Македонија
Обработени над 90 отсто гласови: Мнозинството гласале „за“, одѕивот околу 36,4 отсто
Според првичните неофицијални резултати на Државната изборна комисија по гласањето на референдумот, од процесирани 92,23 отсто од гласовите – 91,38 отсто се „за“, а 5,72 се „против“. Според последно објавените податоци кои не се конечни и официјални, одѕивот на референдумот е 36,41 отсто, односно гласале 602.498 гласачи впишани во Избирачкиот список. Право на глас на референдумот имаа 1.806.336 гласачи.
Резултатите се однесуваат на пребројани гласови од 3.240 од вкупно 3.513 избирачки места во државата.
Според Комисијата, на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, од досега пребројаните гласови 550.576 гласачи одговориле дека се „за“, а 34.476 дека се „против“. Неважечки се 17.446 гласачки ливчиња.
Претседателот на Джравната изборна комисија, Оливер Дерковски, рече дека официјалните и конечни резултати ќе бидат соопштени во текот на утрешниот ден.
„Спроведовме добар референдумски процес. Секој на свој начин придонесе за успешноста на процесот, атмосферата беше добра со минорен број инциденти“, рече Дерковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.