Македонија
Новинарите ќе добијат бесплатни тестови на коронавирус
Министерството за здравство на барање на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во наредните денови ќе организира бесплатен скрининг за новинари и медиумски работници на Ковид-19.
Во последниот период новинарите и медиумските работници кои известуваат на терен за активностите на учесниците во предвремените парламентарни избори, поради зголемениот обем на работа, дополнително се изложени на коронавирусот. Освен тоа, во ЗНМ беше пријавено дека во некои од националните медиуми имаат нови позитивни случаи на заразени новинари и медиумски работници, но и колеги што се сомневаат дека се заразени.
Поаѓајќи од тоа, но и од потребата да им се даде приоритет на новинарите и медиумските работници, ќе се спроведе скрининг во два круга. Во првиот круг ќе бидат опфатени новинари и медиумски работници од информативните програми од поголемите медиуми со цел да се утврди дали и колку од вработените се заразени. Ова ќе придонесе да се спречи ширење на болеста во овие редакции, каде што има поголем број лица што работат во исто време во ограничен простор. Според првичната процена, целта е да се опфатат најмалку 500 новинари и медиумски работници во првиот круг во период од 3 дена, а во зависност од исходот, соодветно ќе се планираат временската рамка и начинот на спроведување на скринингот и во вториот круг.
Поголемите редакции ќе добијат подетаљни информации во текот на утрешниот ден со цел да се направи соодветен распоред за спроведување на скринингот. За помалите редакции, дополнително ќе следуваат информации за скринингот по завршување на првиот круг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.