Македонија
Нов кружен тек во Чаир
Град Скопје ја заврши изградбата на кружниот тек меѓу улиците Втора македонска бригада и Кемал Сејфула во општината Чаир. Покрај изградбата на кружната крстосница со надворешен радиус од 11,5 метри и со асфалтна површина од 3.800 квадратни метри, изведени се и водоводна мрежа, атмосферска и фекална канализација. Поставено е и ЛЕД-осветлување со 24 нови канделабри со висина од 7 метри.
„Станува збор за инвестиција вредна речиси 20 милиони денари, инвестиција што ќе им овозможи на граѓаните од овој дел од градот поголема безбедност во сообраќајот имајќи предвид дека во непосредна близина на овој кружен тек се наоѓа ОУ ‘Петар Здравковски – Пенко’, средното училиште ‘Арсени Јовков’ и Поликлиниката ‘Чаир’. Во неколку наврати, во текот на изборите и веќе две години откако сум градоначалник, кажувам дека инвестирањето во инфраструктурата на северниот дел од градот е многу битна за развојот на градот. Рамномерното развивање на градот е еден од императивите што јас ги имам како градоначалник, да ги пробиеме непробиените коридори што се предвидени во Генералниот урбанистички план. Веќе го завршивме булеварот Христијан Тодоровски – Карпош, а интензивно се работи на булеварот Босна и Херцеговина. Кога ќе се поврземе со булеварот Словенија, веќе ќе може да зборуваме за поврзување на општините Карпош, Чаир, Бутел и Центар на еден поинаков и поквалитетен начин“, рече градоначалникот Петре Шилегов на денешната прес-конференција.
Значајно е да се нагласи дека околу кружниот тек е изведена и велосипедска патека, која во текот на оваа сезона ќе се продолжи по улицата Кемал Сејфула со цел да се овозможи приклучување на овој дел од градот во велосистемот на Град Скопје. Шилегов денеска им се заблагодари на граѓаните за покажаното трпение додека се изведуваа градежните работи на кружниот тек меѓу улиците Втора македонска бригада и Кемал Сејфула.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонија денеска избира претседател: седум имиња се на гласачкото ливче
Во Северна Македонија ќе се одржат седмите претседателски избори, а до затворање на избирачките места во 19 часот, на сила е изборен молк.
Евентуалниот втор круг од претседателските избори е закажан за 8 мај, за кога се закажани парламентарните избори.
На претседателските избори учествуваат седум кандидати – пет мажи и две жени.
Кандидати се актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска која е поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето Знам, Стевчо Јакимовски од партијата Гром, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи кој е поддржан од Европскиот фронт.
Владата го прогласи денот на изборите за неработен.
Во избирачкиот список за претседателските избори се запишани 1.814.317 избирачи, а во странство ќе гласаат 2.569 гласачи со државјанство на Северна Македонија.
Во посебен избирачки список запишани се 2.147 лица кои издржуваат затворска казна или притвор.
Скопје
ЈСП: Јавниот превоз по неделен возен ред, жичницата на Водно нема да работи
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје соопшти дека јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема да работи.
Како што се појаснува во соопштението, дежурни од седум до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно и потопло со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има локален слаб дожд, краткотрајно пороен, проследен со појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени.
Во Скопје променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотраен пороен дожд со ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Во четврток ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи, а на повисоките планини ќе преминуваат во повремен слаб снег. Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време.