Македонија
Османи на средба со Гир: За ЕУ нема алтернатива, без разлика на исходот во декември
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари редовна работна средба со шефот на Делегацијата на ЕУ во земјата, амбасадорот Дејвид Гир.
Предмет на разговорот беа актуелностите за усогласувањето на преговарачката рамка за почеток на ЕУ-пристапните преговори на Северна Македонија помеѓу земјите членки на ЕУ во Брисел, претстојниот одлучувачки Совет на ЕУ, кој ќе се одржи на 8 декември и напорите да се надминат пречките од билатерален карактер со Бугарија.
„Особено ги цениме активниот ангажман и принципиелниот став на Европската комисија за постигнување консензус помеѓу земјите членки на ЕУ за предлог-преговарачката рамка за Северна Македонија и закажувањето на првата меѓувладина конференција во текот на германското претседателство со Советот на ЕУ до крајот на 2020 година. Пристапниот преговарачки процес за членство во ЕУ нема алтернатива, ниту план Б и дека без разлика на исходот на Советот во декември, Северна Македонија ќе остане посветена на спроведување на реформите со ЕУ-предзнак и на унапредување на добрососедските односи со сите соседи, вклучително и со Бугарија во согласност со договорот за пријателство“, истакна Османи.
Соговорниците разговараа и за актуелните внатрешнополитички случувања во државата, состојбата со пандемијата предизвикана од Ковид-19, состојбите во регионот, но и за имплементација на постигнатите придобивки од успешното копретседателство на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ковачевски: СДСМ и Коалицијата се единствена опција за европска иднина на државата
„СДСМ и Коалицијата се единствена опција за европска иднина на државата. Ние нудиме јасен план и визија како до 2030 година Северна Македонија да стане земја членка на ЕУ. Наспроти нашите политички конкуренти ВМРО – ДПМНЕ кои немаат ниту план, ниту визија, ниту одлучност, ниту волја да го направат тоа“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, од предизборниот митинг во Демир Капија.
Ковачевски нагласи дека изборот е кристално јасен.
„Избирате помеѓу надеж за подобра, европска иднина со СДСМ или безнадежност и враќање назад со ВМРО ДПМНЕ. Нашите идеи се прогресивни, со јасна визија за европска иднина на државата за што имаме голема поддршка од нашите пријатели од ЕУ“, истакна Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека од друга страна, Мицкоски ќе го одолговлекува европскиот пат и за тоа ќе го обвини Брисел.
„ВМРО-ДПМНЕ не нуди никаков план за јасен напредок во евроинтеграциите, напротив, може да слушнете нивни изјави каде велат дека не треба да станеме членка на ЕУ сто години, а можеби и никогаш. Тоа покажува дека ја продолжуваат политиката на Никола Груевски. Со нив, Северна Македонија ќе се врати во чекалниците и во темното минато на недемократските процеси“, нагласи Ковачевски.
„СДСМ никогаш не се откажува! И нашите противници мора да го знаат тоа! Не ни треба враќање назад во изолација и неизвесност туку напредок и членство во ЕУ, нема откажување од подобра иднина за нашите граѓани“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, од предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата во Демир Капија.
Македонија
Јакимовски: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ водат ноевска политика, зошто не одговорите на уцените?
„Секојдневно сме буквално бомбардирани од нови и нови уцени и закани од страна на господинот Османи и од страна на господинот Таравари и заедно и едниот и другиот велат дека тие нема да влезат во Влада со оној што нема да го смени Уставот и нема да прават Влада со оној што нема да поддржи измена на Уставот во којшто претседателот ќе се бира во Парламентот“, рече претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски од Струмица.
„Јас не можам да се изначудам зошто нема никаква реакција од кандидатот Доналд Реган, ниту пак од господинот Стево Пендаровски. Ај што тие не реагираат на овие уцени, но уште повеќе не можам да се изначудам како може да нема реакција ниту од ВМРО-ДПМНЕ, ниту од Мицкоски, ниту од Ковачевски, ниту од СДСМ. Практично се гледа дека водат ноевска политика, односно, главата е ставена во песок и на овие закани и на овие уцени никако не одговараат.
