Македонија
Одбележан Светскиот ден на борба против дијабетесот
„Дијабетесот не е само инсулин и боцкање. Дијабетесот е главна причина за срцеви заболувања, инфаркти, слепило, откажување на работата на бубрезите и ампутација на долните екстремитети. Еден од двајца заболени од дијабетес е недијагностициран. Раната дијагностика и лекување се клучни моменти во спречувањето или одложувањето на животнозагрижувачките компликации.“
Ова се само мал дел од заклучоците што се донесоа на денешното одбележување на Светскиот ден на дијабетесот, во организација на Сојузот на здруженија на дијабетичари, со поддршка од Министерство за здравство, здруженија, институции и компании. Настанот се одржа во Деканатот на Медицинскиот факултет во присуство на голем број директори на здравствени установи, медицински лица и поддржувачи на заболените од дијабетес.
„Веќе немаме инсулинска криза, имаме и најнови генерации инсулин, имаме игли со различни димензии, кои, за жал, несоодветно се распределуваат низ инсулинските аптеки. Ова мора да го решиме. Воведовме нови ГЛП-1 агопнисти и ДПП-4 инхибитори. Очекуваме да се прошири листата на орални антидијабетици со нови терапии, како превенција од дијабетес. Добивме зголемен број инсулински пумпи, но немаме доволно обучен медицински кадар за истите пумпи да ги вградат на пациентите. Светските статистики велат дека еден од пет здравствени работници не се доедуцирани за дијабетес. Листата на пациенти што чекаат инсулински пумпи е огромна. И тоа не само деца, пумпи заслужуваат и малку повозрасните, како и оние што планираат да формираат семејства, а имаат потреба од инсулинска пумпа и сензори. Најголем проблем и понатаму ни остануваат глукометрите. Се обидовме заеднички да ги дефинираме стандардите и критериумите за глукометрите. Нема да се откажам од борбата додека не добијам глукометар што навистина ќе ги задоволува светските стандарди, кои се движат во правец на дигитална самоконтрола во домашни услови, преку која ќе им се олесни работата и на нашите доктори“, се осврна на проблематиката Бојан Киров, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија.
Како признание за континуираната поддршка на лицата со дијабетес и придонесот кон унапредување на квалитетот и достапноста на третманот, пациенти кои живеат со дијабетес цели педесет години му доделија посебна Плакета со благодарност за континуирана поддршка за лицата со дијабетес на министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче.
Тој во своето кратко обраќање потенцираше дека Министерството за здравство е целосно посветено на обезбедување најквалитетен третман за сите пациенти со дијабетес мелитус и сите лица на инсулинска терапија се соодветно снабдени со инсулин, нагласувајќи дека грижата за лицата со дијабетес и обезбедувањето соодветна инсулинска терапија е врвен приоритет на Министерството за здравство.
„Ова е еден значен сегмент од нашиот здравствен систем. Ние во овој изминат период се обидовме да започнеме да имплементираме процеси кои ќе значат превенција, рано откривање, соодветно третирање на дијагнозите, согласно светските здруженија. Еден сегмент од реформата во здравството, во периодот што следи, како дел од обврските на матичните лекари, што ќе им биде вметнат дури и во договорите, е рано препознавање на симптоми кај деца, доколку има сериозна индикација и дијагностички постапки за рано откривање на дијабет. А во следните нивоа на лекување. Мислам дека навистина заеднички постигнавме многу во изминатиот период, посебно со оригиналните инсулини, ги нема веќе тие проблеми за контролата на гликемијата, на компликациите што произлегуваа од дијабетесот. Се зголеми буџетот на програмата и се донесоа три нови инсулини, два нови анализи, значајно е подобрена контролата на третманот кај дијабетот како болест. Сега веќе зборуваме за поставување европски стандарди, нешто што не беше претходно замисливо. Во таа насока се водевме и при изработувањето на Стратегијата за дијабет. Планираме да почнеме со ревитализација на сите центри за дијабет ширум државата, со огромна поддршка од фармацевтскиот сектор“, потенцираше министерот Филипче.
Меѓу присутните беа и претставници од Клиниките за ендокринологија, Очни болести, Кардиологија, Нефрологија, како и претставници на повеќе агенции за лекови и медицински помагала.
„За дијабетесот кажани се многу вистини, но крајниот заклучок е дека сите ние, целата заедница, треба да се ангажира и да делува превентивно од најрана возраст на нашите деца, преку различните начини на превенција, посебно во начинот на исхрана и во начинот на живеење, преку многу физички активности. Соработката на Фондот за здравствено осигурување и ‘Малмед’ и секако лекарите кои го поврзуваат овој синџир, може да ги даде посакуваните резултати“, изјави Висара Риза, директорка на Агенцијата за лекови и медицински помагала „Малмед“ – Скопје, добитничка на специјална благодарница за поддршката и посветеноста во обидите за унапредување третманот на лицата со ова заболување.
Сериозните прашања отворени на оваа манифестација своето заокружување го имаа со еден сосема симпатичен гест, кога човек од публиката стана и изјави дека со децении живее со дијабетес, а потоа со прстен ја побара за сопруга својата партнерка, која педесет години живее со оваа состојба.
