Македонија
Општина Аеродром ќе спроведе анкета во училиштата за изучување на италијанскиот како втор јазик
Општина Аеродром во претстојниот период ќе спроведе анкета во основните училишта за да се види дали има интерес меѓу учениците за изучување на италијанскиот како втор странски јазик и изрази надеж дека веќе од наредната учебна година ќе заживее иницијативата за изучување на овој јазик во општина Аеродром, изјави градоначалникот Златко Марин.
Доколку почне да се изучува италијанскиот јазик, рече градоначалникот, учениците и општина Аеродром уште повеќе ќе се доближат до италијанскиот народ и култура.
Ваквиот заклучок следеше по средбата на Марин со амбасадорот на Италија во Македонија, Карло Ромео, кој денеска беше во работна посета на општина Аеродром.
Како што соопшти Општината, на средбата со градоначалникот, на која присуствувал секретарот на Општината, Пламенка Бојчева, како и директорите на основните училшта „Блаже Конески“, „Браќа Миладиновци“ и „Александар Македонски“ станало збор за можната соработка во областа на образованието.
Амбасадорот Ромео, во таа насока, ја истакнал клучната пресвртна точка на италијанскиот јазик во Македонија бидејќи од оваа година, со одлука на македонската Влада, влезе со закон во наставните програми во Македонија како втор странски јазик по избор, со што е овозможено изучување на италијанскиот јазик во основните училишта.
Од Општината велат дека амбасадорот, во рамки на средбата, ја нагласил вредноста на италијанскиот јазик како средство на цивилизацијата и затоа Амбасадата придава највисок приоритет на промоцијата на италијанскиот јазик и култура во соработка со локалните власти. Сепак, ова, како што вели амбасадорот Ромео, не би сакал да се сфати како натпревар со другите јазици, туку како понуда на учениците да имаат можност за изучување на уште еден странски јазик.
Средбата, исто така, била искористена и за отворање можност за соработка на Аеродром со некоја општина во Италија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: Приведен е и трет осомничен во врска со убиството на лекарот во скопска Железара
Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека е приведено уште едно лице во врска со убиството на матичниот лекар во скопска Железара, кој беше најден со девет убодни рани.
„Во согласност со моите информации приведено е уште едно лице. Приведени се вкупно три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови. Се продолжува со други истражни дејства сè со цел да може да се утврди соодветната фактичка состојба. Штом имаме дополнителни нови информации, јавноста ќе биде дополнително известена“, рече Тошковски.
Тој не сакаше да ги коментира обвинувањата од СДСМ дека откога е дојден на местото министер за внатрешни работи, работите не одат на подобро.
„Вакви изјави не заслужуваат сериозен одговор затоа што се несериозни изјави. Тотално не би ги коментирал“, рече Тошковски и додаде дека македонскиот народ се смее на она што се обидуваат да го тераат како приказна и повика да завршат ваквите паушални обвинувања.
Македонија
Апасиев: НАТО не носи демократија, НАТО е кршач на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, за декларацијата на Собранието по повод четири години од членството во НАТО истакна дека Нато не носи демократија.
Нато, според него, е кршач на меѓународното право и повелбата на Обединетите Нации.
„Без дозвола на Совет за безбедност НАТО ја нападна Југославија во 1999 година, ја нападна Либија, го нападна Ирак и редици други држави.
Последниот пункт е дека народот сакал во НАТО. Не е точно. Не е испочитуван член 120 од уставот кој што вели: Одлуката за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена ако на референдум за неа гласало мнозинство од вкупниот број на избирачи. Референдумот во 2018 беше неуспешен и немаше цензус и оттука уставниот услов за да влеземе во НАТО не е испочитуван, што значи противуставно и против волјата на народот сме влезени во НАТО”, додава Апасиев.
Скопје
Арсовска избрана за портпарол и координатор за следење и спречување на корупција
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, денес во Совет на Европа на конгресот на локални власти едногласно е избрана за портпарол и координатор за следење и спречување корупција на локално и регионално ниво.
Арсовска минатата година беше избрана за потпретседател на Европската народна партија за локални власти, а годинава со нов мандат за портпарол и координатор за следење и спречување корупција на локално и регионално ниво ќе ги води и следи процесите на почитување на европскиот кодекс на однесување за сите лица вклучени во локалното и регионалното управување.
Нејзини надлежности, како што информираат од Град Скопје, меѓу другите, се да го координира и подобри влијанието на работата на конгресот за спречување на корупцијата во локалните власти, да известува за утврдени случаи на корупција на локални и регионални власти и да ја промовира стратегијата на конгресот за спречување на корупцијата и унапредување на јавната етика на локално и регионално ниво.
Арсовска ќе го претставува конгресот на сите значајни настани организирани од Советот на Европа и меѓувладиниот сектор за прашања на јавната етика и справување со корупцијата, организира и координира активности со групата држави против корупцијата (ГРЕКО), со цел идентификување и размена на добри практики, решенија за предизвиците и начини за промовирање на јавната етика и спречување на корупцијата.