Македонија
(Видео) Одбележан Денот на македонскиот јазик
Во организација на Министерството за култура, денеска во Клубот на пратениците се одржа свечен настан по повод одбележувањето на Денот на македонскиот јазик – 5 Мај.
На настанот, на кој присуствуваа и министри, претставници на дипломатскиот кор, професори и други видни личности од јавниот и од политичкиот живот во земјава, се обрати претседателот на Владата Димитар Ковачевски.
„Годинешното одбележување на Денот на македонскиот јазик нѐ обврзува уште еднаш да испратиме јасна порака: Оваа Влада, искрено и силно е посветена да го негува и да го унапредува македонскиот јазик, вечниот паметник на нашето постоење како народ. И денес наш приоритет останува поттикнувањето на развојот и афирмацијата на македонскиот јазик како наш постојан влог за неговата иднина. Иднината на нашиот јазик е иднината на нашата татковина. Јазикот е жива материја и најочигледно ќе покажеме дека се грижиме за него, преку начинот како го говориме, како го пишуваме, како го читаме македонскиот литературен јазик. Така даваме пример со каков јазик сакаме да раснат младите генерации“, порача во своето обраќање премиерот Ковачевски.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, честитајќи го Денот на македонскиот јазик, истакна дека денешниот настан се реализира во чест на основоположниците на словенската писменост и литература, во чест на сите што создадоа, собираа и оставија и во чест на денешните автори кои го негуваат нашиот јазик.
„На овој мал простор, во некои краеви, со мештаните едвај би се разбрале од прва. Затоа ни беше неопходен Блаже Конески, ова наше јазично богатство, како база, да го кодифицира, да го преточи во современ, литературен македонски јазик. Шармот на нашите дијалекти кои ги зачувуваме од заборавот користејќи ја добрата страна на дигитализацијата, пред сè, на картотеките во Институтот за македонски јазик, е потврда дека нас, Македонците, нè има насекаде. И ќе нѐ има сè додека говориме и им говориме на нашите поколенија на македонски“, порача министерката за култура.
Во тој контекст, таа го најави и Конкурсот „Цртаj на македонски јазик“, кој веќе е објавен на веб-страницата на Министерството за култура. Целта на Конкурсот е стимулирање на секојдневната употреба на современиот македонски јазик и преку изразот кој им прилега особено на младите – графитите како ѕидни писанија.
Директорката на Институтот за македонски јазик „Блаже Конески“ потсети дека во годината на Конески, започна целосната дигитализација на картотеките во Институтот.
„Во годината на Конески започна целосната дигитализација на картотеките во Институтот за македонски јазик. На иницијатива од Министерството за култура, со финансиска поддршка од Владата, реализацијата на проектот ја водат Фондот за иновации и технолошки развој и компанијата Инбокс. Досега се дигитализирани картотеките на црковнословенскиот јазик, на лексикологија и на современ македонски јазик“, рече директорката Јованова-Грујовска.
Од името на Советот за македонски јазик, пред присутните се обрати професор Људмил Спасов, кој порача дека на овој начин се одбележа денот кога му ја оддаваме честа на нашиот јазик, но и на македонската култура воопшто, почитувајќи го македонскиот јазик како наше културно наследство, но и како наша иднина.
„Оваа година се наоѓаме во фаза на афирмирање на новата Стратегија за македонскиот јазик, дека треба да го доразвиеме јазичното планирање, со преземање дејства за операционализирање на статусот на современиот стандарден јазик“, рече професорот Спасов. Тој во своето обраќање го најави и скорешното започнување на настава по македонски јазик на Универзитетот во Корча, Република Албанија.
Министерката Тренчевска потенцираше дека раното детство е важно за севкупниот развој на личноста и оттука и важноста на организирано создавање услови за тој развој од најмала возраст.
„За развојот на јазикот, комуникацијата и писменоста, потребни се материјали кои ќе го стимулираат говорот кај децата, визуелното восприемање на букви, поттикнувањето на интерес за разгледување и читање на сликовници и други книги, организирање на говорни игри, драматизации и игри на улоги. Јазикот на децата им е неопходен за да ги изразат своите мисли и чувства, но во исто време тој е неопходен за да ги разберат и другите со кои тие секојдневно стапуваат во комуникација“, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пак, истакна дека македонскиот народ преку силата на зборот го одржувал жив јазикот на нивните предци за да го предадат во аманет на нивните наследници.
„Натамошното негување, заштита, унапредување и афирмација на македонскиот јазик може да се издига само врз цврсти темели, што ги поставува образованието. Оттука е и важноста на континуираното вложување во подобрувањето и развојот на образованието, што за оваа Влада и за Министерството за образование е приоритет“, рече министерот Шаќири.
