Македонија
Одржана седмата седница на Управувачкиот комитет за кризи
Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, денеска ја одржа својата седма седница во Центарот за управување со кризи.
На седницата беше разгледана информацијата за подготвеноста на надлежните институции во Република Македонија при евентуална појава на пожар, како и за итните мерки за справување со овие појави.
Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи го задолжи Центарот за управување со кризи во најкраток можен рок да формира оперативно координативно тело за заштита на шумите од пожари во претстојниот период со претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за транспорт и врски, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Управата за хидрометеоролошки работи, ЈП „Македонски шуми“, Шумската полиција и ЗЕЛС, како и да определи лице што ќе биде одговорно за координирање на ова оперативно тело со цел навремено координирање на активностите во насока на преземање соодветни активности за спречување појава на пожари на територијата на Република Македонија.
Како една од препораките од оваа седница беше и предлогот Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, доколку оцени дека е потребно, да воведе ограничување на движењето на сите лица во шумите, како и да ја информира соодветно јавноста за постоење на забраната за палење на стрништата како превентивна мерка за заштита од појава на шумски пожари и за опасноста од настанување шумски пожари, за штетните последици од шумските пожари, за нивна превенција, како и за висината на казните за предизвикување пожари во согласност со одредбите од Законот за шумите.
На оваа седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи и Граничната полиција и Шумската полиција се задолжени да го интензивираат патролирањето и легитимирањето во шумските предели во претстојниот период.
Заедницата на единиците на локалната самоуправа и сите единици на локалната самоуправа во Република Македонија во наредниот период треба да ги зголемат соработката и координацијата со регионалните центри за управување со кризи, како и да го промовираат користењето на контактите преку бесплатниот телефонски број за итни повици 195, кој е достапен 24 часа на целата територија на Република Mакедонија, и други мерки во согласност со нивните надлежности.
На денешната седница е препорачано Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи при итни и неодложни потреби да го информираат Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, со цел потоа да се достави усогласен предлог до Владата на Република Македонија за активности што треба да се преземат.
Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи донесе одлука да се достави предлогот за продолжување на стратегијата за состојбата на подрачјата на јужната граница и северната граница на Република Македонија и по негово разгледување и утврдување од страна на Владата на Република Македонија, да се достави на разгледување и одлучување до Собранието на Република Македонија.
Текстот е објавен интегрално
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата која што имаме намера во следниот период дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честиташе за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот кој е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека е горд на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоивме повеќе од 80.000 гласови. Регистриравме субјект кој постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблираше на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади членови, а да освоите над 80.000 гласови. Искрено сум горд на секој тој еден глас што дојде, како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој освои повеќе 100.000 гласови помалку од Гордана Сиљановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстане централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете не да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.
Македонија
ДИК: Сиљановска Давкова освои 324 177, Пендаровски 161 393 гласа по обработени 89,97 отсто
Стево Пендаровски освои 161 393 гласа, 19,90 отсто, Гордана Сиљановска Давкова 324 177 односно 39,97 отсто од гласовите, Стевчо Јакимовски освои 7.499 односно 0,92 отсто од вкупниот број на гласовите.
Кандидатот Бујар Османи освои 110 903, односно 13, 68 отсто, Билјана Ванковска 35.949 односно 4,43 отсто од гласовите, Арбен Таравари 78.110 илјади односно 9,63 отсто, Максим Димитриевски 70,996, односно 8,75 отсто од гласовите се резултатите од обработените 89,97 отсто од гласовите, извести претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Тој додаде дека изборниот процес поминал мирно и достоинствено и смета дека 99 отсто работите поминале како што треба.
Македонија
Касами: Добитници на овие избори сме ние, ДУИ има купено гласови
„Влен“ е легитимен претставник на Албанците и ги доби гласовите на Албанците, изјави Билал Касами на прес конференција.
„Добитници на овие избори сме ние, коалицијата „Влен“. ДУИ има купено гласови од загрозените гласачи кои имаат потреби од пари. „Влен“ ги доби гласовите на Албанците, вели Касами.
„ДУИ го загуби последниот легитимитет да зборува во име на Албанците, затоа на 8 мај ние ќе победиме. Овој резултат и во мандати не е голема разлика со ДУИ и на 8 мај овој резултат ќе биде во наша полза. ДУИ успеа да ја загуби последната можност, еден кандидат Албанец да биде избран на директни избори во 2024 година. Тие ќе бидат запишани со црни букви во историјата на албанскиот народ во Македонија. Ако биле заинтересирани Албанец да оди во вториот круг сигурно ќе беа координирани со нас и ќе беше возможно да биде избран Албанец. Затоа мислиме дека вредеше оваа борба“, рече Касами.
Тој се заблагодари на сите што го гласаа кандидатот Арбен Таравари и додаде дека ДУИ има изгубено гласови од помалите етнички заедници и од загрозените граѓани.
Таравари кажа дека коалицијата подоцна ќе разговара за тоа кому ќе ги даде гласовите во вториот круг на претседателските избори.