Македонија
Османи: Прифаќам дека не требаше да се објави фотографија на која сме без маски, но протоколите не беа прекршени
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој ја објави фотографијата од групирањето на ДУИ во новиот објект на Министерството за политички систем, вели дека немало непочитување на протоколите, но прифаќа дека е грешка тоа што објавил фотографија на која се без маски.
Објасни дека тоа било само момент заради фотографирање, кој добил погрешна интерпретација во јавноста и жали што е причина за негативни чувства.
„Немаше ниту прослава, ниту партизација ниту непочитување на протоколите. Имаше момент на промовирање на новиот објект на Министерството, каде што еден од вработените го изненади претседателот Ахмети со честитка за неговиот роденден и тој миг се искористи за да се направи фотографија. Во тој дел нема апсолутно кршење на протоколите. Тука прифаќам една грешка дека можеби пораката што се дава до граѓаните со фотографија на која сме без маска треба да се минимизира, независно што тоа е без маска во миг поради фотографирањето, а не одржување некаква церемонија без маски, но, да, не треба да се пуштаат фотографии без маска. Едно можам да гарантирам, ниту имало прослава ниту имало непочитување на протоколите. Треба да ги видите и другите фотографии за да видите дека тоа е миг на изненадување во кој тие што се најдоа во моментот фотографираа. И нема ништо друго, жал ми е што ова стана причина за вакви чувства и нервози кај граѓаните и не треба да се повтори во тој дел, фотографии без маски заради порака. Во никој случај немаше кршење на протоколите“, рече министерот Османи.
Фотографијата од петнаесетмина членови на ДУИ, меѓу кои и високи државни функционери, Османи ја објави синоќа, а на социјалните мрежи се појавија и фотографии на кои лидерот Али Ахмети сече торта.
Под објавените фотографии симпатизерите му го честитаат 62. роденден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Штипјанец и скопјанка фатени како ги фотографираат гласачките ливчиња, а жител на Бучим му го покажал ливчето на набљудувач
Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
„Од отворањето на гласачките места до 11.00 часот регистрираме две фотографирања на гласачко ливче, едно во Штип и едно во Скопје. Во 09.30 часот на избирачко место 2274 во Штип Г.Ј. го фотографирал гласачкото ливче и од страна на полициски службеници од СВР Штип се преземаат мерки за расчистување на случајот. Во 09.20 часот на гласачко место 2844 во ОУ „Јохан Х. Песталоци“ во Скопје, С.М. (57) го фотографирала гласачкото ливче и од страна на СВР Скопје се преземаат мерки за расчистување на случајот“, додаде Ангеловски.
Тој посочи дека досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, односно гласањето се одвива мирно и без проблеми.
Ангеловски дополни и дека димна бомба има на гласачко место, а пријавени се и летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити.
До 11 часот е пријавено дека на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до 9 часот, се искачи на 12,78 отсто.
Македонија
Најдена испукана димна бомба на гласачко место, летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити пријавени во МВР
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, информира за текот на изборниот процес од отворањето на избирачките места.
„Досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, тоа се одвива мирно, без проблеми. Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач.
За сите овие настани, како што вели тој, се преземаат мерки за расчистување на случаите.
„Покрај тоа, на територијата на општина Чаир се забележани летоци, кои биле оставени на паркирани возила, а исто така се испишани и два графита. На едно гласачко место во Скопје, покрај испишаниот графит, од страна на претседател на избирачки одбор е пријавено дека во 6.30 часот во ходникот е пронајдена димна бомба. Веднаш се преземени мерки и активности и на ова место гласањето се одвива непречено“, додава Ангеловски.
Апелира до граѓаните и учесниците на изборите – во текот на гласањето, до завршувањето, да се воздржат од какви било инциденти.
Македонија
На 12,78 отсто се искачи одѕивот до 11 часот, најголем во Демир Капија – 23,99 отсто
До 11 часот на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до девет часот, се искачи на 12,78 отсто.
Најголем е одѕивот во Демир Капија – 23,99 отсто, каде што од вкупно 3.208 граѓани до 11 часот гласале 769.
На седмите претседателски избори во земјата право на глас имаат 1.814.317 граѓани на 3.480 избирачки места.