Македонија
Ниски температури, снег, голомразица и влажни коловози – возете внимателно
И покрај тоа што температурите се релативно високи за овој период од годината, сепак, во последните неколку денови во земјава имаше значително влошување на временските услови. Појавите на дожд, магла и снег се очекува да се интензивираат во наредниот период. Општо познат факт е дека временските услови влијаат на безбедното одвивање на патниот сообраќај и токму затоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до учесниците во сообраќајот да бидат внимателни, одговорни и подготвени за безбедно управување на возилото при ниски температури и зимски услови на патиштата.
РСБСП посебно потсетува дека:
• Обврската за поседување зимска опрема во возилата започна на 15 ноември минатата година и трае до 15 март оваа година. Оние возачи кои сè уште не обезбедиле зимска опрема (синџири за снег или зимски гуми), потребно е веднаш да го сторат тоа, бидејки покрај санкциите предвидени со ЗБСП и можноста полицискиот службеник да ги отстрани од сообраќај, со необезбедувањето на зимската опрема ја загрозуваат сопствената безбедност, но и безбедноста на сите други учесници во сообраќајот.
• Намалете ја брзината. Во услови на ниски температури и обилни врнежи од дожд или снег, појавата на голомразица на патот, влажни и лизгави коловози е очекувана, особено ако патувате во раните утрински или доцните вечерни часови. Затоа бидете внимателни, прилагодете ја брзината според условите на патот и запомнете дека најважно од сè е живи, здрави и безбедни да пристигнете на посакуваната дестинација.
• Држете безбедно растојание. Лошите временски услови и непогодната состојба на коловозите влијаат на сопирачкиот пат на возилото. Затоа, држете безбедно растојание и внимавајте на однесувањето на другите учесници во сообраќајот.
• Бидете предвидливи. За безбедно одвивање на сообраќајот при дожд, влажни и замрзнати коловози особено важно е вашите постапки во сообраќајот да бидат најавени, очекувани и предвидливи. Согласно тоа, редовно користете трепкачи и избегнувајте нагли дејствија, како нагло свртување, нагло запирање, забавување или забрзување на возилото.
• Возете внимателно во услови на магла. Секогаш кога се движите низ магла, прво намалете ја брзината и вклучете ги соборените светла и светлата за магла (доколку поседувате). Почитувајте ги ограничувањата на брзината и не престигнувајте сè до моментот кога вашето видно поле не стане чисто и прегледно, а вашето престигнување безбедно.
• Внимавајте на одрони на патот. Одрони на пат, наноси на земја, песок, камења на патот, итн. во овој период од годината е карактеристична појава што може да биде многу опасна за сообраќајот. Затоа возете внимателно и намалете ја брзината, особено ако возите во услови на дожд, во планински предели или во други непознати области каде што не ги знаете доволно карактеристиките на патот и патната околина.
• Направете техничка проверка на возилото. При зимски услови на патот, посебно важно е да управувате технички исправно возило. Искуствата покажуваат дека при ниски температури и влажни и лизгави коловози на површина излегуваат сите неисправности на возилото. За ваша безбедност, за безбедно и непречено пристигнување на посакуваната дестинација, направете редовна зимска проверка на возилото, со посебен акцент на проверка на системот за управување, системот за запирање, пневматиците, електрониката, итн.
РСБСП потсетува дека безбедноста во сообраќајот зависи од сите нас поединечно. „Доколку сите бидеме внимателни и одговорни во сообраќајот, доколку сите ги почитуваме сообраќајните правила и прописи, бројот на сообраќајни незгоди и бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди значително ќе се намали“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На 12,78 отсто се искачи одѕивот до 11 часот, најголем во Демир Капија 23,99 отсто
До 11 часот на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до девет часот, се искачи на 12,78 отсто.
Најголем е одѕивот во Демир Капија, 23,99 отсто, каде што од вкупно 3.208 граѓани до 11 часот гласале 769.
На седмите претседателски избори во земјава право на глас имаат 1.814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
Даштевски: Во првите два и пол часа пријавени се само технички проблеми, кабел или батерија, ги решаваме во од
Ситни техники проблеми околу биометриските уреди се пријавени во првите два и пол часа од гласањето. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски извести дека гласањето се одвива мирно и без неправилности, а техничките проблеми вели дека тековно ги решаваат.
„Пријавени се само технички проблеми, батерија или кабел на биометриските уреди кои ги решаваме во од. Сите гласачки места се отворени и засега нема прекин никаде“, рече претседателот Даштевски.
Одѕивот во првите два и пол часа е 3,85 отсто, но пристигнале податоци од само 832 избирачки места. На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
3,85 отсто е одѕивот за гласање во првите два и пол часа, 12 приговори пристигнале во ДИК
Одѕивот на граѓаните во првите два и пол часа од гласањето за избор на претседател на државата на седмите претседателски избори е 3,85 отсто. Гласањето е почнато навреме, се одвива мирно и без пријавени неправилности. Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски утрово рече дека одѕивот е мал, но мал е и бројот на избирачки места од кои се пристигнати податоци.
„До девет часот пристигнати се податоци за одѕив на гласачите од 832 избирачки места. Од вкупно запишани 42.748 гласачи на овие избирачки места, гласале 15.487 или 3,8 отсто од гласачите. До овој момент во ДИК се доставени вкупно 12 приговори за заштита на личното избирачко право кои се предмет на обработка“, рече Даштевски.
На бесплатниот телефонски број 0800 555 44 граѓаните можат да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија.
Активна е и видеокол линијата 076 488 360 преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат преку видео повик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик. На сите граѓани на располагање им се интернет страницата на ДИК www.sec.mk како и страниците на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“ и каналот на јутјуб.
На страната rezultati.sec.mk може да се следи во живо излезноста на гласачите, вкупна и по општини.
На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места. Податоци од повеќе избирачки места претседателот Даштевски најави за следната прес – конференција.