Македонија
Пановски: Неточни се тврдењата по социјалните мрежи дека нема пулмолози во ковид-центрите на Клинички
Министерот за здравство Венко Филипче, упати благодарност до д-р Никола Пановски, универзитетски професор по микробилогија и голем и докажан стручњак во областа, за тоа што ја прифатил поканата да ги посети ковид-центрите на Интерните клиники во Клиничкиот центар.
Професорот Пановски, откако посетил дел од ковид-центрите на Интерните клиники, направил визита и преглед на пациенти и на нивните болнички истории, до министерот Филипче испратил стручно мислење во кое опфаќа три сегменти – оргазнизација на ковид-центрите, стручен кадар и со каква терапија се лекуваат болните пациенти.
„Организационо солидно се поставени центрите, со јасна поделба на зелена и црвена зона, персоналот е адекватно заштитен, а тоа што јавноста треба да го знае, е дека во сите тие центри постојано има присутен пулмолог, а не како што пишуваат по социјалните мрежи дека таму лекувал на пример офталмолог. Со четворица од нив разговарав, со двајца лично, со двајца преку телефонска видео врска“, пишува професорот Пановски.
Во стручното мислење, Пановски пишува и за начинот на лекување на болни и заразени со Ковид-19. Тој констатира правилно давање на антибиотици и други лекови, посочувајќи случај, со ковид пациент кој има хронично заболување леукемија: „Лекарите со соодветна терапија успеале леукоцитите од 120 да му ги намалат на 35, а ЦРП од 300 на 50“, посочува професорот.
„Што се однесува до терапијата со антибиотици, за дијагнозата пневмонија, се почитуваат протоколите за лекување, и антибиотици се ординираат според клиничката слика, компјутерска слика на белите дробови и комплетни лабораториски наоди, каде се користи и најчувствителниот маркер за диференцијација на вирусна од бактериска инфекција, прокалцитонинот. Се почитуваат протоколите за антибиотска терапија на пневмониии, како на пример монотерапија со респираторен кинолон, или комбинација на беталактам (цефтриаксон) со макролид (азитромицина најчесто) и кај тешките форми, каде нема ефект од оваа терапија или постои сомнение за болнички стекната пневмонија, се ординира карбапенем (имипенем или меропенем) со ванкомицин. Кај еден од случаите кои беа дел од анализата, лице кое покрај ковид има и леукемија, лекувањето е во корелација со хематолог, пациентот имал леукоцити 120, ЦРП 300, а сега со спомената терапија, леукоцитите паднале на 35, а ЦРП на 50. За сега немало потреба од употреба на колистин. Инаку кај нас, особено на КАРИЛ постојат болнички соеви на Грам негативни бактерии кои се остеливи само на колистин“, стои во дописот на професор Пановски до министерот Филипче.
Доктор Пановски посочува дека освен во ковид-центрите на Интерните клиники, треба да се провери како се организирани ковид-центрите во внатрешноста.
Министерот Филипче смета дека од големо значење е стручната експертиза на Пановски, во борбата против вирусот Ковид-19, па затоа професорот има отворена покана да придонесе со своето знаење и искуство и да посети други ковид-центри, во останатите градови низ државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
В недела посебен сообраќаен режим во Скопје
Министерството за внатрешни работи известува дека на 31.3.2024 (недела), со почеток во 9 часот, поради одржување атлетска трка на 10 км, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот на манастирот „Св. Пантелејмон“ и обратно, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива настанот.
Македонија
Левицата: Решението за градба кај болничкиот комплекс Воена болница да се поништи веднаш
„Го повикуваме градоначалникот Стевчо Јакимовски да ги почитува законите и да го поништи Решението за градба на 17-катницата кај Болничкиот комплекс „Воена болница“, истакнуваат од Левица.
Потсетуваат дека политичката партија Левица повеќепати укажа на штетноста од градбата на повеќекатницата на истата локација, паралелно организираше протест на којшто граѓаните јавно го искажаа незадоволството од своеволието на градоначалникот и инвеститорите за противзаконската одлука на истите да почнат со градба на зграда за којашто немаат законска дозвола.
„Од пред неколку дена е правосилно Решението со кое се поништува незаконски позитивното конзерваторско мислење, кое се обидоа да го издејствуваат инвеститорите, а истото, по наши сознанија, е пристигнато во Општината на 21.3.2024 година, по што градоначалникот треба веднаш во законски рок да постапи по истато. За жал, Решението за градба уште не е поништено.
Од општинската администрација не даваат одговори по однос на прашањето по Решението со кое се одбива жалбата на инвеститорите, но успеавме да го добиеме, бидејќи е информација од јавен карактер“, дообјаснуваат од оваа партија.
Го повикуваат градоначалникот Стевчо Јакимовски во пресрет на изборната претседателска кампања да се одважи, како што велат, да ги испочитува законите и да го поништи Решението за градба веднаш, како би докажал пред граѓаните дека, навистина, ги застапува нивните интереси“.
Македонија
Инспектори затекнале диви менувачници на Бит-пазар, но наместо да ги запечатат, им дозволиле да работат
Полицијата поднесе кривична пријава против шест инспектори, вработени во Државниот пазарен инспекторат, и тоа: С. Б. (32), Ј. Р. (54), В. М. (47), Б. С. (46), С. С. (61) и Р. Б. (37), сите од Скопје, поради злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Во текот на март и април 2023 година, вршејќи контрола кај три менувачници, лоцирани во близина на Бит-пазар, а за кои било утврдено дека не биле регистрирани како фирми и не поседувале лиценци издадени од НБРМ за вршење менувачко работење, но подолг временски период работеле како менувачници, инспекторите на затекнатите лица во дивите менувачници биле должни да им изречат решение за забрана за вршење дејност, да им ги запечатат објектите, да им ги одземат предметите, опремата и средствата со кои е направен прекршокот, како и да им изречат глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра во денарска противвредност.
Но, пријавените пазаришни инспектори ги прекршиле сите одредби од наведениот закон и во три извршени вонредни инспекциски надзори на затекнатите лица во сите три објекти како менувачници ниту им издале решение за забрана за вршење нерегистрирана дејност, ниту им ги запечатиле просториите во кои ја вршеле противзаконската активност, ниту им ги одзеле средствата, предметите и опремата со кои е направен прекршокот ниту, пак, им изрекле глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра.
Напротив, во сите три извршени вонредни надзори на сите три менувачници на секој од сопствениците им изрекле еднократна глоба во износ од 80 евра во денарска противредност и ги оставиле и понатаму менувачниците редовно да работат, со што постапиле спротивно на законот за забрана и спречување вршење нерегистрирана дејност и со неизвршување на својата службена должност го сториле кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.