Македонија
ОН утврди дискриминација од страна на гинеколог во Македонија по основ на етничка припадност
Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените при Организацијата на обединетите нации (ООН) утврди повреда на правото на еднаков третман и дискриминација кај две жени од Шуто Оризари на кои им било оневозможено да добијат гинеколошки услуги.
Од Иницијативата на жени од Шуто Оризари соопштија дека по петгодишна битка, ООН ја утврди неправдата и даде низа препораки за државата за структурни промени и искоренување на штетните практики во пристапот до гинеколошките услуги на Ромките.
Во септември 2016 година С.Б. и М.Б поднеле тужба до Основниот суд во Скопје против една приватна гинеколошка ординација во Скопје откако во 2015 година биле одбиени да го изберат гинекологот за матичен и да го остварат своето право на здравствена заштита, со објаснување од страна на медицинската сестра дека ординацијата повеќе не прима млади пациентки. Двете жени барале од Судот да утврди дека над нив е извршена дискриминација по основ на етничката припадност и дека им е повредено правото на еднаков третман за заштита на репродуктивното здравје.
Истовремено, во 2015 година во истите денови жени од македонската етничка заедница, исто така, поднеле барање за избор на матичен гинеколог и биле веднаш примени и прегледани.
Основниот суд Скопје ја одбил тужбата за дискриминација на С.Б и М.Б како неоснована. Против пресудата била поднесена жалба до Апелациониот суд, кој ја потврдил првостепената одлука дека во конкретниот случај нема дискриминација.
По исцрпувањето на националните правни лекови, во 2019 година Иницијативата на жени од Шуто Оризари, со поддршка од ХЕРА и Хелсиншкиот комитет за човекови права, поднесе индивидуална претставка за сторена дискриминација на двете Ромки до Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените во ООН.
„На 77-та сесија, Комитетот утврди повреда на правата на двете Ромки загарантирани согласно членовите 1, 2 и 12 од Конвенцијата, односно повреда на правата и дискриминација во пристапот до услуги за сексуално и репродуктивно здравје. Поточно, Комитетот утврди дека државата не обезбедила практична реализација на принципот на недискриминација во пристапот до услуги за репродуктивно здравје, ефективна заштита од дискриминација на жени во рамки на судскиот систем и соодветни мерки за да ја елиминира дискриминацијата врз овие жени сторена од страна на инволвираните лица, односно приватната гинеколошка ординација“, соопштија од Иницијатива на жени од Шуто Оризари.
Од таму велат дека ваквата одлука на Комитетот е прва ваква одлука против нашата држава, што е особено значајно бидејќи јасно ги препознава дискриминацијата врз Ромките и потребата од достапна здравствена заштита поврзана со нивното сексуално и репродуктивно здравје. Комитетот посочува и на непреземањето конкретни мерки од страна на државата, потребата од подигнување на свеста на судиите за дискриминацијата, како и на правните аспекти на товарот на докажување.
Иницијативата на жени Шуто Оризари бара државата да ги обесштети жените поради претрпената материјална и морална штета од нееднаквиот пристап до редовни гинеколошки услуги; Министерството за здравство во иднина да им обезбеди бесплатни здравствени услуги за репродуктивното здравје на Ромките кои се жртви на дискриминација и нехуман третман и што побрзо да започне со работа новата гинеколошка ординација во општината Шуто Оризари што ја најави Министерството за здравство, а која и натаму не е во функција.
Исто така, бара Министерството за здравство да организира обуки за здравствените работници, особено за гинеколозите, во врска со дискриминацијата врз Ромите и нивните специфични потреби како дел од континуираната медицинска едукација и Владата на Република Северна Македонија јавно да ги објави одлуката и препораките на Комитетот со цел да бидат информирани сите сектори во општеството.
Дополнително, Иницијативата на жени од Шуто Оризари, со поддршка од ХЕРА и Хелсиншкиот комитет за човекови права, ќе поднесе барање за повторување на судската постапка со цел да им се вратат достоинството и честа на жените Ромки.
„Ние, Ромките, заслужуваме еднаквост во сите сфери на живеењето и еднаква заштита на репродуктивните права како и сите граѓани на државата. Будно ќе ги следиме процесот на спроведување на препораките на Комитетот од страна на надлежните институции и преземањето на системски мерки за унапредување на репродуктивни права на Ромките“, пишува во соопштението на Иницијатива на жени од Шуто Оризари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче
Полицијата во Охрид го приведе А. И. (48) затоа што го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од СВР Охрид.
Македонија
ОЈО Делчево истражува обид за изборен поткуп со бесплатно вградување водомери
Основното јавно обвинителство Делчево истражува предмет за изборен поткуп со бесплатно поставување водомери. Обвинителот Џељаљ Бајрами, претседател на комисијата на Јавното обвинителство за следење евентуални кривични дела поврзани со изборите, извести дека се издадени наредби за увид во службената документација на Јавното претпријатие „Комуналец“ во Делчево.
„Во текот на вчерашниот ден во Основното јавно обвинителство Делчево е заведен предмет по барање на Министерството за внатрешни работи за кој се побрани наредби за вршење увид во службената документација на Јавното претпријатие ’Комуналец’, со цел да се проверат наводите за евентуално сторено кривично дело поткуп при избори и гласање. Се работи за наводно поставување водомери во поголем број населени места во таа општина. Дадена е наредба за проверка на службената документација во претпријатието. Доколку се утврди дека има елементи за сторено кривично дело поткуп при избори и гласање, предметот ќе се процесира понатака“, рече обвинителот Бајрами.
Во Основното јавно обвинителство Радовиш денес е пријавено дека во село Бучим еден од гласачите наводно го покажал гласачкото ливче кон еден од набљудувачите од една политичка партија. И за овој настан обвинителот Бајрами рече дека се дадени насоки за проверка на наводите и доколку постојат елементи за сторено кривично дело, и овој предмет ќе се процесира.
Обвинителот Бајрами рече дека од аспект на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денешниот изборен ден се одвива без поголеми нарушувања и нерегуларности.
Македонија
Одѕивот до 13 часот е 26,35 отсто – најмногу гласале во Новаци, а намалку во Врапчиште
Процентот на избирачите што гласале до 13 часот е 26,35 отсто, информира претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Според податоците, најголем е одѕивот во Новаци – 42,87, а најмал во Врапчиште – 10,18 отсто.
Заклучокот е дека досега гласањето се одвива мирно на сите избирачки места.
До ДИК се доставени 140 приговори за заштита на избирачко право, од нив 16 се усвоени и на избирачите им е овозможено да остварат право на глас, 8 се отфрлени како неуредни, а 9 одбиени. Другите се во обработка.