Јас јавно ги прашувам: Ќе се одважите ли некогаш на овие уцени да одговорите со ваш одговор, а тоа е одговорот дека ако има уцени за состав на Влада, ние ќе направиме широка коалиција меѓу ВМРО, СДСМ и сите останати што сакаат да влезат во Влада, па кој сака бујрум, кој не сака нека еди надвор?
Ова го очекува македонскиот народ. До кога мислат да го понижуваат токму партиите кои се претставници на македонскиот народ? Буквално го умревме овој народ од разочарувања и буквално главната причина зошто ни се иселуваат младите луѓе од Република Македонија е токму разочараноста од политичките и духовните водачи на нас Македонците во Република Македонија.
Еве јавно кажувам, зошто не излезете да одговорите на овие закани? Зошто господинот Мицкоски цело време се прави дека тој кога ќе дојде на власт, тој ќе го скротел ДУИ. На ваков ли начин ќе го скротите? Што на сите овие закани вие сте ја ставиле главата како ној во песок и цело време ќутите и ништо не одговарате. Во крајна линија, зошто не излезеш да одговориш дека со уцени и со закани не си подготвен да соработуваш, па макар и да не формираш Влада и да го видам тој што ќе формира Влада потоа како ќе му се дигне целиот македонски народ затоа што прифаќа уцени и затоа што со секои нови избори, со секои промени на Уставот, нас Македонците не поткусуруваат како монета и практично ништо не останува ниту од нашиот идентитет, ниту од нашиот јазик, ниту од нашата гордост.
Јас морам да прашам, тие велат дека Македонија да била повторно горда. Кога била Македонија горда? Може да одговорат од ВМРО-ДПМНЕ, во времето на Груевски, или пак во времето на Љупчо Георгиевски, или пак во времето на Бранко Црвенковски? Јас знам дека тие одговорот го немаат и тоа им е самo обична парола, а јас јасно ќе им кажам: Најгорди бевме зa време на Титова Југославија, тогаш бевме многу поголеми Македонци и се чувствувавме горди. Вашиот начин на практицирање на политиката не доведе да бидеме најпонижен народ во Европа и со свиткана кичма, со прекршена кичма, да одиме кон Европа. И јас сакам јасно да ви покажам дека има граѓани во Република Македонија кои не се согласуваат со овие ваши политики и се подготвени да се спротивстават на сите уцени и закани кои доаѓаат од било кој дел и од било кој политички субјект, без разликадали се работи од внатре од Република Македонија, или пак тоа доаѓа од надвор“, истакна Јакимовски.
Македонија
Пендаровски во Чешиново-Облешево: Немаме нови години за губење, треба што поскоро да станеме земја членка на ЕУ
Ние немаме уште 20 години да чекаме, туку треба да ги направиме следните чекори, за повеќе да не биде изборно прашање „Дали сте за Европа?“. Да сте за Европа значи да сте за подобар живот, порача денеска пред граѓаните на општина Чешиново-Облешево кандидатот за претседател Стево Пендаровски.
„Добро е да се биде членка на ЕУ, кога си земја членка на ЕУ, добиваш огромни средства од европските фондови прво за земјоделство, а потоа и за инфраструктура. ЕУ дава сериозни пари за да се обезбеди рамномерен регионален развој за да не биде некој регион многу богат, а некој многу сиромашен и поради тоа важно ни е да станеме земја-членка на ЕУ“, порача Пендаровски.
Но, додаде тој, опозицијата го блокира патот кон ЕУ, се противи на договорите, со изговор дека ќе направи нови договори, кои наводно ќе биле подобри.
„Тие велат, ова не чини, тоа не чини, ние ќе направиме нови договори. Додека тие ги направат тие договори, под претпоставка дека ќе бидат подобри, што нема да биде случај и оние малку млади што се во државата ќе се иселат од тука“, истакна Пендаровски.
Пендаровски порача дека работите ќе се сменат на подобро само ако сите се посветат на она што е важно за граѓаните и државата и од присутните побара поддршка на изборите на 24 април.