Македонија
„Никофон“ платил 1.800 место 5.000 денари за квадрат за гаражата кај „Аутомакедонија“, Центар бара раскинување на договорот
Заедно со граѓаните до крај ќе се бориме кај „Аутомакедонија“ да не се изгради катна гаража, туку парцелата да им се врати на станарите и да се користи како паркинг, рече денес градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
„Никофон“, сопственикот на земјиштето превидено за катна гаража, од денес може да почне да гради оти добил судска одлука со која го добил и владението на парцелата, документ што досега му недостигал оти за парцелата владение имала фирмата „Паркинзи на Општина Центар“. Од паркингот предвиден да стане гаража висока 29 метри, градоначалникот Богдановиќ денес ги повика истражните органи да постапат по кривичните пријави поднесени за парцелата против „Никофон“ од станарите, како и по пријавите од Општината.
„Ова земјиште е продадено на јавна лицитација во 2012 година од тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, со намена за изградба на катна гаража од 29 метри, на донесен ДУП 2011 година, а потоа менуван или усогласуван заради потребите на самите инвеститори и за усогласување на сите овие градби што се никнати потоа. Во согласност со уредбата за продажба на јавно земјиште цената се формира во согласност со намената. Тука имаме 70 отсто катна гаража и 30 отсто деловен објект. Ако се земат цените што се во уредбата за продажба на јавното земјиште, се доаѓа до цена од 5.000 денари почетна цена, а овде таа е 1.800 денари. Со самото тоа целиот јавен повик треба да биде ништовен, со тоа не треба да има ни договор, а паѓа и одобрението. По преземањето на земјиштето, ги добивме и предметите и тие што веќе биле завршени, така што до Јавното обвинителство веќе поведовме постапки за основано сомневање за оштетување на буџетот и злоупотреба на службената должност и чекаме одговор“, рече градоначалникот Богдановиќ.
Со ревидирањето на детаљниот урбанистички план градоначалникот Богдановиќ вели дека не можеле да ја избришат катната гаража бидејќи во Општината веќе имало почнати првни процедури за објектот. „Никофон“ доби одобрение за градење во 2014 година кога градоначалник на општина Центар беше Андреј Жерновски.
„Одобрението за градење е со важност од 6 години, во 2020 истекува рокот, до тогаш треба да се изгради. Ние ќе направиме сè до тоа да не дојде“ , вели градоначалникот Богдановиќ, кој се сомнева дека инвеститорот брза за да го почитува рокот од одобрението за градење.
И станарите од зградите до парцелата и градоначалникот се пожалија дека Обвинителството со години не постапува по поднесените кривични пријави, па затоа одлучиле и јавно да ги повикаат.
„Сметам дека со овој начин малку ќе се освестат за да направат некои чекори оти ние нашето сме го направиле, граѓаните поднеле кривични пријави, никој не им одговара, ние поднесуваме како институција сомневања бидејќи сега ги имаме доказите во наши раце и веќе постапуваме и спремни сме тоа да го докажеме дека е така. Нека дојдат сите истражни органи, на крајот тука се и граѓаните со кои секојдневно споделуваме информации, еднаш засекогаш овие работи да се расчистат и да им се врати ова земјиште на граѓаните“, повика градоначалникот Богдановиќ.
За да ја спречат градбата, градоначалникот Богдановиќ вели дека му понудиле на „Никофон“ парично обесштетување или нова локација, но тој ги одбил сите предлози. Денес, кај парцелата беше и сопственикот Никола Настески, но остана на спротивната страна на паркингот, но не сакаше да даде изјава пред камера. Тој утрово кај парцелата за катната гаража беше дојден со екипа која со себе носеше инструменти за мерење на просторот, но не успеаја да дојдат до парцелата.
Кај парцелата цело утро имаше полиција, а стража најавија и станарите, кои се решени да дежураат на паркингот за да не дозволат да почне да се гради. Ним денес градоначалникот Богдановиќ им објасни дека Општината во следниот период јавно ќе ги покаже сите документи, кои укажуваат дека договорот за купопродажба на земјиштето треба да се раскине.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Едукативен мото настан утре во Кисела Вода
Утре, со почеток во 11 часот, пред салата Расадник, ќе се одржи едукативен мото настан од отворен карактер „Сите возиме, но некои знаат“.
На присутните од страна на лиценцирани инструктори, ќе им биде презентирани важноста за техничка исправност на моторното превозно средство (мопед, скутер, мотор), правилната употреба на безбедносна опрема за возење, како и справување во реални ситуации на улица.
„Низ дружење со претставници и членови од мото клубови, автошколи и здруженија ќе се изврши едукација за безбедно возење во и надвор од урбани средини, за брзината како фактор за општа безбедност и за намалувањето на загаденоста на воздухот преку користење на електрични превозни средства“, велат од општина Кисела Вода.
Македонија
Ќе се основа Медицински факултет во Битола, усвоени се законските измени
Со усвоениот Закон предложен од пратениците на СДСМ основаме Медицински факултет во Битола, изјави пратеничката Жаклина Лазаревска.
Медицинскиот факултет ќе биде во состав на Универзитетот ,,Св. Климент Охридски” – Битола а ќе ги има отсеците за општа медицина, стоматологија, фармација и Висока медицинска школа.
Како што објави Лазаревска, наставните бази на Факултетот ќе бидат Клиничката болница Битола, Специјалната болница за кардиолошки заболувања „Свети Стефан“ Охрид, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ Охрид , Специјалната болница за нефрологија Струга и болницата со проширена дејност во Прилеп.
„Обезбедуваме висок степен на образование и обука за студенти кои ке станат идни лекари, со потребни знаења и вештини. Со основањето на Медицинскиот факултет Битола ќе го утврди своето место како регионален образовен центар и ќе даде можност на средношколците од градот и околните населени места, да студираат во своето место. Значително ќе допринесе во создавањето на нов стручен кадар, подобрување на здравствениот систем и одржување на високи стандарди за образованието, етиката и праксата во областа на медицината“, изјави Лазаревска.
Како што рече, ова ќе влијае на зголемување на квалитетот на здравствени услуги преку обучени и компетентни лекари за подобрување на здравјето на населението.
Скопје
Герасимовски: Конечно, Работнички се враќа на шампионските патеки
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера вечер присуствуваше на тренингот на КК Работнички во салата Кале. Со кошаркарите разговараа за издигнувањето на тимот и потребите за достигнување на високи резултати и на следните натпревари.
„Сакам да се заблагодарам пред се и на тренерот на цел стручен тим но и на сите играчи за одличните резултати коишто ги имаме годинава. Успеавме со клубот од невозможно да направиме возможно. Клубот којшто го начекавме пред две години на 10то место со 4-5 неисплатени плати и долг од 600 000 евра да го вратиме на победничките патеки. Важно е што во моментов табелата трепка што сме на прво место и се надевам дека тоа така ќе остане и до крај. Јас верувам дека ќе имаме успех оваа сезона и уште поголем успех следната“, им порача Герасимовски на кошаркарите.
При средбата Герасимовски ги извести играчите дека општина Центар го има имотниот лист на салата и успеа да го исполни ветувањето дека ќе ја врати сопственоста на салата под ингеренции на општината.
Општина Центар на крајот на минатата година доби финансиски средства од Владата во вредност од 30 милиони денари наменети за реконструкција на салата, при што Герасимовски ги информираше играчите со процесот и проект планот кој е веќе во изработка за реновирање на матичната сала на Работнички. Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки, ви благодарам за тоа, порача Герасимовски.