Македонија
Османи на средба на бугарскиот пратеник Ковачев: „Градиме мостови на соработка за заеднички успех“
Во рамките на дводневната посета на Брисел министерот Бујар Османи се сретна и со европратеникот Андреј Ковачев, кој воедно е член на АФЕТ и потпретседател на ЕНП.
Османи на разговорот посочи дека Република Северна Македонија е целосно посветена на унапредување на добрососедските односи со Бугарија преку имплементација на сите одредби на билатералниот договор за пријателство, добрососедство и соработка врз основа на меѓусебно почитување.
„Нашата политика е во насока на градење на пријателство и на линија на негување на европските вредности“, истакна Османи.
На средбата беа реафирмирани позициите на нашата земја дека со Република Бугарија беше почнат еден исклучително важен и сложен процес на заедничко растење. Османи посочи дека влогот е голем од двете страни и очекувањето е дека ќе надвладее меѓусебното разбирање и ќе се продолжи по патот на зближување и градење партнерство преку заемно почитување како две соседни европски држави.
„Република Бугарија и досега ги подржувала европските интеграции на Република Северна Македонија и очекуваме оваа поддршка да продолжи и во иднина. За нас беше од исклучителна важност бугарското претседавање со Советот на ЕУ во 2018 година кога проширувањето на ЕУ повторно се врати како приоритет на агендата на Европската Унија, затоа континуитетот на оваа успешна и заедничка приказна мора да продолжи со усвојување на Пжпреговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ“, додаде Османи.
На средбата стана збор и за заедничкото претседавање со Берлинскиот процес, при што беше подвлечено дека со нашиот сосед негуваме професионална и плодна соработка во менаџирањето на агендата на заедничкото претседавање со Берлинскиот процес, и тоа во услови на пандемија. Тоа јасно покажува дека можеме да практикуваме партнерски однос и негуваме европски пристап во меѓусебната комуникација и функционирање. Копретседавањето на Бугарија и Северна Македонија со Берлинскиот процес, односно помеѓу земја членка на ЕУ и земја кандидат, ќе биде пример и образец за продлабочување и на европската соработка и иднина на регионот.
Соговорниците заклучија дека мултидисциплинарната заедничка комисија за историски и образовни прашања треба да ја продолжи својата работа во насока на постигнување напредок.
„Градиме мостови на соработка, кои водат кон зголемена доверба и заеднички успех. Тоа е и целта на договорот меѓу двете земји, на рамката што ја имаме усогласено – за историските прашања да разговараат експертските комисии, а истовремено да обезбедиме непречена политичка, економска, културана и општествена соработка“, заклучи Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и Скопје 2014, велат од СДСМ
Ништо не е променето во ДПМНЕ, оценуваат од владејачката СДСМ.
„На митинзите на ДПМНЕ и Силјановска е истата кореографија од времето кога се носеа Хунзи и кога им се правеше пречек на скопскиот аеродром, а граѓаните Македонци се претставуваа како нивни големи наследници.
Тоа е истото време на грабежот од Скопје 2014 и историскиот инженеринг на ДПМНЕ“, додаваат од СДСМ.
Според нив, ДПМНЕ е истата режимска партија.
Со ДПМНЕ, како што велат, е можно само враќање назад во изолација и режим, во темното минато на недемократските процеси и далеку од ЕУ.
Македонија
Мицкоски: Преземам иницијатива за создавање на национално единство, и запирање на сите напади кон Левица и ЗНАМ, државата е одземена од народот
„ВМРО-ДПМНЕ – ВМРО Демократска партија за македонско национално единство, тоа е многу силно име, кое не само заради историското ВМРО и континуитетот на кој се повикуваме како идеја и организација која ја славиме и која е нераскинлив дел од македонското национално движење и можеби најзначајна за македонскиот национален идентитет, туку истовремено и поради обврската и одговорноста која и вториот дел од името ја носи со себе. Долго време таа обврска и одговорност како да се одбегнуваше, некогаш занемаруваше, некогаш впрочем и попусти беа обидите да се оствари, но обиди иако неуспешни имало“, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вчерашниот митинг во Охрид.
Тој нотираше дека сака да успее во тоа, да создаде македонско национално единство.
„Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум и запирање на сите напади кон партите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ, но и како моја обврска да пробам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога тоа и е најпотребно на државата, во моменти кога државата е одземена од народот и во рацете на неколкумина корумпирани политичари од ДУИ со неколкумина корумпирани политичари од СДСМ кои се седнати во скут кај овие од ДУИ“, рече Мицкоскит.
ПИстакна дека Македонија мора да се обединува по сите основи, за тоа да се случи мора да се почне од некаде, и нема подобар период од тоа, тој процес да започне токму сега.
„Ќе има во иднина моменти кога националното единство ќе е неопходно, исто како што ќе има моменти кога ќе се прејде на едно граѓанско единство без разлика на етничката припадност, затоа што ова, е земја на сите граѓани кои живеат во нејзе и сите ние граѓаните од различни етнички заедници сме нераскинлив дел и столб на оваа држава и на нејзината иднина“, заклучи тој.
Неговата порака е дека нема откажување од граѓаните, нема откажување од единството помеѓу сите, затоа што само така заедно сложни со силата и капацитетот на сите, сме иднината на ова земја, порача Мицкоски.
Македонија
Маричиќ: Оваа Влада ги покачи пензиите за 50 проценти и ветуваме дека во наредниот мандат просечната пензија ќе биде од 500 евра
Меѓународниот секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ, оствари средба со граѓаните пензионери од Изборната единици 1, каде што тој е дел од листата на Социјалдемократскиот сојуз и Коалицијата за европска иднина.
Маричиќ јавно се обврза дека како член на наредната Влада што ќе ја предводи СДСМ ќе продолжи да работи за пензионерите да имаат убав и достоинствен живот.
„Оваа Влада ги покачи пензиите за 50% и ветуваме дека во наредниот мандат ќе биде просечна пензија од 500 евра. Исто така се обврзуваме на зимски регрес од 3000 до 6000 денари за секој пензионер, а најмногу ќе добиваат оние со најниски пензии. Исто така ветуваме енергетски пакет од 1500 денари месечно во текот на грејната сезона за оние пензионери на кои најмногу им треба“, вети Маричиќ.
Тој нагласи дека пензионерите тоа го заслужуваат.
„Без вашата генерација и без влогот кој што го дадовте немаше да имаме држава. Токму затоа сме дожни и обрзани да работиме пензионерите да имаат мирни и спокојни пензионерски денови и мирно да ги гледаат своите деца и внуци како растат. А како растат внуците така нека растат и пензиите“, нагласи Маричиќ на средбата со тетка Верица и пензионерите од Карпош.
Меѓународниот секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ, порача дека тој, СДСМ и Коалицијата за европска иднина „не се откажуваат од подобриот животен стандард за спокоен живот за пензионерите“.