Македонија
Општините немаат политики и механизми за антикорупција
„НВО инфоцентарот“, во рамките на проектот „Рефлектор врз антикорупциските практики на локално ниво“, финансиски поддржан од УСАИД, спроведе истражување/мапирање на политиките, механизмите и практиките за борба против корупцијата на општините во Република Северна Македонија. Ова истражување ги опфати сите општини, како и Град Скопје. До сите општини и Град Скопје беа доставени барања за пристап до информации од јавен карактер. Одговори и документи доставија вкупно 68 или 84 отсто од вкупниот број општини во државата.
Клучни наоди
Општините во земјата, генерално, немаат развиено посебни практики и механизми за спречување на корупцијата. Свесноста за корупцијата и особено за судирот на интереси е на многу ниско ниво. Заложбите во насока на спречување на корупцијата и судирот на интереси сè уште се само декларативни. Има општини што дури и не знаат дека имаат усвоено антикорупциски документи, како и општини што имаат и практикуваат одредени антикорупциски правила, но не ги препознаваат како такви. Покрај изработка, усвојување, воведување и спроведување конкретни антикорупциски политики и механизми, се чини дека е потребна и масовна едукација на локално ниво за етичките стандарди, како и за препознавање, контролирање и управување со судирот на интереси и за спречување на корупцијата.
Дури 70 отсто од општините немаат никаков документ за антикорупција. Кај повеќето од општините што имаат усвоено некаква политика за борба против корупцијата овие документи се од постар датум – од 6 до 12 години и не се ревидирани. Неколку општини на своите интернет-страници имаат објавено антикорупциски документи, но одговориле дека немаат. Во ниту една општина што доставила одговор нема пријавено корупција во последните две години.
Само четири општини одговориле дека имаат некаков конкретен механизам за пријавување корупција. Само четири општини одговориле дека во последните две години имале случаи на пријавување постоење конфликт на интерес. Само 5 отсто од општините имаат акт за прием на пријави од укажувачи, а само 7 отсто имаат назначено лице за прием на пријави од укажувачи.
Само една општина навела дека во последните две години реализирала обуки за интегритет или за спречување на корупцијата за функционерите или за администрацијата. Неколку општини имаат усвоено стратегии за управување со ризиците, кои во себе содржат определени антикорупциски елементи и механизми, но, според одговорите, тие не се препознаваат како такви. Само неколку општини ги ставаат антикорупцијата и интегритетот како клучни заложби и цели во своите највисоки стратешки документи (на пример, Струмица, Велес, Гази Баба).
Во 2019 година ДКСК често разгледувала случаи за спречување корупција и судир на интереси на локално ниво. Од вкупно 24 седници, ДКСК на дури 22 седници разгледувала пријави, претставки или иницијативи кои се однесувале на градоначалници, членови на општински совети или вработени во општините. ДКСК отворила вкупно 65 предмети, а половината од нив ги отфрлила поради неоснованост или недостиг од податоци. Дури една третина од најсериозните прекршувања за кои ДКСК повела иницијативи за поведување постапки за кривично гонење или за утврдување одговорност во делот на спречувањето корупција се однесуваат на локално ниво.
Препораки
Приоритетни мерки што им се препорачуваат на општините се: (1) Изработка, усвојување и објавување декларација во форма на документ за борба против корупцијата и судирот на интереси во општината т.н. политика на интегритет; (2) Воспоставување механизам (систем) за пријавување неправилности и сомнежи за измами или корупција (како телефонски број, адреса за електронска пошта, итернет-платформа за анонимно пријавување и сл.), проследено со соодветна процедура; (3) Назначување, овластување и јавно објавување лице (и/ или канцеларија) за постапување по неправилности и сомнежи за измами или корупција; (4) Назначување, овластување и јавно објавување лице за заштитено внатрешно пријавување; (5) Изработка и објавување процедура за заштитено внатрешно пријавување; (6) Назначување, овластување и јавно објавување лице (повереник) за етика/интегритет; (7) Назначување, овластување и јавно објавување лице за посредување со информации, како и на начинот на пристап до информации од јавен карактер; (8) Вклучување во овие механизми или нивно пренесување и на институциите што се во надлежност на општините, пред сè, локалните јавни претпријатија.
