Македонија
Отворен повик за проектни идеи за климатска акција
На денешната седница на Националниот совет за одржив развој беа преземени првите чекори за развој на работната програма на Северна Македонија за Зелениот климатски фонд, со објавување отворен повик за проектни идеи што би се финансирале преку Фондот.
Сите заинтересирани засегнати страни, вклучително националните и локалните власти, јавни и приватни претпријатија, граѓански организации, академските установи и други правни лица се поканети да достават идеи за проекти, со конкретни активности за приспособување кон или ублажување на климатските промени во најмалку еден од приоритетните сектори: енергија, транспорт, водни ресурси, земјоделство, отпад, биодиверзитет, здравство, шумарство и културно наследство.
Проектните идеи може да се поднесат со користење електронска апликација, во која се објаснети и чекорите и критериумите за развој на проектна идеја за ЗКФ. Новата веб-страница www.greendevelopment.mk ќе служи како клучна комуникациска алатка за споделување знаење и информации за активностите поврзани со Зелениот климатски фонд во земјата.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, претседаваше со седницата на Националниот совет со наслов „Унапредување на климатската акција во Република Северна Македонија “, на која се разгледуваа можностите за засилена климатска акција преку воспоставување поцврста соработка со Зелениот климатски фонд (ЗКФ).
На седницата учествуваа и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, постојаниот координатор на агенциите на ООН во државата, Росана Дужак, високата претставничка од регионалната канцеларија на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) Танија Сантинавез, како и повеќе од сто други претставници на релевантни државни институции, владини агенции, локалната самоуправа, граѓанското општество, приватниот сектор, научната фела и меѓународната заедница.
Во своето воведно обраќање на настанот, Анѓушев, истакна дека се потребни конкретни и одлучни активности во насока на справување со климатските промени, притоа е потребно заедничко дејствување на сите чинители, вклучително владините институции, локалната самоуправа, но и реалниот и граѓанскиот сектор.
„Сорабоката со Зелениот климатски фонд е од особено значење како надополнување на напорите на државата да ги достигне сценаријата според кои го има потпишано и ратификувано Парискиот договор за клима, но и достигнување на поамбициозни сценарија, како и да одговори на барањата на Европската унија. Крајната цел на нашите напори секако е изнаоѓање соодветни, иновативни решенија како одговор на климатските промени. Ние сме сигурни дека преку зголемување на инвестиции за заштита на животната средина, значително ќе придонесеме за унапредување на квалитетот на живот за граѓаните и зголемување на конкурентност на нашата економија“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.
Зелениот климатски фонд е нов партнер за финансирање на инвестиции на државата во “зелен” развој, односно развој со ниско ниво на емисии и отпорност кон климатските промени. Во рамките на првиот проект на земјата од Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка на Зелениот климатски фонд, чии резултати беа презентирани денес, ФАО ја поддржа Владата да воспостави национален механизам, институционална рамка и процедури потребни за ефикасно искористување на финансиските можности од Фондот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: Мислам дека изборниот ден ќе помине во најдобар ред
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека досега нема никакви нарушувања на гласањето а МВР веќе ги има распоредено сите полициски службеници ширум државата кои треба да се грижат за спроведување на фер и демократски процес.
„Немаме забележано никакви посериозни нарушувања на изборниот процес. Денот е убав, се надевам дека граѓаните ќе можат да го остварат своето гласачко право, на едни демократски избори. Покриени се сите сектори за внатрешни работи со технички услови. Се постапува според утврдените насоки од изборниот штаб“, додаде Тошковски.
Тошковски смета дека изборниот ден ќе помине во најдобар ред.
На претседателските избори учествуваат седум кандидати – пет мажи и две жени.
Кандидати се актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска која е поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето Знам, Стевчо Јакимовски од партијата Гром, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи кој е поддржан од Европскиот фронт.
Во Северна Македонија се одржуваат седмите претседателски избори.
Македонија
Македонија денеска избира претседател: седум имиња се на гласачкото ливче
Во Северна Македонија се одржуваат седмите претседателски избори.
Евентуалниот втор круг од претседателските избори е закажан за 8 мај, за кога се закажани парламентарните избори.
На претседателските избори учествуваат седум кандидати – пет мажи и две жени.
Кандидати се актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска која е поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето Знам, Стевчо Јакимовски од партијата Гром, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи кој е поддржан од Европскиот фронт.
Владата го прогласи денот на изборите за неработен.
Во избирачкиот список за претседателските избори се запишани 1.814.317 избирачи, а во странство ќе гласаат 2.569 гласачи со државјанство на Северна Македонија.
Во посебен избирачки список запишани се 2.147 лица кои издржуваат затворска казна или притвор.
Скопје
ЈСП: Јавниот превоз по неделен возен ред, жичницата на Водно нема да работи
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје соопшти дека јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема да работи.
Како што се појаснува во соопштението, дежурни од седум до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.