Македонија
Османи во Хрватска: Заслужуваме до крајот на годината да ги почнеме и формално пристапните преговори
Мора да продолжи европската интеграција на западниот Балкан како заеднички интерес и на земјите од регионот и на Унијата, заклучија министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и неговиот хрватски колега, Горан Грлиќ Радман, за време на состанокот во Загреб. Билатералните односи беа карактеризирани како динамични и пријателски, со интензивен политички дијалог на највисоко ниво, преку успешна соработка во бројни области од заемен интерес.
За двајцата министри продолжувањето на политиката на проширување на ЕУ ќе биде позитивен сигнал за целиот регион како суштински интерес и на земјите членки на Унијата, за европски Западен Балкан.
„Европската Унија треба да донесе неколку исклучително важни чекори и одлуки за нас, и тоа: да ја одобри преговарачката рамка за пристапните преговори, да ја закаже првата Меѓувладина конференција и да започнат и формално пристапните преговори. Сакам да бидам искрен, со оглед на постигнатиот реформски напредок, со оглед на нашиот долг европски пат, сметам дека заслужено очекуваме ова да се случи до крајот на оваа година, за време на германското Претседателство со Советот на ЕУ“, рече министерот Османи, упатувајќи притоа благодарност до колегата Грлиќ Радман, за силната поддршка од страна на Хрватска за нашите европски амбиции, која беше крунисана со одлуката на Советот на ЕУ за почеток на преговорите во рамки на Хрватското претседателство со ЕУ во првата половина од годинава.
„Круна на таквата поддршка беше одлуката за почеток на пристапни преговори на нашата држава со ЕУ во март оваа година, за време на вашето претседателство, а Декларацијата од Загреб 2020 беше дополнителна поткрепа на определбата на земјите од Западен Балкан за инклузивна регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи“, нагласи Османи на средбата.
Османи го информираше министерот Радман за неговата посета на соседна Бугарија, потенцирајќи ја притоа важноста од продолжувањето на меѓусебната комуникација на највисоко ниво, како единствен начин за надминување на евентуалните разлики и отстранување на сите предизвици за нормален контиуитет на европските интеграции на Северна Македонија.
„Ги засиливме политичките комуникации со соседна Бугарија на повеќе нивоа, а својата работа ја интензивираше и заедничката мешовита комисија за историски прашања. Верувам дека во периодот што следи соодветно ќе ги адресираме сите предизвици и нема да дозволиме да пропадне големата заедничка политичка инвестиција за европските перспективи на целиот регион“, потенцираше Османи.
Соговорниците се осврнаа и на соработката во рамките на НАТО, економската соработка, туризмот, иницијативата за отворање на Културно-информативни центри во Скопје и Загреб, како и за активностите врзани за заштита и промовирање на правата на малцинствата во двете земји, кои претставуваат мост за меѓусебно зближување. Посебно се осврнаа на актуелните состојби во регионот и пошироко, регионалната соработка, вклучително и мерките за координација во справувањето со Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Битиќи: Просечната пензија ќе ја зголемиме на 30.000 денари
„Просечната пензија ќе биде 30.000 денари, што е зголемување од скоро 9.000 денари или над 40% до 2028 година. Овие покачувања ќе се случат како резултат на новата методологија за пресметка на пензиите која оваа Влада ја воведе со измена на Законот за пензиско и инвалидско осигурување. На овие покачувања, новата Влада предводена од СДСМ ќе обезбеди и новогодишен пакет од 6.000 денари за секој пензионер“, изјави Фатмир Битиќи, коносител на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, на „Коалицијата за европска иднина“.
Зброувајќи за зголемување на минималната пензија, Битиќи истакна дека во следниот мандат истата ќе се зголеми на ниво од 20.000 денари, што би било зголемување од 45% до 2028 година.
Битиќи посочи дека во изборната програма предвидено е и енергетски додаток во износ од 1.500 денари за секој пензионер во периодот од октомври до март, односно во времетраење на грејната сезона, со што, како што рече тој, ќе го заштитиме стандардот на нашите највозрасни сограѓани.
„Ова значи дека секој наш пензионер ќе добива по 15.000 денари дополнително годишно, надвор од редовното покачување на пензијата која му следува по закон“, рече Битиќи.
Тој потсети дека минималната пензија во 2016 година изнесуваше 8.900 денари и истата е зголемена за 5.000 денари, и сега изнесува 13.900 денари, што е зголемување за 55% за период од седум ипол години.
„Просечната пензија која во 2016 година изнесуваше 13.800 денари, ја покачивме за 7.600 денари и сега таа изнесува 21.400 денари, или тоа е раст од 55%“, рече Битиќи и истакна овие достоинствени покачувања на пензиите се постигнати и ќе продолжат да се постигнуваат со домаќинско менаџирање со фондот за ПИОМ.
