Македонија
Обвинение против 13 лица за убиството во Мала Речица
Основното јавно обвинителство Тетово поднесе обвинение против 13 лица за учество во вооружениот инцидент во Мала Речица во кој на 5 април годинава беше убиен кумановецот Наип Реџепи, а двајца беа повредени.
Против четири лица е поднесен обвинителен акт со предлог за продолжување на мерката притвор, со кој едно лице се товари за убиство и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Три лица се товарат за обид за убиство и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Надлежен јавен обвинител до Основниот суд Тетово предложи на тројцата обвинети кои се уапсени, како и на еден обвинет кој и натаму е во бегство да им биде продолжен притворот до правосилноста на пресудата против нив.
Против останатите девет лица Основното јавно обвинителство Тетово поднесе обвинителен предлог за учество во тепачка. За осуммина обвинети е доставен предлог за определување мерки на претпазливост, додека за едно лице е предложен притвор до правосилност на пресудата, бидејќи станува збор за државјанин на Република Албанија.
„Во текот на истрагата јавниот обвинител утврди дека обвинетите лица биле дел од две меѓусебно спротивставени групи, кои по претходен договор и заради претходна меѓусебна нетрпеливост, со возила дошле на местото на инцидентот во Мала Речица. Петмина, меѓу кои и починатото лице, биле вооружени со пиштоли, по што дошло до меѓусебна вербална расправија која прераснала во тепачка и употреба на огнено оружје. Освен пиштоли, во тепачката биле користени бејзбол палки, секира, нож и други предмети“, соопшти обвинителството.
Притоа се тврди дека обвинението на Основното јавно обвинителство Тетово е поткрепено со прибран опсежен доказен материјал, резултати од поголем број вештачења, анализи на траги од оружје и траги од биолошко потекло, како и обезбедени видеозаписи од надзорни камери.
Во селото Мала Речица на петти месецов се случи престрелка помеѓу две групи лица кои биле со неколку автомобили. Притоа, во престрелката беше убиен Наип Реџепи (47) од село Белановце, Липковско, додека со тешки телесни повреди се здобил М.Ф, 23-годишник од кумановското село Черкези, кој поради серозноста на повредите веднаш бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Во пукањето со телесни повреди се здобил и 42-годишниот кумановец Р.С.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ангелов за ДУИ: Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата
Колку и да е убедлива, победата нема да биде комплетна доколку ДУИ не биде срушена од власт, вели претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов по првиот круг од претседателските избори.
„Затоа е потребна општа мобилизација за уште посилна победа на коалицијата “Твоја Македонија” предводена од ВМРО ДПМНЕ. Граѓаните ги отпишаа СДСМ, да запнеме сите заедно да ги отпишеме и ДУИ. Овојпат ДУИ мора да падне! Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата!“, порача Анеглов.
Ангелов пред еден месец соопшти дека неговата партија излегува од коалицијата предводена од СДСМ.
Тој со години се залагаше воените инвалиди и семејства на загинатите бранители да бидат обештетени, но немаше слух од своите коалициони партнери. Како што самиот рече, добивал поддршка од премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, но поради противењето на ДУИ тоа не се случило.
Македонија
Стевчо собра повеќе потписи од гласови – поразот на Јакимовски главна тема на социјалните мрежи
Кандидатот за претседател на ГРОМ и актуелен градоначалник на скопската општина Карпош Стевчо Јакимовски, на вчерашниот прв круг од претседателските избори освои само 8.103 гласови односно 0,90%. Тоа е помалку од бројот на собрани потписи за претседателска кандидатура, зад која му се потпишаа 10.000 граѓани.
Јакимовски во неговата општина освои 2.143 гласови, додека во родната Крива Паланка за Јакимовски гласале 182 граѓани.
Тој вчеравечер призна пораз и ѝ честиташе водство на Гордана Сиљановска-Давкова. Додаде дека не е задоволен од изборниот резултат.
Поразот на Јакимовски вчера беше главна тема на социјалните мрежи.
Стевчо Јакимовски ни комшиите не го гласале. Пошо да го гласаа ќе тепаше у прв круг.
— Ракун (@HumoroidM) April 24, 2024
И доктортот Нико Беќаровски за него објави хумористичен статус.
„Стефчо Јакимовски собра повеќе потписи од гласови“, напиша тој на фејсбук.
Стевчо Јакимовски во првиот круг заврши последен по бројот на гласови на претседателските избори.
Македонија
Почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро
На 75 години денеска почина менаџерот Велибор Џаровски- Џаро по кусо боледување, потврди семејството. Тој важи за една од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија.
Тој соработуваше со најголемите југословенски естрадни ѕвезди, а беше познат и како „крал на местенките“ во фудбалот.
Соработуваше со големи музички ѕвезди како Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза Кесовија, Лепа Брена.
Своевремено има изјавено дека организирал 5.000 концерти и бројни турнеи во повеќе од тридецениската кариера како менаџер.