Македонија
Османи: Мерките за верските објекти подразбираат носење маски, одржување дистанца и дисциплина
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, како Главен координатор на кризните штабови на единиците на локалната самоуправа за одбрана од Ковид-19, оствари посета на кризниот штаб во Струга, каде заедно со Градоначалникот на општината, Рамиз Мерко остварија средба и со претставниците на поголемите верски заедници, каде се осврнаа на последните случувања во општината поврзани со справувањето со Ковид-19.
Вицепремиерот посочи дека во соработка со верските заедници и стручните служби на Владата, се работи на сет мерки за верските објекти, кои пред сè подразбираат носење заштитна опрема, одржување на пропишаната дистанца, одржување ред и дисциплина и останати активности кои ќе обезбедат најпрво безбедност за здравјето на верниците, но и соодветно ќе се вклопат и во стратегијата на државата за заштита на колективното здравје и борбата против епидемијата.
„Настаните од пред неколку дена овде во Струга, покажаа недостатоци во справувањето со епидемијата кои директно ја загрозуваат стратегијата на државата во справувањето со кризата од пандемијата. Не е наше овде и веднаш да ја лоцираме одговорноста, ние овде, и како верски претставници, и како политички претставници, но пред сè како луѓе, имаме обврска да најдеме начин како ќе се погрижиме за здравјето и безбедноста на нашите граѓани, притоа да им овозможиме, колку е тоа остварливо и можно, да ги практикуваат верските и традиционалните обичаи во една нова нормалност“ истакна Османи по состанокот, изразувајќи задоволство од одржаниот состанок со верските заедници, кои покажале, како што вели и волја и интерес за примена на мерките за безбедност при одржување верски собири кои заеднички ќе ги утврдат со Владата.
„Добро е што овој настан го одржуваме овде во Струга, затоа што без разлика на настанот од пред неколку дена, Струга е град кој го симболизира соживотот и навистина е убаво од тука прво да ја испратиме пораката дека заеднички ќе ги усогласиме мерките, и дека се тие подеднакво важни за двете верски заедници, исто како што сите верници се подеднакво загрозени и во опасност од коронавирусот“ истакна Османи при што нагласи дека државата мора да покаже дека има исти аршини за сите, бидејќи само така ќе може да смета на поддршката од граѓаните во справување со пандемијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Села оди во коалиција со Ахмети
На седница на Централното собрание на крилото на Алијансата за Албанците предводено од Зијадин Села, беше одлучено да коалицираат со Европскиот фронт – коалицијата предводена од ДУИ.
Зијадин Села изјави дека одлуката била донесена едногласно, односно само еден делегат бил против, а четворица воздржани.
Очекуваат да добијат најмалку пет пратенички мандати.
„Европскиот фронт ќе биде апсолутен победник на изборите. Алијансата ќе има минимум парламентарна група“, рече Села.
Алијансата се подели на две крила, кога партискиот лидер Арбен Таравари објави дека партијата на претстојните парламентарни избори ќе настапи заедно со опозицискиот блок на Албанците – Беса, Алтернатива и Демократско движење, додека Села објави дека ќе одат на избори самостојно. Потоа следеа одделни партиски конгреси, а во судот веќе се води спор.
Македонија
ДУИ во коалиција со Унијата на Ромите
По потпишувањето на коалицијата за Европскиот фронт со ДПA на Мендух Тачи, Народното движење на Скендер Реџепи Зејд, ДЕП на Аријан Хоџа и Демократска партија на Турците (ТДП), претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети одржа конференција за медиумите, каде што беше потпишан коалицискиот договор со Фатма Османоска, претседател на партијата Унија на ромите.
Претседателот на Демократската унија за интеграција , Али Ахмети ја истакна важноста на коалицијата помеѓу двете заедници, онаа на Ромите и Албанците и силата што ќе ја има Европскиот фронт во борбата против дискриминацијата и маргинализацијата на секоја заедница.