Овогодишните активности, покрај централниот настан вклучија и рекреативен сегмент во кој лицата со дијабаетес, но и многу пријатели и поддржувачи се вклучија и беа дел од рекреативното искачување до средно Водно.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Османи: Европскиот фронт е голема идеја чие време е дојдено
Кандидатот на Европскиот фронт, Бујар Османи, вечерва на митинг пред граѓаните на Кичeво изрази благодарност до лидерите на Европскиот фронт и коалицијата која, како што вели Османи, е продолжение на битките во континуитет една по една, за разбивање на замоците на етничките монополи.
„Европскиот фронт не е политичка партија. Европскиот фронт не е ни коалиција на политички партии, Европскиот фронт е голема идеја. Тоа е одлична идеја чие време дојде, лавина што ги собра соништата на секој граѓанин на оваа земја, за еднаквост, за правда и просперитетен живот во ЕУ. И ова го гледам како ентузијазам, како насмевка во секое населено место каде што одам, бидејќи Европскиот фронт е трета унија, но сега со малку поинаква димензија“, истакна Османи.
Кандидатот на Европскиот фронт, Османи понатаму истакна дека останува уште едена последна тврдина на етничкиот монопол.
„Тврдината која нè загрижува сите и секогаш ни го дава тој сигнал дека се уште не е сè како што треба, сè уште нема еднакви можности за сите, таа е тврдината на првиот претседател. Значи, браќа и сестри, се натпреварувам, на 24 април да ја разберете тежината на оваа мисија, дека вашиот глас не е само за мојата кандидатура, вашиот глас, вашата поддршка е за да ја разбиете последната тврдина на етничкиот монопол и за заокружување на еднаквоста на сите заедници во нашата заедничка држава“, заклучи Османи.
Македонија
Таравари: Ќе ја вратиме некогашната репутација на Куманово и Липково
Ќе ја вратиме некогашната репутација на Куманово и Липково. Ќе го поврземе Куманово со Гњилане и Прешево, ќе инвестираме во агробизнис, грантови и земјоделци Ќе ги поврземе Куманово со Гњилане и Прешево, ќе инвестираме повеќе во агробизнисот, во грантови за земјоделците и во економски развој за да ја вратиме некогашната репутација на земјоделството и производството на регионот на Липково и Куманово. Ова беа дел од пораките кои претседателскиот кандидат Арбен Таравари ги испрати вечерва од општина Липково. Оваа општина ја донесе ДУИ на власт а како награда добива само штета, неправда и лошо владеење.
„Наместо да се привилегира и развива овој регион кој некогаш важеше за кризен регион, лошото владеење на ДУИ го втурна во повеќекратни кризи. Економска и земјоделска криза, невработеност и миграциска криза, но и безбедносна криза и монтирани случаи. Никој повеќе од жителите на овој крај не ги почувствувал последиците од лошото владеење на ДУИ“, нагласи Таравари во својот говор.
Но, според него, оваа состојба ќе заврши со гласот на самите граѓани, кој ВРЕДИ и ќе ја донесе долгоочекуваната промена.
„Ќе донесеме повеќе правда, прво за политичките монтирани случаи, каде што ќе се заложиме за правда и обештетување за оние Албанци кои неправедно се држат во затвор. Никогаш не го забораваме војникот на слободата и жител на овој крај, Реџаил Ќерими, кој неправедно беше држен во затвор 13 години и почина во ќелијата кога отворено се знаеше дека нема врска со она за што го обвинуваа, изјави Таравари.
Меѓу другото, Таравари од Липково повтори дека со доаѓањето на ВРЕДИ на власт ќе се забрани коцкањето, а ќе се простат и долговите од фирмите за брзи кредити кои исто така рече дека ќе се затворат.
Македонија
Кои се седнатите на софра со најголемите криминалци од Грчец, Шиша бар, со оние од убиствата во Ханиоти, прашува Силјановска-Давкова
Ги нема сликите низ весниците кои се најдобар доказ, бидејќи сликите понекогаш повеќе кажуваат од зборовите, за тоа кој е кој во ова корупциско и криминално гнездо, вели професорката Горданa Силјановска -Давкова вечерва од Велес.
„Колку претседатели сте виделе, колку премиери сте виделе, колку министри за внатрешни работи сте виделе седнати на софра со најголемите криминалци од Грчец, Шиша бар, со оние од убиствата во Ханиоти? Може да се сликате со некого на улица, ама на софра да бидете тоа значи дека сте во спрега. Значи, во право е претседалот на ВМРО-ДМПНЕ кога вели дека, не само со чинење, не само со криминални активности, туку и со замижување пред криминалот и корупцијата вие сте соучесник во нив, посочи Силјановска Давкова и додаде:
„Во овие избори има нешто специфично, до ѕидот сме доведени. Вие заслужувате власт соодветна на вашето достоинство, власт од којашто нема да се плашите и срамите, туку ќе се гордеете“, порача вечерва од Свети Николе, кандидатката за претседател на државата, поддржана од ВМРО – ДПМНЕ и коалициските партнери