Македонија
Павле Трајанов бара укинување одредби од Изборниот законик: „Четири партии се фаворизираат на сметка на помалите“
Пратеникот и претседател на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, до Уставниот суд достави иницијатива, со која бара укинување одредби од Изборниот законик, со кои, како што вели, им се овозможува системска монополска положба на четири партии (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијансата за Албанците) при изборните процеси.
Во законот 90 проценти од медиумскиот простор за финансирање припаѓа им на овие партии, како и финансиските средства за изборната кампања и рекламниот простор за билборди и паноа.
„Само како пример, од девет минути дополнително време за медиумско претставување, осум припаѓаат на четирите партии, а само една минута за сите други партии и независни листи. Со овие одредби четирите партии си обезбедуват огромна предност за претставување на своите програми и кандидати за пратеници, градоначалници, советници или претседател на државата. Со овие одредби се крши уставното начело за еднаквост на партиите при настап на изборите“, вели Трајанов.
Тој вели дека во член 75 став 2 од Изборниот закон, меѓу другото, стои: „Учесниците во изборната кампања имаат право на рамноправен пристап и под еднакви услови да ги користат сите видови политичка пропаганда, известување и други облици на пропаганда, чија цел е да се влијае на одлуката на избирачите при гласањето“. Сепак, со истиот закон, вели Трајанов, се руши ваквиот став и се предвидуваат фаворизирачки решенија за четирите партии, две од позиција, две од опозиција, кои на последните парламентарни избори освоиле најмногу гласови.
Според него, ваквата системска предност спречува другите партии да ги претстават пред граѓаните своите програми и да може граѓаните да донесат одлука за кого ќе гласаат.
Трајанов од Уставниот суд очекува оспорените одредби да ги укине, со што сите партии и независни листи и кандидати ќе имаат еднакви шанси за победа на изборите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Патот Штип-Кочани во прекин поради сообраќајка
Од 17:10 часот, поради сообраќајна незгода на патниот правец Штип-Кочани, сообраќајот е во прекин во една насока, информираат од АМСМ.
Македонија
Маричиќ: Имаме план за зелена Македонија во која граѓаните ќе станат акционери на енергетските компании
Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ Бојан Маричиќ денес во изјавата за медиуми се обврза дека СДСМ и Коалицијата за европска иднина нема да се откажат од стремежот за енергетска независност и од зелена енергија.
Во своето обраќање посочи дека е време да се сопре со фосилните технологии.
Изјави дека постоечките енергетски капацитети на фосилни горива да ги трансформираме во соларни електрани кои произведуваат зелена енергија.
„Тој процес го продолжуваме со голема новина: Државните енергетски компании ги даваме во рацете на граѓаните! Граѓаните стануваат акционери во енергетските компании. Висок процент од вкупниот број издадени акции во државните енергетски компании ќе се поделат еднакво на граѓаните. Секој граѓанин, вклучително и децата, ќе добие по најмалку 8.000 денари од вредноста на енергетските компании или 500 евра за едно четиричлено семејство.
Нашиот план е производството на енергија да се зголеми за најмалку 70% за да ги задоволиме домашните потреби за струја. Во наредните четири години за 100% да се зголемат капацитете со обновливи извори на енергија да достигне 60% од вкупната потрошувачка во државата.“
Маричиќ во својата изјава потврди дека целта и програмата на СДСМ е иста со онаа на Европската Унија и Европскиот зелен договор кој предвидува нула штетни гасови од фосилни горива до 2050 година.
„Нашата визија е зелена Македонија како здрава животна средина за граѓаните. Чиста вода за пиење во секое населено место, одржливо управување со отпад и расчистување на дивите депонии. Пречистување на отпадните води за здрава почва за здрава храна.“
Македонија
Со полициски хеликоптер пренесен македонски државјанин од Унгарија до Скопје
Денеска (20.04.2024) по добиено барање од ЦУК, со полициски хеликоптер Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици, од Сегедин, Унгарија до Скопје е пренесен македонски државјанин кој доживеал мозочен удар на 18 април за време на службен пат во Унгарија. Тој е пренесен на скопскиот клинички центар „Мајка Тереза“.
Oва е втор пат да се извршува ваков вид воздухопловен транспорт од Сегедин до Скопје со хеликоптер на Министерството за внатрешни работи, откако и на 11 април беше успешно реализирана ваква акција.