Македонија
Општина Новаци ја доби својата прва градинка со капацитет за 50 деца
Општина Новаци доби нова детска градинка, која денеска беше отворена во присуство на министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
„Отворањето на детски градинки во секое катче на државата останува приоритет и исполнување на изборното ветување на оваа Влада вградено во владината програма. За нас секое дете е важно, независно од тоа дали живее во големите градови или руралните средини, истакна министерката Шахпаска, која воедно изрази големо задоволство што градинката ‘Бамби’ е првата градинка која се отвора оваа година и прва градинка што ја добива Општина Новаци.
Таа посочи дека вложувањето во раниот детски развој претставува врвен приоритет на Министерството за труд и социјална политика затоа што градењето на една млада личност која треба да влезе во системот на образование е многу значајно за нејзиниот понатамошен развој.
„Државата и општината финансиски го поддржаа организирањето и функционирањето на оваа јавна установа, за која беше потребна финансиска конструкција од 9.500.000 денари. Од нив од буџетот на Општина Новаци и Министерството за труд и социјална политика се издвоени 7.000.000 денари, додека, пак, 2.500.000 денари, средства обезбедени преку проектот ‘Одржливо менаџирање на агроотпадот за загревање на рурални средини – Агрочејн’, со што обезбедивме ефикасен и еколошки систем на загревање на градинката, истакна градоначалникот на Општина Новаци“, Љубе Кузманоски.
Министерката потенцираше дека Владата на РСМ останува на планираната проекција до крајот на мандатот , до 2024 година, 60% од децата во државата бидат вклучени во процесот на воспитание и образование во предучилишните установи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.