Македонија
(Видео) Ноќна блокада во Бутел, по три дена без струја, жителите од вечерва на улица
Бутел вечерва повеќе од три часа е под сообраќајна блокада. Педестина граѓани ја блокираат крстосницата на улиците Босна и Хереговина и Александар Урдаревски во близина на поранешните судски бараки, оти трет ден се без струја. Се жалат дека постојано имале прекини во снабдувањето, но откако три дена ЕВН воопшто не им пуштиле струја решиле да излезат на улица и преку блокади да направат притисок на претпријатието.
„Ќе останеме цела ноќ, а блокадата ќе продолжи и утре. Нема да дозволиме никој од овде да помине. Луѓето на Марс одат, а ние три дена живееме без струја. Имаме семејства, мали деца, болни луѓе“, револтирани се граѓаните.
Струја немаат околу 120 куќи во близина на Градските гробишта Бутел. Протестирале и вчера, пред пунктот на ЕВН во Бутел, но без блокада на сообраќајот. Откако не издејствувале да им биде пуштена струја, вечерва во 18 часот излегле на протест прво пред пунктот на ЕВН, а од 20 часот ја блокираат крстосницата. Со триесетина автомобили блокирани се сите пристапи до оваа крстосница, а полиција го регулира сообраќајот на сите околни улици.
Полицајците велат дека протестот бил најавен. Тие вечерва трпеливо им објаснуваат на сите возачи дека е невозможно да ја минат крстосницата и ги пренасочуваат по други улици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изет Меџити од Берлин: Дијаспората ја совлада Југославија, ќе го совладат и ДУИ
Лидерот на Демократското Движење, истовремено и носител во изборната единица број еден, Изет Меџити, учествуваше во голем собир со дијаспората во Берлин на Коалицијата ВЛЕН (ВРЕДИ).
Меџити од овој собир на дијаспората и се обрати со зборови каде им ја даде убавата вест дека на 8 мај пристигнува победата, но и за вредноста на учеството на дијаспората во овие избори кои многу добро знаат да казнуваат режими и тие кои го мразат Курти и Косово.
„Првите политички движења се отпочнати од дијаспората, како за совладување на Југославија, така и за независноста на Косово, а токму од ова дијаспора ќе пристигне и казната за ДУИ која се спротиставува на Косово и кокетира со Вучиќ”.
Тој, исто така, додаде дека сега е историскиот момент за промени во албанската политичка сцена после децении, со обединетата опозиција и со Самоопределување.
Македонија
Во Скопје санкционирани 179 возачи
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (19.04.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
На територија на град Скопје изречени се вкупно 179 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 51 санкција, 11 мерки за возење без возачка дозвола, осум санкии за поминување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за управување под дејство на алкохол…
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Посебен сообраќаен режим викендов во Скопје поради предизборни митинзи
Поради предизборни митинзи за претседателските избори викендов во централното градско подрачје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим.
Како што информира Министерството за внатрешни работи од денеска од 19 часот до утре до 21 часот на улицата „Св. Кирил и Методиј“ ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради одржување на митинг што ќе се одржи утре во 13 часот пред седиштето на Европската унија. За сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосницата со бул.„Кочо Рацин“ до крстосницата со бул.„Св. Климент Охридски“.
Утре во 20 часот на плоштадот „Македонија“, пак, ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори поради што Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.