Македонија
Одржани повеќе настани по повод двегодишнината од потпишувањето на договорот во Преспа
Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, министерот без ресор задолжен за дијаспора и претседател на работна група за поддршка на Преспанскиот Регион, Едмонд Адеми, денеска, учествуваа на серијата настани по повод двегодишнината од потпишувањето на договорот во Преспа, организирани од Општина Ресен, во соработка со НВО „Преспа град“, кои се одржаа во селото Љубојно и во близина на граничниот премин во изградба – Маркова Нога, на границата со Грција.
Министрите Димитров и Адеми зедоа учество и во панел-дискусијата по повод иницијатива за основање центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно.
Оваа иницијатива е по повод две години од потпишувањето на договорот од Преспа, како и во чест на 76-годишнината од основањето на второто училиште на мајчин македонски јазик во Љубојно на 15 ноември 1944 година, само една година подоцна откако првото училиште беше основано во Дебарца и Подвис уште за време на Втората светска војна во 1943 година.
На панел-дискусијата по повод овие настани и иницијативата учествуваа и проф. д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик, д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик, проф. д-р Марјан Марковиќ, дописен член на МАНУ, проф. д-р Елизабета Бандиловска, професорка на Педагошкиот факултет во Скопје, Ацо Костов, директор на Управата за заштита на културното наследство, како и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, како претседател на Владата на нашата земја, кој на 17 јуни 2018, и тогашниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, ги предводеа делегациите на владите на двете земји на потпишувањето на спогодбата за решавање на разликите и за воспоставување стратешко партнерство меѓу Грција и Северна Македонија, што ја потпишаа министрите за надворешни работи, Никола Димитров и Никос Коѕијас.
Министерот Димитров на панел-дискусијата истакна дека со потпишувањето на конечната спогодба или попозната како договорот од Преспа воспоставивме ново стратешко партнерство со Грција и ги премостивме речиси тридецениските разлики како два соседа, пред сѐ, во однос на името и нашите перспективи во евро-атлантските и европските перспективи.
Дополнително, уште две главни придобивки произлегоа од овој историски договор, со кој нашиот идентитет се заштитува и во правни рамки, а со тоа и нашата култура и културното наследство како карактеристики на територијата на нашата земја, како и нашето право да се идентификуваме како Македонци, кои зборуваат македонски јазик, кој е темел на нашиот идентитет, самобитноста и автохтоноста на нацијата, неговата посебност.
Во таа насока Димитров ја поздрави иницијативата и истакна дека е уверен оти основањето центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во овој дел од нашата татковина само ќе придонесе за негова понатамошна промоција и афирмација, што ќе овозможи нови хоризонти во воспоставувањето културни врски.
Министерот без ресор задолжен за дијаспора и претседател на работна група за поддршка на Преспанскиот Регион, Едмонд Адеми, ја поздрави иницијативата за основање центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште во Љубојно од аспект на проектот наменет за поддршка и развој на регионот на Преспа, со финансиска поддршка од Европската Унија.
„Во проектот се вклучени владите на трите соседни држави – Северна Македонија, Албанија и Грција, и еден од проектите е изградба на мултимедијален центар за младите, кој соодветно на самата симболика на Преспа ќе биде место каде што би се организирал меѓународен форум за дијалог и соработка. Пошироко, проектот вклучува и многу други компоненти за развој на регионот, за поддршка за подобрување на квалитетот на животот, особено во руралните средини на регионот, како и за проекти за водоснабдување и собирање отпадни води околу Преспанското Езеро, со инфраструктура според правилата и стандардите на ЕУ за заштита на животната средина. Ако Словенија е позната по Бледскиот форум, Швајцарија по Давос, Германија по Минхенската конференција, Република Северна Македонија ќе биде препознатлива по Преспа – форум за дијалог“, истакна министерот Едмонд Адеми.
Во однос на иницијативата за основање центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во Љубојно, проф. д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик, потенцира дека реализацијата на ваков центар ќе обезбеди уште едно место на кое ќе се собираат лингвисти, педагози и наставници и професори по македонски јазик и ќе доаѓаат ученици да се подучуваат и да научат работи на терен, со што ќе продолжи оддолжувањето на плејадата македонски дејци, кои се вградија во историските процеси за признавање и афирмација на македонскиот јазик.
Д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик, во своето обраќање на панел-дискусијата потенцира дека Општина Ресен и Љубојно заедно со невладината организација „Преспа Град“, со својата постојана децениска грижа за македонскиот јазик, ја заслужуваат нашата поддршка и доверба дека новиот центар за грижа и промоција на македонскиот јазик е на вистинското место и кај вистинските луѓе.
„Преспа е револуционерна средина со европска мултиетничка визија. Верувам дека преку овој центар македонскиот јазик ќе биде јазикот што ги поврзува Македонците со другите граѓани од Република Северна Македонија, од Балканот и од светот“, истакна д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик.