„Општина Шуто Оризари е единствената општина во Европа на ромската заедница и тоа е навистина за радување и за поддршка во сите сфери на животот. Почитувана претседателка на партијата, на средба со градоначалникот на општината, му реков, почитуван градоначалнче, немавте претставници за време на Охридскиот договор, јас ги претставував сите заедници кои немаа претставници таму, Роми, Турци, Власи, Бошњаци како и Трајковски чија евангелиска вера не ја признаваа. Г-ѓо претседателке, нема потреба да поставувате барања, ја имате нашата поддршка, јас доаѓам од народ кој бил дискриминиран, надгласуван и маргинализиран, затоа сите заедно ќе се бориме против дискриминацијата и маргинализацијата. Ромската заедница рамноправна со сите на истиот фронт. Сакам да му честитам на градоначалникот на Шуто Оризари за работата и соработката, кој оствари извонредна соработка со Албанците и советниците кои работат заедно, бидејќи градоначалникот е тој што доближува. Зборувам со голема одговорност, ќе не испробате и ќе видите какви партнери сме. Не само со зборови, туку и со дела. Ќе бидеме заедно на нашето патување, ќе ја направиме нашата земја членка на ЕУ, во нашата земја мора да владее правото, во нашата земја мора да владее вистинска демократија, а ние, Европскиот фронт, сме тие кои ќе ги градиме овие вредности. Вака како што сме заедно, на 24-ти април, да извојуваме убедлива победа и на 8-ми мај, неспорна победа. ДУИ ќе го направи невозможното, во овој мандат мора да има пратеничка Ромка, и таа ќе биде Фатма. Честитки, здравје и успех! Без дилеми, Европскиот фронт е победник на овие избори“, рече Ахмети.
Претседателката на Партијата на Унијата на Ромите, Фатма Османоска, рече дека денес единствен начин ромската заедница да најде поддршка и потпора е да се приклучи на еден единствен фронт каков што е Европскиот фронт.
„Почитуван премиере, почитуван господине Ахмети, почитувани сопартијци, советници и граѓани. Во кој фронт да се вклучи нашата партија, ако не во Европскиот фронт? Кого да избереме ако не оние со кои имаме иста визија. Ни рекоа, немате политичка сила, немате образован кадар, немате партија. Сега сме тука пред вратата на Европа, за да влеземе во ЕУ како рамноправни. Овој сојуз ќе ни даде можност да бидеме рамноправни. Како претседател, а и како партија гарантираме дека оваа соработка ќе успее“, рече Османовска.
Исто така, за важноста на Фронтот зборуваше и градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој истакна дека со овој фронт Ромите ќе почнат да го живеат сонот кој требаше одамна пред многу години, додавајќи дека фронтот ќе добие повеќе од 20 пратенички мандати.
„Ова што се случува во наше време, жалам што претходните ромски политичари не ја сфатија оваа можност, за да го искористат Рамковниот договор како што денес браќата Албанци ја искористија да бидат рамноправен народ со Македонците, но велам дека никогаш не е доцна. Оваа коалиција ќе донесе голема победа со плус 20 пратеници“, изјави градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш.
Македонија
Родово заснованото насилство на националните телевизии во фокусот на првиот јавен состанок на АВМУ
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес го одржа првиот јавен состанок за оваа година, на кој директорот д-р Зоран Трајчевски направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци.
Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, издавачите на печатени медиуми, изречените мерки јавна опомена, активностите на полето на меѓународната соработка.
На состанокот беа презентирани и наодите од Истражувањето за начинот на известување за родово заснованото насилство во информативните програми на националните телевизии во 2023 година, кое за потребите на Агенцијата го изработи Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во него се опфатени првите десет дена од месеците јануари, февруари и март 2023 година.
Истражувањето опфаќа две целини, од кои едната се однесува на прилози кои прикажуваат конкретни случи/настани на родово засновато насилство, додека втората, на прилози кои презентираат одредени состојби поврзани со оваа појава, како податоци од истражувања, статистички податоци, однос на релевантните институции и мерките што тие ги преземаат.
Од анализирани прилози, идентификувани се 22 кои обработуваа конкретни настани што се однесуваат на родово засновано насилство. Анализата покажа дека тие се најчесто во форма на вест или извештај, актерите и изворите на информации се прецизно наведени и најчесто се емитуваат на крајот на иформативните емисии.
Во однос на прилозите кои го обработуваа родово заснованото насилство како појава, идентификувани се 11 прилози, во кои најчестите типови на насилство беа видови на економско насилство, фемицидот, семејното и психолошкото насилство.
Целото Истражување е достапно на веб страницата www.avmu.mk.