Македонија
Османи до грчкиот министер Дендијас: „Посветени сме на обврските предвидени со преспанскиот договор“
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес му беше домаќин на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас, кој престојува во официјална посета на земјата.
Посетата на министерот Дендијас е продолжение на интензивната комуникација меѓу двајцата министри за надворешни работи, кои во разговорите констатираа континуитет на позитивната динамика во односите и соработката, која воедно претставува модел за целиот регион, каква треба да биде соработката и како успешно да се разрешуваат сите отворени прашања меѓу два соседа.
Ваквиот развој во преден план го става интензивниот политички дијалог, кој придонесува за зацврстување на довербата, за промовирање на целите и придобивките на стратешкото партнерство меѓу двата блиска соседа, со што се отвораат нови перспективи во економската соработка, енергетското поврзување и искористување на сите други капацитетите за продлабочување на соработката и во повеќе области, беше нагласено на средбата. Во прилог на тоа зборува фактот дека во првите осум месеци на годинава трговската размена меѓу двете земји е 20 отсто поголема во однос на истиот период минатата година.
Османи го информира својот соговорник дека Владата продолжува да биде посветена на реализирањето на обврските предвидени со преспанскиот договор изразувајќи уверување дека Грција ги препознава и вреднува нашите напори, што ќе биде дополнителен мотив што побргу да биде завршена ратификацијата на неколку меѓународни договори во грчкиот парламент. Со тоа дополнително ќе се овозможи унапредување на билатералната соработка во дадените сегменти.
Тој упати благодарност за цврстата поддршка на владата на Грција за почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, како и уверувањето дека таквата поддршка нема да изостане и во периодот што е пред нас.
„Грција продолжува да биде силен лобист за нашата интеграција и почнувањето на пристапните преговори, што Северна Македонија посебно го цени“, нагласи Османи.
Соговорниците можноста ја искористија и за размена на мислења и ставови за најновите состојби во регионот, регионалната соработка, кризните жаришта и акциите преземени за нивно надминување, при што беше нагласено дека како сојузници во НАТО и стратешки партери во ЕУ неопходна е заедничка координираност за максимизирање на ефектите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче
Полицијата во Охрид го приведе А.И.(48), затоа што го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од СВР Охрид.
Македонија
ОЈО Делчево истражува обид за изборен поткуп со бесплатно вградување водомери
Основното јавно обвинителство Делчево истражува предмет за изборен поткуп со бесплатно поставување водомери. Обвинителот Џељаљ Бајрами, претседател на Комисијата на Јавното обвинителство за следење на евентуални кривични дела поврзани со изборите извести дека се издадени наредби за увид во службената документација на Јавното претпријатие „Комуналец“ во Делчево.
„Во текот на вчерашниот ден во Основното јавно обвинителство Делчево е заведен предмет по барање на Министерството за внатрешни работи за кој се побрани наредби за вршење увид во службената документација на Јавното претпријатие ’Комуналец“ со цел да се проверат наводите за евентуално сторено кривично дело поткуп при избори и гласање. Се работи за наводно поставување водомери во поголем број населени места во таа општина. Дадена е наредба за проверка на службената документација во претпријатието. Доколку се утврди дека има елементи за сторено кривично дело поткуп при избори и гласање, предметот ќе се процесира понатака“, рече обвинителот Бајрами.
Во Основното јавно обвинителство Радовиш денес е пријавено дека во село Бучим еден од гласачите, наводно, го покажал гласачкото ливче кон еден од набљудувачите од една политичка партија. И за овој настан обвинителот Бајрами рече дека се дадени насоки за проверка на наводите и доколку постојат елементи за сторено кривично дело и овој предмет ќе се процесира.
Обвинителот Бајрами рече дека од аспект на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денешниот изборен ден се одвива без поголеми нарушувања и нерегуларности.
Македонија
Одѕивот до 13 часот е 26,35 отсто – најмногу гласале во Новаци, а намалку во Врапчиште
Процентот на избирачите кои гласале до 13 часот е 26,35 отсто, информираше претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Според податоците, најголема е излезноста во Новаци – 42,87, а најмала во Врапчиште 10,18 отсто.
Заклучокот е дека досега гласањето се одвива мирно на сите избирачки места.
До ДИК се доставени 140 приговори за заштита на избирачко право, од нив 16 се усвоени и на избирачите им е овозможено да остварат право на глас, 8 се отфрлени како неуредни, а 9 одбиени. Останатите се во обработка.