Македонија
Обезбедена нова финансиска помош за 1.000 лица од ранливите категории
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, и генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити, денеска ја најавија новата финансиска поддршка наменета за 1.000 корисници на Гарантирана минимална помош, во чии домаќинства има член над 69 години.
Тие информираа дека овие лица ќе добијат еднократна помош во висина од 4.685 денари, средства наменети за покривање на здравствените трошоци предизвикани од староста, болеста, видот и степенот на попреченост, обезбедување на основни средства за домаќинството или да се задоволат други потреби кои ги имаат овие корисници.
Финансиската поддршка се реализира во рамки на проектот „Зајакнување на отпорноста на стари лица и лица со попреченост во време на Ковид-19 и идни катастрофи“, на Црвениот крст на Република Северна Македонија поддржан од Европската Унија, австриската Агенција за развој и австрискиот Црвен крст.
Министерката Тренчевска истакна дека Министерството за труд и социјална политика континуирано работи на унапредување на социјалните права и услуги во државата, со цел да обезбеди заштита и да ги подобри условите за живеење на сите граѓани во државата, со акцент на најранливите категории.
„Оваа Влада ја воведе Гарантираната минимална помош, со што значително се зголемија трансферите кон семејствата кои имаат ниски или воопшто немаат приходи, се воведе универзален детски додаток, со кој бројката на деца корисници на ова право се зголеми од 3.724 на 21.886, се воведе додатокот за образование за децата и во основно и во средно образование и со тоа бројката на корисници се зголеми од 3.800 на 28.749, се воведе таканаречената социјална пензија, а надоместокот за скратено работно време се зголеми на висина на 50% од просечната нето плата и постојано се работи на развој на нови услуги“, рече Тренчевска.
Таа се осврна и на најновите мерки, креирани како одговор на здравствената и енергетската криза и случувањата во Украина. Финансиска поддршка од 1.000 денари во наредните три месеци за околу 36.000 граѓани од ранливите категории и 330.000 пензионери во државата. Истовремено, бележиме и раст на минималната плата на 18.000 денари.
Генералниот секретар Саити информираше дека корисниците на Гарантирана минимална помош се мапирани во соработка со Министерството за труд и социјална политика и се семејства кои се социо-економски ранливи и лица со попреченост.
„По исплатата на финансиската помош, која треба да се реализира до 31 март, волонтери на Црвениот крст ќе ги посетат сите 1.000 семејства, со цел да се процени употребата на финансиската помош обезбедена преку проектот во месеците април и мај.
Министерката Тренчевска изрази благодарност до Црвениот крст на Република Северна Македонија, кои се секогаш тука да ѝ помогнат на државата во справување со кризни состојби и да обезбедат помош и поддршка на најранливите категории во општеството.
При денешната посета на Црвениот крст министерката Тренчевска го посети и Центарот за обуки на Црвениот крст на Северна Македонија, каде се спроведуваат обуки согласно 4 верификувани програми, за негователи за помош и нега во домот, лична асистенција на лица со попреченост, палијативни негователи за изнемоштени лица и асистенција за нега на лица со алцхајмерова болест.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: Приведен е и трет осомничен во врска со убиството на лекарот во скопска Железара
Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека е приведено уште едно лице во врска со убиството на матичниот лекар во скопска Железара, кој беше најден со девет убодни рани.
„Во согласност со моите информации приведено е уште едно лице. Приведени се вкупно три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови. Се продолжува со други истражни дејства сè со цел да може да се утврди соодветната фактичка состојба. Штом имаме дополнителни нови информации, јавноста ќе биде дополнително известена“, рече Тошковски.
Тој не сакаше да ги коментира обвинувањата од СДСМ дека откога е дојден на местото министер за внатрешни работи, работите не одат на подобро.
„Вакви изјави не заслужуваат сериозен одговор затоа што се несериозни изјави. Тотално не би ги коментирал“, рече Тошковски и додаде дека македонскиот народ се смее на она што се обидуваат да го тераат како приказна и повика да завршат ваквите паушални обвинувања.
Македонија
Апасиев: НАТО не носи демократија, НАТО е кршач на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, за декларацијата на Собранието по повод четири години од членството во НАТО истакна дека Нато не носи демократија.
Нато, според него, е кршач на меѓународното право и повелбата на Обединетите Нации.
„Без дозвола на Совет за безбедност НАТО ја нападна Југославија во 1999 година, ја нападна Либија, го нападна Ирак и редици други држави.
Последниот пункт е дека народот сакал во НАТО. Не е точно. Не е испочитуван член 120 од уставот кој што вели: Одлуката за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена ако на референдум за неа гласало мнозинство од вкупниот број на избирачи. Референдумот во 2018 беше неуспешен и немаше цензус и оттука уставниот услов за да влеземе во НАТО не е испочитуван, што значи противуставно и против волјата на народот сме влезени во НАТО”, додава Апасиев.
Скопје
Арсовска избрана за портпарол и координатор за следење и спречување на корупција
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, денес во Совет на Европа на конгресот на локални власти едногласно е избрана за портпарол и координатор за следење и спречување корупција на локално и регионално ниво.
Арсовска минатата година беше избрана за потпретседател на Европската народна партија за локални власти, а годинава со нов мандат за портпарол и координатор за следење и спречување корупција на локално и регионално ниво ќе ги води и следи процесите на почитување на европскиот кодекс на однесување за сите лица вклучени во локалното и регионалното управување.
Нејзини надлежности, како што информираат од Град Скопје, меѓу другите, се да го координира и подобри влијанието на работата на конгресот за спречување на корупцијата во локалните власти, да известува за утврдени случаи на корупција на локални и регионални власти и да ја промовира стратегијата на конгресот за спречување на корупцијата и унапредување на јавната етика на локално и регионално ниво.
Арсовска ќе го претставува конгресот на сите значајни настани организирани од Советот на Европа и меѓувладиниот сектор за прашања на јавната етика и справување со корупцијата, организира и координира активности со групата држави против корупцијата (ГРЕКО), со цел идентификување и размена на добри практики, решенија за предизвиците и начини за промовирање на јавната етика и спречување на корупцијата.