Македонија
Оваа недела ден без автомобили во Скопје
В недела, 30 мај, Град Скопје ќе организира ден без автомобили под мотото „Улици за луѓе“. За таа цел, улицата Васко Карангелевски во Аеродром ќе биде затворена за автомобилски сообраќај вкупно 12 часа, во периодот од 8 до 20 часот. На потегот од булеварот Јане Сандански до крстосницата со улицата Владимир Комаров ќе се одржат разни културни активности за возрасните, но и за најмладите.
„Организирањето ваков ден без автомобили може да биде одличен пример за насоката во која се движи Градот, со цел промоција на политиките за креирање одржлив сообраќаен систем, но и да даде можност граѓаните активно да се вклучат и да ги почувствуваат придобивките од хуманизацијата на урбаниот простор“, велат од Град Скопје.
Ваквите активности, велат од таму, исто така одат во прилог на зацртаната цел на Град Скопје да се стекне со титулата зелена престолнина во Европа. Таму токму одржливата урбана мобилност е еден од дванаесетте критериуми и особено е нагласено дека Градот треба да се стреми кон преполовување на употребата на автомобили со конвенционални фосилни горива до 2030 година.
„Деновите без автомобили се едни од главните промотори на одржливиот транспорт, а ова е докажано преку многу примери во Европа и светот“, велат од Градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.