Македонија
Одбележана 10 годишнина на Школата за млади лидери на претседателот Иванов
Со гала вечера вчера вечер во Струга беше одбележана 10-годишнината од постоењето на Школата за млади лидери, што по иницијатива на претседателот Ѓорге Иванов, во изминатата деценија се одржува во Охрид и во Струга.
На гала вечерата, на која присуствуваа учесници од десетте генерации и донатори, претседателот Иванов порача дека школата за млади лидери во изминатите десет години станала препознатлив бренд.
„Успеавме една идеја, еден сон да го претвориме во реалност, во нешто што успеа. Успеа затоа што успеавме 400 млади луѓе да ги упатиме во предизвиците на времето во кое живееме, да ги упатиме во тајните на лидерството, да ги упатиме на сето она што е предизвик на 21 век. Успеавме затоа што станавме препознатлив бренд, кој веќе го практикуваат и други кои биле дел од школата. Успеавме и затоа што добивме светски признанија. Признаени сме и препознаени сме. Успеавме затоа што многу млади луѓе излегоа од школата насмеани, радосни и исполнети со среќа“, рече претседателот Иванов.
Тој упати благодарност до сите поддржувачи на школата, компаниите, поединци, фондации, амбасади кои, како што рече, го препознаа овој проект и инвестираа во него.
„Голема благодарност, затоа што покажаа дека и без средства од државен буџет може да се направи успешен проект за една држава“, рече претседателот Иванов.
Македонскиот претседател се заблагодари и на сите предавачи на школата, кои ги споделиле своите знаења, искуства и контакти со учесниците на школата.
Во изминатите десет години на школата учествуваа 400 млади луѓе и над 200 реномирани предавачи, меѓу кои поранешниот Генерален секретар на ОН, г. Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешка и на Латвија, г. Вацлав Клаус, г-ѓа Ваира Вике – Фреиберга и г. Валдис Затлерс, поранешните претседатели на Србија, на Бугарија и на Албанија, г. Борис Тадиќ, г. Георги Прванов, г. Петар Стојанов, г. Бамир Топи и г. Реџеп Меидани, поранешниот потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија, г. Франко Фратини, претседателите на Светската и на Европската академија на науките и уметностите, г. Иво Шлаус и г. Феликс Унгер, како и голем број амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти, успешни компании и професори од реномирани светски универзитети.
Школата за млади лидери е лична иницијатива на претседателот Иванов. Досега се организирани десет интензивни тренинзи за лидерство – вo 2010, 2011, 2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017, 2018 и 2019 година.
Програмата на школата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.
Школата за млади лидери беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот форум на бизнис ангели, а по тој повод оваа организација во 2018 година на претседателот Иванов му ја врачи наградата за Најдобар светски лидер кој инвестира во новата генерација.
Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, каде низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани се овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Штипјанец и скопјанка фатени како ги фотографираат гласачките ливчиња, а жител на Бучим му го покажал ливчето на набљудувач
Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
„Од отворањето на гласачките места до 11.00 часот регистрираме две фотографирања на гласачко ливче, едно во Штип и едно во Скопје. Во 09.30 часот на избирачко место 2274 во Штип Г.Ј. го фотографирал гласачкото ливче и од страна на полициски службеници од СВР Штип се преземаат мерки за расчистување на случајот. Во 09.20 часот на гласачко место 2844 во ОУ „Јохан Х. Песталоци“ во Скопје, С.М. (57) го фотографирала гласачкото ливче и од страна на СВР Скопје се преземаат мерки за расчистување на случајот“, додаде Ангеловски.
Тој посочи дека досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, односно гласањето се одвива мирно и без проблеми.
Ангеловски дополни и дека димна бомба има на гласачко место, а пријавени се и летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити.
До 11 часот е пријавено дека на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до 9 часот, се искачи на 12,78 отсто.
Македонија
Најдена испукана димна бомба на гласачко место, летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити пријавени во МВР
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, информира за текот на изборниот процес од отворањето на избирачките места.
„Досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, тоа се одвива мирно, без проблеми. Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач.
За сите овие настани, како што вели тој, се преземаат мерки за расчистување на случаите.
„Покрај тоа, на територијата на општина Чаир се забележани летоци, кои биле оставени на паркирани возила, а исто така се испишани и два графита. На едно гласачко место во Скопје, покрај испишаниот графит, од страна на претседател на избирачки одбор е пријавено дека во 6.30 часот во ходникот е пронајдена димна бомба. Веднаш се преземени мерки и активности и на ова место гласањето се одвива непречено“, додава Ангеловски.
Апелира до граѓаните и учесниците на изборите – во текот на гласањето, до завршувањето, да се воздржат од какви било инциденти.
Македонија
На 12,78 отсто се искачи одѕивот до 11 часот, најголем во Демир Капија – 23,99 отсто
До 11 часот на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до девет часот, се искачи на 12,78 отсто.
Најголем е одѕивот во Демир Капија – 23,99 отсто, каде што од вкупно 3.208 граѓани до 11 часот гласале 769.
На седмите претседателски избори во земјата право на глас имаат 1.814.317 граѓани на 3.480 избирачки места.