Македонија
Османи: Опозицијата да се вклучи во процесите за членство во ЕУ
Заменик-претседателот на Владата и главен политички преговарач за Европската Унија, Бујар Османи, и посебниот советник за евро-атлантски интеграции во канцеларијата на претседателот на Владата, Бојан Маричиќ, денеска одржаа прес-конференција на која информираа за преговарачка структура, што претставува модел по кој ќе се организира државата за процесот на преговори со Европската Унија, како и модел преку кој ќе се имплементираат заклучоците од овие преговори.
„Основна функција на процесот на преговори што ни претстои претставува нашата подготовка за членство во Европската Унија, а самиот процес на преговори претставува една од најважните административно-политички операции низ кои поминале сите земји членки на Унијата. Трансформација што треба да резултира со создавање европско општество. Преку оваа трансформација ќе ги оствариме основните цели за кои имам неспорен консензус. Тие цели се: создавање функционална мултиетничка демократија; општество што почива на вредностите како солидарност, еднаквост и владеење на правото; општество што ќе обезбеди подобри услуги за своите граѓани – подобро и подостапно здравство, поквалитетно образование, брза и ефикасна администрација итн.; општество што ќе обезбеди услови за побрз економски развој, услови за привлекување повеќе странски инвестиции, подобри услови и за инвестиции од страна на домашните инвеститори, подобри услови за работа на претприемачите и сè она што на крајот ќе резултира и со повеќе работни места, поголеми плати и, воопшто, поквалитетен животен стандард“, истакна Османи.
Тој нагласи дека претстои најважниот процес во нашата понова историја.
„Ова е процес кој е толку важен што не може да ѝ се остави само на Владата да го спроведува, туку во него треба да се вклучат и претставниците на сите институции, на сите општествени фактори, експертската јавност, претставници од академската сфера, од граѓанскиот сектор итн. Пред сè, сакам да повикам на вклучување и на опозицијата, која и досега се има вградено во овој процес, а која е секако добредојдена и која очекуваме да биде дел од овој процес и понатаму“, потенцира Османи и нагласи дека во целиот процес ќе се води и грижа и за правичната застапеност и инклузивност.
Заменикот на главниот политички преговарач, главен технички преговарач и шеф на техничкиот преговарачки тим, Бојан Маричиќ, во своето обраќање пред медиумите подетаљно информира за структурата на преговарачката група, за очекуваниот состав на 35-те работни групи и за нивното функционирање.
Маричиќ нагласи дека претстои долготраен и исцрпен процес, кој ќе бара многу институционална работа, но и многу сериозни политички одлуки.
„Сепак, секоја жртва ќе вреди бидејќи ова е процесот на европеизација, кој нема само да ја внесе Република Македонија во ЕУ, туку и ќе ја донесе ЕУ во Македонија. Државните и јавните институции ќе бидат локомотивата на овој процес. Но, освен Владата, во овој процес ќе мора да се вградат и Собранието, судството, опозицијата, граѓанското општество, бизнис-заедницата и сите други засегнати страни. Место ќе има за секого, но и одговорност и работа“, рече Маричиќ во своето обраќање и додаде дека ова што започнува сега е генерациска задача на сите што го сонуваат и кои работат за идеалот на европска Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ССМ повика на првомајски протест: Бараме враќање на трошоците за храна и превоз и минимална плата од 450 евра во првите 100 дена од новата влада
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) повика на првомајски протест за враќање на трошоците за храна и превоз и зголемување на платите во првите 100 дена од новата влада. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, најави дека пораките испратени од првомајскиот протест треба да бидат црвен аларм за сите оние што ќе го очекуваат гласот на работниците на 8 мај.
„Ние работниците излегуваме на протест и на Први мај ќе побараме враќање на трошоците за храна и превоз, право што го изгубивме во 2009 година поради бруто-системот за пресметка на платите во Македонија. Ќе бараме зголемување на платите, и тоа во првите 100 дена од новата влада, особено зголемување на минималната плата, на најмалку 450 евра, онолку колку што таа изнесува во регионот за да не се доведеме во ситуација нашите граѓани, работниците од Македонија, да градат туѓи економии и да работат за туѓи интереси“, рече претседателот Трендафилов.
Трошоците за храна и превоз што ССМ бара да се вратат во пресметките за плата изнесуваат 20 отсто од просечната плата. Според сегашните пресметки, ако од минималната плата се одбијат овие трошоци и давачките што сега се плаќаат, излегува дека работниците што имаат минимална плата, работат за 14.000 денари.