Во продолжение на дебатата за иницијатива за основање центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно, по повод двегодишнината од потпишувањето на договорот од Преспа, проф. д-р Елизабета Бандиловска, професорка на Педагошкиот факултет во Скопје, нагласи дека голема е возбудата да се биде на местото сведок на дел од македонската историја, на местото зачетник на школството и на воспитно-образовната врвица на генерации ученици, учители и просветители проникнати од пазувите на Преспа.
„Убаво е чувството да се стои на истото парче земја, на која пред 76 години првпат чекореле ученици, кои првпат учеле на мајчиниот, македонски јазик. Убава и ретка е привилегијата да се биде меѓу првите, меѓу меѓниците, меѓу оние што биле пример и патоказ за другите. Важноста и значењето на овие историски случувања за нас како народ, за нашата историја, наука и култура, за развојот на школскиот систем и за развојот на македонскиот јазик се огромни и непроценливи“, потенцира проф. д-р Елизабета Бандиловска, професорка на Педагошкиот факултет во Скопје, на дебатата за иницијатива за основање центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно по повод двегодишнината од потпишувањето на договорот од Преспа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „Твоја Македонија“ застанува зад бранот на промени за стабилна и силна Македонија
Денес потпишавме Повелба за стратешко коалицирање и утврдување на принципите на идна работа на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ наречена „Твоја Македонија“. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „Твоја Македонија“ е најбројната досега коалиција составена од 24 политички субјекти и организации кои застануваат зад бранот на промени кои треба да обезбедат стабилна и силна Македонија, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Коалицијата „Твоја Македонија“ се обврзува дека при реализацијата на програмата за претседателските и парламентарните избори во 2024-тата година, целосно и недвосмислено ќе се водиме од принципите на одговорност и транспарентност во политичкото дејствување. Свесни за девастирачкиот карактер на политиките на неодговорната владејачка клика, обзнануваме дека развојот на економијата, економскиот раст, домашните и странски инвестиции, како услов за отворање на нови работни места и подобар живот на граѓаните, се врвни приоритети на партиите – членки на коалицијата „Твоја Македонија“. Недвосмислена и цврста борба против корупцијата и намалување на обемната бирократијата се наш носечки предизвик бидејќи цврсто веруваме дека праведноста во општеството е основен предуслов за вкупен развој на татковината. Оттаму, длабоко свесни за истакнатото, коалицијата „Твоја Македонија“ се обврзува дека жестоко, праведно и принципиелно ќе иницираме и ќе поддржиме акции на правната држава кои треба да ја вратат разнишаната доверба на граѓаните во институциите на државната власт“, нагласи Мицкоски.
Според него, основниот концепт за развој на приватната иницијатива е почитување на економската слобода и развој на креативноста на личноста.
„Нагласувајќи го разорното дејство на криминалот и корупцијата на актуелната владејачка клика, остануваме посветени на економската модернизација на татковината. Во таа насока се обврзуваме дека ќе генерираме нови политики во функција на финансирање на изградба на меѓународните и локалните патишта, железничките коридори, електраните, гасоводните системи, далноводите, училиштата, болниците како и други инфраструктурни проекти. Манифестираме јасна, непоколеблива и цврста решеност да реализираме реформи кои ќе обезбедат долгорочен економски раст и напредок на Македонија бидејќи цврсто веруваме дека борбата за подобри економски постигнувања значи борба за подобар живот и подобар стандард на македонските граѓани“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Апелира да има масовна излезеност на овие избори бидејќи, како што рече, неизлегувањето на овие избори подразбира поддршка на неодговорната и криминална власт.
Македонија
Државјанин на Турција приложил фалсификуван пасош на Ќафасан
Денеска, на граничниот премин Ќафасан полициски службеници го привеле Т. С. Т. (48) од Република Турција затоа што при пасошка контрола било констатирано дека на увид приложил фалсификувана патна исправа.
Известен бил јавен обвинител, а тој бил предаден на полициски службеници од Полициската станица Струга за понатамошна постапка.
Македонија
Тошковски се сретна со амбасадорот на Турција: врвен приоритет е склучување билатерален договор за соработка во областа на безбедноста
Денеска, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и заменик-министерот Назим Буши остварија работна средба со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој.
Министерот Тошковски на новоименуваниот амбасадор Улусој му посака пријатен престој и успешно вршење на амбасадорската функција со желби за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.
На средбата беа отворени тековни прашања од соработката во областа на безбедноста, внатрешните работи и конзуларни прашања во надлежност на Министерството за внатрешни работи за што се потврдија заложбите за искрена соработка на овие теми.
Една од главните заложби е одржувањето на стабилноста и безбедноста на регионот за што двајцата соговорници се согласија дека од врвен приоритет е склучувањето на билатералниот договор за соработка во областа на безбедноста, кој е во фаза на заемно усогласување.