Македонија
Османи до Борел: Време е да се направат напори за почеток на преговорите
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, за време на неговата посета на Скопје.
Како што информираат од Министерството, соговорниците се согласиле дека воениот конфликт во Украина претставува силна повреда на основните принципи на меѓународното право, сериозен удар врз демократскиот поредок, како и сериозен удар врз безбедносната архитектура на Европа и со тоа реална закана за светскиот мир, безбедноста и стабилноста, како и импликациите што може да ги има врз земјите од Западен Балкан.
„Верувам дека ова се историски времиња што бараат цврсти и навремени одлуки, но и единство во дејствувањето на целата ЕУ и нејзините земји членки. Нашиот закочен процес на интеграција во ЕУ е извор на системска ранливост, која надворешните актери лесно и вешто го користат во нивните активности. Затоа, нема простор за двоумење кон оние земји што спремно се придржуваат до заедничките европски вредности, принципи и стандарди. Ваквата состојба е императив земјите членки на ЕУ да направат заеднички напори, да изградат консензус и да донесат одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Членството на регионот во ЕУ е суштинска безбедносна, политичка и економска додадена вредност за Унијата“, истакнал Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.