„Бараме 20 отсто од просечната плата за трошоци за превоз и за храна ако имаме предвид дека секојдневно поскапуваат не само реагенсите туку и трошоците за храна. Ако се има предвид синдикалната кошничка, над 20.000 денари изнесуваат трошоците за прехранување на едно четиричлено домаќинство. Зборуваме за леб и вода, не повеќе. Сметаме дека трошоците за храна и превоз треба да се вратат во платите на работниците ако имаме предвид дека 22.500 е минималната плата од март, доколку ги пресметате трошоците за храна и за превоз, во согласност со даночните ослободувања, ќе видите дека немате плата ниту 14.000 денари. Поради тоа, работниците го очекуваат од нас барањето за враќање на трошоците за храна и превоз“, рече Трендафилов.
Тој потсети на првомајскиот протест од 2018 година организиран со мотото „Гаси скара, касни плата“ за кое рече дека важи и денес оти доцнат платите во „Македонски шуми“, работниците во културата преку протести издејствуваа усогласување и исплата на платите, а повеќе од 20.000 работници, според податоците од Управата за јавни приходи, земаат плати пониски од минималната.
„Да не се лажеме, ако не излезете на протест, нема да добиеме ништо. Колку ќе дојдеме, колку ќе излеземе на протест, толку и ќе добиеме. Доколку очекувате во наредните пет години некој кога ќе ја води државата да ве слушне, сте се излажале. Денеска е моментот кога треба да излезете на улица и да кажете што барате од сите тие што очекувате да ја водат државата“, повика Трендафилов.
Заедно со протестот Трендафилов најави дека работниците ќе го бранат и Работничкиот дом од институциите што го презедоа. „Нека дојдат и нека си ја пробаат среќата“, порача тој.
Протестот ќе почне во 11 часот пред Работничкиот дом, ќе продолжи пред Собранието, пред Стопанската комора и ќе заврши пред Владата, каде што работниците ќе ги упатат пораките, ќе кажат зошто не се задоволни и ќе им кажат на оние што го чекаат гласот од нив дека треба да се погрижат повеќе за работниците.
Македонија
УЈП: До 26 април продолжен рокот за поднесување на ДДВ-04 пријавите
Управата за јавни приходи информира дека пропишаниот рок за поднесување на пријавите за данокот на додадена вредност, ДДВ-04, кој истекува на 25.4.2024 година, се продолжува за еден ден.
Според соопштението од УЈП, краен рок за поднесување на пријавите ДДВ-04, ќе се смета 26.4.2024 година имајќи ја предвид владината одлука, со која 24.4.2024 година (среда) се прогласува за неработен ден за сите граѓани.
Македонија
Гласањето на затворениците и болните се одвива без проблеми, велат од ДИК
Денес, 2.569 гласачи своето право на глас ќе може да го остварат во 31 гласачко место во ДКП, каде што се пријавиле да гласаат, а чии пријави се прифатени од страна на Државната изборна комисија.
На гласачките места во 14 казнено-поправни установи своето гласачко право денеска ќе може да го остварат 2.147 гласачи. Сите гласачки места во казнено-поправните установи се отворени утрово во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот.
До овој момент гласањето тече без проблеми. Во текот на денешниот ден своето гласачко право во единствениот центар за внатрешно раселени лица ќе може да го остварат и двајца гласачи, кои се водат како внатрешно раселени.
Во текот на денешниот ден избирачките одбори во Република Северна Македонија ќе го спроведат гласањето на лица што се болни или немоќни, а до општинските изборни комисии доставиле известувања со соодветна документација. Во своите домови гласачкото право ќе го остварат 6.935 граѓани, кои се пријавиле како болни или немоќни.
Денес, 534 гласачи, кои се сместени во 20 центри за вонсемејна грижа, ќе имаат можност да го остварат своето право на глас во центарот во кој се сместени. Постои изразен интерес и за набљудување на овие избори од страна на домашни, странски и меѓународни организации и медиуми. Државната изборна комисија досега им издаде акредитации за набљудување на 342 домашни, 517 странски и меѓународни набљудувачи, 51 преведувач и 32 странски новинари. На сите граѓани на располагање им се и интернет-страницата на ДИК, www.sec.mk, како и страниците на социјалните мрежи „Фејсбук“, X, „Инстаграм“, како и каналот на „Јутјуб“, каде што ќе може да најдат правовремени и точни информации поврзани со изборите.
Со право на глас на овие избори во Избирачкиот список се запишани вкупно 1.814.317 гласачи.