„Тотална спротивност се празните ветувања на ВМРО кое свесно им ветува зголемување од 5.000 денари, кое никогаш нема да се случи, затоа што ни самиот фонд за ПИОМ, ниту централниот буџет може да го понесе товарот од дополнителни 330 милиони евра годишно, за да се оствари ова ветување“, рече Битиќи, притоа порачувајќи дека „Коалицијата за европска иднина“ предводена од СДСМ носи напред, домаќински раководи со државниот буџет и се грижи за сите граѓани.
„Пензионерите да се мирни, бидејќи ние мислиме за нивниот удобен и достоинствен живот“, порача од пред пензионерскиот дом во Чаир Фатмир Битиќи, коносител на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, на „Коалицијата за европска иднина“.
Македонија
Митрески: Повисоки пензии, енергетски пакети и зимски регрес, пензионерите заслужуваат подобар стандард
„СДСМ се грижи за сите граѓани, особено за пензионерите. Преку конкретни политики обезбедивме економска сигурност и подобрен животен стандард. Минималната и просечната пензија пораснаа за 50 проценти, обезбедивме континуиран раст на пензиите. Го стабилизиравме Пензинскиот фонд, обезбедивме сигурност“, изјави Јован Митрески, носител во ИЕ 5 од Коалицијата за европска Македонија, предводена од СДСМ.
Тој додаде дека во време на Ковид кризата пензиите беа исплаќани и предвреме со цел да се заштити здравјето на пензионерите. Во таа насока, нагласи Митрески, зајакнат е здравствениот сикстем, реновирани се повеќе клиники и ургентни центри низ државата, а 80 проценти од градежните зафати од реконструкцијата во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ се завршени.
„Во новиот мандат гарантираме минимална пензија од најмалку 20.000 денари, а просечната ќе достигне 30.000 денари. Ќе воведеме енергетски пакети за пензионерите кои живеат сами, во висина од 1.500 денари месечно во периодот од октомври до март, како и зимски регрес за пензионерите, во износ од 3.000 до 6.000 денари. Највисока поддршка ќе има за пензионерите со пониски пензии“, изјави Митрески и додаде дека ќе се градат и нови домови за стари лица.
Митрески истакна дека ни треба системски пристап, мерки кои се одржливи и кои даваат резултати, а не популистички и наменски решенија, кои само го уриваат системот.
Тој ги повика граѓаните на 24 април и на 8 мај да ја поддржат Коалицијата за европска Македонија, предводена од СДСМ која има План има визија и знае како.
Македонија
Д-р Филипче од Струмица: 30.000 денари просечна и 20.000 минимална пензија во следниот мандат
„Секогаш е пријатен муабетот со пензионерите, затоа што тие се мудри, искусни и нивните совети се секогаш добредојдени“, рече д-р Венко Филипче, кој во рамки на својата агенда како кандидат за пратеник на СДСМ и Коалицијата оствари средба со Здружението на пензионерите во Струмица.
Во изјава за медиумите по остварената средба, д-р Филипче се осврна на придобивките и мерките кои СДСМ ги овозможи за пензионерите, потенцирајќи дека и во иднина ќе направи сè за да ја заштити оваа категорија граѓани.
„Со укинувањето на квотите за лекови на рецепт, овозможивме граѓаните да имаат лекови во кој било ден од месецот. Оваа мерка беше најважна за пензионерите кои можат во кој било период од месецот да ја земат својата терапија. Воведовме бесплатна вакцинација против сезонски грип за лица над 65-годишна возраст. Овозможивме и бесплатно болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери со пензија пониска од просечната во земјава“, рече д-р Филипче.
Тој посочи и дека без разлика на кризите со кои се соочуваше целиот свет, СДСМ не дозволи товарот да биде ставен на грбот на оние кои не можат повеќе да заработуваат и пензиите беа покачени за 50% во нивниот мандат. Но, како што рече, за пензионерите мора да се посветува и повеќе внимание во наредниот период.
„Тие се најпеднатните плаќачи на обврските кон државата, најнавремено плаќаат сметки за струја, комуналии, купуваат голем број лекови, тие веднаш откако ќе ја земат пензијата, на еден начин парите повторно ги враќаат во државната каса“, истакна Филипче.
На крајот од своето обраќање, д-р Филипче ги повтори и ветувањата на СДСМ во следниот мандат, односно минимална пензија од најмалку 20.000 денари, просечна пензија од 30.000 денари, како и воведување енергетски пакети за пензионерите кои живеат сами, во висина од 1.500 денари месечно во периодот од октомври до март. Во зимските месеци, рече Филипче, пензионерите ќе добиваат регрес од 3.000 до 6.000 денари и додаде дека највисоката поддршка ќе биде за пензионерите со најниски пензии.
„Ќе направиме сè за на стари години по пензионирањето секој да ужива во плодовите од својот поранешен труд. Тоа се наши родители, кои нè застанале на нозе, штеделе за да нè школуваат, да нè изведат на прав пат. Сега ние треба да се грижиме за нив и да им обезбедиме достоинствена старост“, заклучи Филипче.