Македонија
Обвинителството нема да го гони советникот на министерот Оливер Спасовски
Јавен обвинител од скопското Обвинителство донел неправосилно решение да ја отфрли кривичната пријава за советникот на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, Драган Симоновски, која му ја поднесе МВР за одавање државна тајна, потврдија од Обвинителството за „Макфакс“.
„Јавниот обвинител минатата недела донесе решение за отфрлање на кривичната пријава, со оглед на тоа што од обезбедените вербални и материјални докази во рамките на предистражната постапка не се потврдија основите на сомнение за сторено кривично дело“, велат од скопското Обвинителство.
Оттаму додаваат дека основа за проверка биле и приложените докази кон кривичната пријава. „Сите проверки беа направени и тие основи од кривично-правен аспект не се потврдија. Донесеното решение сè уште не е правосилно“, велат од Обвинителството за „Макфакс“.
Симоновски беше осомничен дека одал службена тајна, односно на осомничена во случај на МВР ѝ кажал дека нејзините активности се следат и нејзиниот телефон е под посебни истражни мерки.
Советникот Симоновски е долгогодишен припадник на МВР, кој беше приведен во март во Полициската станица Кисела Вода. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во март рече дека очекува институциите да го расветлат овој случај и дека не смее да има каква било толеранција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.