Македонија
Османи: Ќе ѝ докажеме на Европа дека на Балканот има добри соседи
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна со овластениот министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Гент Цакај, кој престојува во официјална посета на нашата држава.
Министерот Османи изрази задоволство за досегашната интензивна и плодна билатерална соработка со нашиот сосед и пријател Албанија, која сега е и наш сојузник во НАТО, како и близок партнер во напорите за нашата интеграција во Европската Унија. Северна Македонија е подготвена за продлабочување на севкупните односи во сите сегменти на меѓусебната соработка.
„ Доцна синоќа слетав од Атина, каде што имав средба со мојот колега Дендијас, а еве денес во билатерална посета на Северна Македонија е колегата Цакај од Албанија. Радува фактот што добрососедските односи остануваат приоритет на надворешните политики на земјите од регионот како најважната придобивка за интеграција на целиот Балкан во европските институции“, посочи Османи
Министерот Османи ја искористи оваа можност да ги поздрави ангажманите на Албанија во рамките на нивното претседавање со ОБСЕ во услови кога Европа се справува со сериозни закани за нејзината безбедност и последици врз демократските токови.
Министерот Цакај, честитајќи му го изборот на министерот Османи и посакувајќи му успех во извршувањето на новата одговорна функција, ја нагласи подготвеноста на Албанија за натамошно унапредување на севкупната соработка, како и интензивирање на соработката меѓу министерствата за надворешни работи на двете пријателски земји.
Акцентот на разговорите беше ставен на приоритетите на двете земји во остварувањето на заедничката стратешка цел за членство во ЕУ и во таа насока напорите за формално почнување на преговорите за членство до крајот на оваа година.
Разменети беа мислења за регионалната соработка, која е клучна за европската перспектива на нашиот регион. Во тој контекст беше поздравено потпишувањето на договорот за нормализација на економските односи меѓу Белград и Приштина како значаен чекор кон нормализирањето на нивните меѓусебни односи, за стабилноста на регионот и интензивирањето на економската соработка, сето во полза на благосостојбата на нашите граѓани.
Една од темите беа и актуелните здравствени предизвици и епидемиолошки состојби во двете земји и во глобални рамки, мерките и активностите што двете држави ги преземаат во борбата против Ковид-19, а во рамките на кои беше поздравена досегашната соработка и меѓусебна помош меѓу Северна Македонија и Албанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.