Македонија
Нова фитнес-зона во Карпош
На кејот на реката Вардар, во близина на алпинистичката карпа, денеска е поставена нова фитнес-зона, уште едно спортско катче во општина Карпош.
Во рекреативната зона на кејот присуствуваа повеќе спортски клубови чии спортисти имаа шанса да вежбаат на справите што ќе бидат достапни за сите граѓани.
Оваа фитнес-зона е донација од компанијата „Бимилк“. Во оваа пригода градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, ги поздрави општествената одговорност на компанијата и покажаната грижа за развивање на здравите навики кај граѓаните и локалната заедница.
– Задоволство ми е што фитнес-зоната се надоврзува токму на овој потег, каде што граѓаните во овој период од годината традиционално спортуваат и се активни – рече Богоев.
Градоначалникот напомена дека на оваа локација, од алпинистичката карпа до бунарите на реката Вардар, ќе биде изграден и новиот парк, кој дополнително ќе го облагороди просторот со ново зеленило и содржини, како и парк за миленици, така што целиот комплекс покрај Вардар во овој дел на кејот ќе биде исклучително атрактивна рекреативна зона во Карпош.
– Главниот фокус на нашата компанија е здравјето, и тоа не само преку обезбедување здрави млечни производи за нашите потрошувачи туку и преку континуирана поддршка на рекреацијата и спортот – истакна Полексена Јанкуловска, маркетинг-менаџер во „Бимилк“.
Оваа т.н. баланс + зона има цел да го поттикне здравиот начин на живеење и на директен начин да придонесе за зголемување на физичките активности на граѓаните.
Локалната самоуправа продолжува да работи на омасовување на спортот и подобрување на спортската инфраструктура. Оваа година беше отворена и новата современа фитнес-зона во Карпош 4.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Спасовски: Минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари
Носителот на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, предводена од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, оствари средба со пензионерите од Куманово.
„Во спектарот на еднаквите можности за сите е и грижата за нашите највозрасни граѓани – пензионерите. Токму затоа, не се откажуваме! Продолжуваме со подобрување на животниот стандард на пензионерите. Во следниот мандат предвидуваме минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. СДСМ и коалицијата “За европска иднина” продолжуваат да вложуваат на вистинскиот пат, патот кон Европа каде нашата земја ќе продолжи да се развива со нови работни места, повисоки плати, повисоки пензии и подобар животен стандард за сите”, истакна Спасовски.
Македонија
Спречени 3.000 вработувања и унапредувања предложени од техничката Влада
Управниот суд ги поништи решенијата за вработување и унапредување на над 3.000 вработени во Министерството за финансии и јавниот сектор бидејќи се прекршил Законот за техничката влада, соопшти заменик-министерката за финансии, Елена Петрова.
Како што вели, иако одлуките морало да бидат одобрени со нејзин потпис, како што предвидува Законот за техничката влада, министерот Бесими ги потпишал сам.
„Незаконити се одлуките на министерот за финансии и државниот секретар во Министерството за финансии по спроведените постапки за вработување и унапредување во Министерството за финансии, како и одлуките на министерот за финансии за давање согласности за вработување во јавниот сектор, сите донесени по формирањето на преодната Влада за организирање на изборите. Ова е потврдено со судски одлуки. Вишиот управен суд донесе две пресуди во моја корист, со кои ги поништи како незаконити одлуките на ДИК, кои беа донесени врз основа на барање на Министерството за финансии“, рече Петрова и додаде:
„Со поништувањето на одлуките на ДИК сите наведени акти поврзани со вработување во Министерството, кои не се потпишани со врзан потпис на министерот за финансии и на дополнителниот заменик-министер, не произведуваат правно дејство. Тоа се однесува и на издадените согласности за вработувања по сите основи во целиот јавен сектор, како и почнатите постапки врз основа на тие согласности“.
Македонија
Македонската армија ѝ се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд
Од Армијата на Македонија ги измешаа знамињата на Норвешка и Исланд.
Во благодарноста на „Фејсбук“ триесетина минути стоеше, наместо норвешкото, знамето на Исланд.
„Моторните возила од Кралството Норвешка веќе се на својата крајна дестинација. По нивното распоредување, армиските единици ќе добијат поголема транспортната способност и мобилност“, напишаа од македонската Армија.