по средбата.
Втората работа што ја бара ВМРО-ДПМНЕ е во точката 5 од преговарачката рамка да се брише последната алинеја, која го вклучува договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година, како и годишните прегледи и мерки за негово ефективно спроведување според член 12.
„Во точката 5 ставени се критериумите според кои Македонија ќе напредува за сите држави, тоа се Копенхашките критериуми и договорите за стабилизација и асоцијација, само за Македонија се додаваат билатералните договори и специјално членот 12, во кој е предвидено дека Бугарија ќе има контрола врз нашата историја, нашите учебници, нашето образование и нашата самоидентификација, тоа не можеме да го прифатиме и затоа бараме да се избрише.
Понатаму, во преговарачката рамка бараме во точка 1 да се избришат зборовите „првата фаза од“, односно поедноставно кажано – да нема поделба на првата меѓувладина конференција и да не се условува со промена на Уставот, туку веднаш да почнат преговорите“, истакна Александар Николоски.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека уставни измени не се потребни за Македонија да почне преговори со ЕУ.
„Следно што бараме да се избрише е точката 13 од преговарачката рамка, која исто така го дели преговарачкиот процес. И, финално, точка 14 од преговарачката рамка, во која пишува дека ‘во таа насока го поздравуваме договорот за протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија формирана во согласност со членот 12 од договорот за добрососедство со Бугарија, овој важен чекор ќе придонесе кон добрососедските односи и регионална соработка, кои остануваат суштински елементи од процесот за проширување, како и од процесот за стабилизација и асоцијација’, предлагаме да се избрише условувањето со усвојување на протоколот и следни протоколи што би ги имала Македонија со Бугарија затоа што тие протоколи се уценувачки за Македонија и во нив се бара ревизија на македонската историја, македонската култура и самобитност“, рече Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Даштевски: Во првите два и пол часа пријавени се само технички проблеми, кабел или батерија, ги решаваме во од
Ситни техники проблеми околу биометриските уреди се пријавени во првите два и пол часа од гласањето. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски извести дека гласањето се одвива мирно и без неправилности, а техничките проблеми вели дека тековно ги решаваат.
„Пријавени се само технички проблеми, батерија или кабел на биометриските уреди кои ги решаваме во од. Сите гласачки места се отворени и засега нема прекин никаде“, рече претседателот Даштевски.
Одѕивот во првите два и пол часа е 3,85 отсто, но пристигнале податоци од само 832 избирачки места. На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
3,85 отсто е одѕивот за гласање во првите два и пол часа, 12 приговори пристигнале во ДИК
Одѕивот на граѓаните во првите два и пол часа од гласањето за избор на претседател на државата на седмите претседателски избори е 3,85 отсто. Гласањето е почнато навреме, се одвива мирно и без пријавени неправилности. Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски утрово рече дека одѕивот е мал, но мал е и бројот на избирачки места од кои се пристигнати податоци.
„До девет часот пристигнати се податоци за одѕив на гласачите од 832 избирачки места. Од вкупно запишани 42.748 гласачи на овие избирачки места, гласале 15.487 или 3,8 отсто од гласачите. До овој момент во ДИК се доставени вкупно 12 приговори за заштита на личното избирачко право кои се предмет на обработка“, рече Даштевски.
На бесплатниот телефонски број 0800 555 44 граѓаните можат да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија.
Активна е и видеокол линијата 076 488 360 преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат преку видео повик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик. На сите граѓани на располагање им се интернет страницата на ДИК www.sec.mk како и страниците на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“ и каналот на јутјуб.
На страната rezultati.sec.mk може да се следи во живо излезноста на гласачите, вкупна и по општини.
На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места. Податоци од повеќе избирачки места претседателот Даштевски најави за следната прес – конференција.
Македонија
Тошковски: Мислам дека изборниот ден ќе помине во најдобар ред
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека досега нема никакви нарушувања на гласањето а МВР веќе ги има распоредено сите полициски службеници ширум државата кои треба да се грижат за спроведување на фер и демократски процес.
„Немаме забележано никакви посериозни нарушувања на изборниот процес. Денот е убав, се надевам дека граѓаните ќе можат да го остварат своето гласачко право, на едни демократски избори. Покриени се сите сектори за внатрешни работи со технички услови. Се постапува според утврдените насоки од изборниот штаб“, додаде Тошковски.
Тошковски смета дека изборниот ден ќе помине во најдобар ред.
На претседателските избори учествуваат седум кандидати – пет мажи и две жени.
Кандидати се актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска која е поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето Знам, Стевчо Јакимовски од партијата Гром, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи кој е поддржан од Европскиот фронт.
Во Северна Македонија се одржуваат седмите претседателски избори.