На денешен ден, во 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија, била усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеца, тогашното Министерство за просвета го озакони првиот Правопис на македонскиот јазик. По седумдесет и четири години, со Одлука на Владата на Република Северна Македонија, 5 мај е прогласен за Ден на македонскиот јазик и на македонската азбука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бојмацалиев: Една година ФРОНТЕКС – прв договор потпишан на македонски јазик со ЕУ
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски и државната секретарка, Магдалена Несторовска, остварија работна средба со раководството на Регионалниот центар за гранични работи ЈУГ, по повод одбележување на една година од почетокот на мисијата на ФРОНТЕКС во Република Северна Македонија, а со цел промоција на соработката помеѓу претставниците на ФРОНТЕКС во локалниот координативен центар и одговорните старешини од РЦ за ГР ЈУГ, како и промовирање на европскиот пристап на координирање на сите заеднички активности и справување со предизвиците.
„Одбележуваме една година од работата на макеоднската полиција заедно со ФРОНТЕКС, со целд а ги одбраниме нашит еи границите на ЕУ од прилив на мигранти. Тоа успешно го правиме од 2015 до денеска. Договорот е од историска важност, тогашниот министер Оливер Спасовски ја имаше честа да го потпише со Европската Унија, и ја отвори вратата за поинтензивна оперативна соработка заснована на доверба и меѓусебно почитување”, истана Бојмацалиев во изјава за медиумите, заблагодарувајќи се до Тасевски и Несторовска за напорите кои ги направија Договорот да биде на македонски јазик и успешно да функционира во нашата држава.
„Со тоа уште еднаш покажуваме дека македонската полиција е рамо до рамо со европските полиции, заедно работиме, и од пред некое време имаме барање од други полиции да вршиме обуки на нивните службеници како се справување со миграцијата. Од земја која бараше помош од другите држави за справување со миграција, сега нудиме помош”, рече Бојмацалиев
Македонија
Ковачки ги повика неопределените да гласаат: „ Да се обединиме околу идејата за Македонија повторно твоја“
Народот е подготвен и обединет за промени, приклучете се кон ВМРО-ДПМНЕ за да ја поразиме оваа ненародна и криминална влада на СДС и ДУИ, порача Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 3.
„Денеска сме во Кратово, Ранковце и Крива Паланка. Тука сме да презентираме проекти од Платформата 1198, ќе поразговараме со сите граѓани. Ги повикувам сите граѓани кои сеуште не се определиле и кои што ја чувствуваат позитивната енергија која што доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ, да се обединиме околу идејата за Македонија повторно твоја, да се обединиме околу проблемите“, рече Ковачки.
Како што додаде вчерашниот митинг во Охрид покажал дека народот е подготвен и обединет за промени, а ВМРО-ДПМНЕ е партија за македонско национално единство.
Македонија
Успешна сложена дентална операција – изведена транспозиција на нерв
Вчера, успешно заврши сложениот хируршки зафат – транспозиција на нерв на пациент од земјата.
Оваа комплексна техника ја изведе искусен хируршки тим под водство на професор Мазен Тамими од САД, роден во Јордан.
Интервенцијата се изведе во присуство и во приватната специјалистичка ординација на реномираниот орален хирург и имплантолог од овие простори – Дијана Бојковска. Пациентот е во стабилна состојба, се чувствува добро, но претстои период на целосно заздравување по извршување на операцијата поради прилично атрофираната долна вилица.
Видеоприказ од интервенцијата ќе биде емитуван во рамките на меѓународниот имплантолошки конгрес, кој почнува денес во хотелот „Хилтон“ во Скопје, а ќе трае до 20 април. Напредната хируршка техника првпат ќе биде споделена со пошироката стручна јавност од земјата, но и од светот, бидејќи на конгресот ќе учествуваат врвни стоматолози, орални и максилофацијални хирурзи од четири континенти.
Дигитализација во стоматологијата и новите трендови во имплантологијата се дел од темите што ќе бидат во центарот на вниманието на овој конгрес. Конгресот предвидува теоретски, практичен дел и презентирање напредна хируршка техника во делот на имплантологијата.
Еминентни стоматолози специјалисти од Македонија исто така ќе земат активно учество на конгресот: д-р Митко Франгов, орален хирург и меѓународно лиценциран имплантолог, д-р Златко Вршковски, максилофацијален хирург и меѓународно лиценциран имплантолог, д-р Недим Касами, максилофацијален хирург и имплантолог, д-р Петар Вршковски, орален хирург и имплантолог, д-р Дијана Бојковска, орален хирург и имплантолог.
Во Македонија првпат стоматолозите учесници на конгресот ќе бидат дел од меѓународно акредитирана имплантолошка едукација и ќе добијат CME – европски кредит-поени.