Македонија
Османи: Финансиската помош од Норвешка доаѓа во вистински момент
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка, Аудун Халворсен. Во рамките на средбата беше потпишан договор за соработка помеѓу Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка, претставено преку Амбасадата на Кралството Норвешка, и регионалната канцеларијата за проекти на Обединетите нации – УНОПС за грант-средства во висина од два милиона евра, поддршка за социо-економскиот развој на земјава, како и поддршка за процесот на европските интеграции.
„Поддршката од страна на Кралството Норвешка за Република Македонија, но и за нашите европски и евро-атлантски интеграции, трае веќе две децении и, дозволете ми, за оваа нивно пријателство на г. Халворсен да му ги пренесам пораките за искрената благодарност од страна на Владата, но и мојата благодарност лично кон него, за неговите залагања за успешна реализација на билатералната помош од страна на Норвешка за Република Македонија“, потенцира Османи на средбата.
Тој истакна дека со потпишувањето на денешниот договор за билатерална финансиска помош во висина од 2 милиона евра, како дел од програмата за регионален социо-економски развој, покрај средствата предвидени за поддршка на локалниот економски развој во единиците на локаната самоуправа, има и значајна компонента за поддршка на процесот на европски интеграции на земјата, што во овој момент претставува највисок приоритет за земјава.
„Со овие средства Владата, а особено Секретаријатот за европски прашања, ќе добие значајна поддршка за подготовка на администрацијата за влез во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација; поддршка за подготовка на преговарачката структура за процесот на преговори; но и поддршка за реформскиот процес на земјава во согласност со насоките нотирани во заклучоците на јунските совети на Европската Унија“, истакна Османи.
„Сето ова говори дека, освен што претставуваат значајна финансиска поддршка, средствата што како грант ги обезбедува Кралството Норвешка доаѓаат на вистинското место и за вистинските потреби на државата поддржувајќи го со тоа нашиот најважен приоритет – успешно да се подготвиме за почеток на преговорите во јуни 2019 година“, додаде Османи, при што изрази уверување во успешноста и правилната имплементација на овие средства, но и огромна благодарност за поддршка во реализација на проектите до регионалната канцеларија за проекти на Обединетите нации – УНОПС, која ќе биде задолжена за нивна имплементацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.