Краткорочните мерки се однесуваат на сите оние механизми што треба да ги воведат и практикуваат општините, но за кои се потребни соодветни подготовки или се потребни повеќе време и средства за нивна изработка и ставање во функција. Од овој аспект на општините им се препорачува: (1) Проактивно објавување на сите информации што произлегуваат од нивното работење, а во согласност со обврските од членот 10 од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер; (2) Назначување, овластување и јавно објавување лице за координирање на процесот за управување со ризици; (3) Наоѓање начини и форми за воспоставување, одржување и интензивирање на комуникацијата и соработката меѓу општината и Државната комисија за спречување на корупцијата; (4) Изработка на план за спроведување обуки за интегритет и спречување на корупцијата и судирот на интереси за администрацијата и за функционерите.
Среднорочните мерки се однесуваат на посложените форми и механизми на антикорупција и интегритет за кои се неопходни поголеми подготовки, средства и време за изработка и примена. Како среднорочни мерки што може да им се препорачаат на општините се: (1) Одлука за воведување систем на интегритет заснован на првично усвоената декларација за борба против корупцијата и судирот на интереси во општината т.н. политика на интегритет, што ќе се темели на воспоставување систем на вредности, ставови и активности на локалната самоуправа, кои овозможуваат придржување кон законите, кодексот на однесување и етичко однесување и работни практики;
(2) Спроведување фазно градење на системот на интегритет преку дефинирање на рамката, процена на ризиците од корупција, управување со ризиците и мониторинг и ревизија на системот; (3) Ако веќе постои, усогласување на стратегијата за управување со ризици изготвена во согласност со Законот за јавната внатрешна финансиска контрола, со системот за интегритет или антикорупциската политика на општината; (4) Спроведување континуирани обуки за интегритет и за спречување на корупцијата за администрацијата и за функционерите; (5) За оние општини што веќе имаат стратегии за управување со ризиците, кои во себе содржат определени антикорупциски елементи и механизми за унапредување на интегритетот на вработените, се препорачува ревизија и нивно одново формулирање за да се приспособат на новиот контекст, состојби, регулатива, проблеми и др.
Целосниот текст на истражувањето „Антикорупциските политики и механизми во општините“ ќе го најдете на следниов ЛИНК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата која што имаме намера во следниот период дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честиташе за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот кој е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека е горд на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоивме повеќе од 80.000 гласови. Регистриравме субјект кој постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблираше на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади членови, а да освоите над 80.000 гласови. Искрено сум горд на секој тој еден глас што дојде, како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој освои повеќе 100.000 гласови помалку од Гордана Сиљановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстане централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете не да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.
Македонија
ДИК: Сиљановска Давкова освои 324 177, Пендаровски 161 393 гласа по обработени 89,97 отсто
Стево Пендаровски освои 161 393 гласа, 19,90 отсто, Гордана Сиљановска Давкова 324 177 односно 39,97 отсто од гласовите, Стевчо Јакимовски освои 7.499 односно 0,92 отсто од вкупниот број на гласовите.
Кандидатот Бујар Османи освои 110 903, односно 13, 68 отсто, Билјана Ванковска 35.949 односно 4,43 отсто од гласовите, Арбен Таравари 78.110 илјади односно 9,63 отсто, Максим Димитриевски 70,996, односно 8,75 отсто од гласовите се резултатите од обработените 89,97 отсто од гласовите, извести претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Тој додаде дека изборниот процес поминал мирно и достоинствено и смета дека 99 отсто работите поминале како што треба.
Македонија
Касами: Добитници на овие избори сме ние, ДУИ има купено гласови
„Влен“ е легитимен претставник на Албанците и ги доби гласовите на Албанците, изјави Билал Касами на прес конференција.
„Добитници на овие избори сме ние, коалицијата „Влен“. ДУИ има купено гласови од загрозените гласачи кои имаат потреби од пари. „Влен“ ги доби гласовите на Албанците, вели Касами.
„ДУИ го загуби последниот легитимитет да зборува во име на Албанците, затоа на 8 мај ние ќе победиме. Овој резултат и во мандати не е голема разлика со ДУИ и на 8 мај овој резултат ќе биде во наша полза. ДУИ успеа да ја загуби последната можност, еден кандидат Албанец да биде избран на директни избори во 2024 година. Тие ќе бидат запишани со црни букви во историјата на албанскиот народ во Македонија. Ако биле заинтересирани Албанец да оди во вториот круг сигурно ќе беа координирани со нас и ќе беше возможно да биде избран Албанец. Затоа мислиме дека вредеше оваа борба“, рече Касами.
Тој се заблагодари на сите што го гласаа кандидатот Арбен Таравари и додаде дека ДУИ има изгубено гласови од помалите етнички заедници и од загрозените граѓани.
Таравари кажа дека коалицијата подоцна ќе разговара за тоа кому ќе ги даде гласовите во вториот круг на претседателските избори.