Македонија
„Пекабеско“ со донација во храна за најпогодените семејства од коронавирусот
„Пекабеско“ донираше 7 тони храна и со тоа се приклучи на големиот број општествено одговорни компании, организации и хумани граѓани кои пружаат несебична поддршка на нашите сограѓани кои најмногу се погодени од кризата предизвикана од коронавирусот.
Имено, во текот на месеците јуни и јули, во соработка со Црвениот крст, беа донирани пакети со храна за 650 социјално загрозени семејства. Дел од донираните производи, исто така, се користат и за потребите за бездомните лица.
Oд Црвениот крст на Град Скопје истакнуваат дека во овој период е од исклучителна важност поддршката токму во пакети со прехранбени производи, бидејќи во време на криза лицата во ризик се уште позагрозени и без никаков извор на егзистенција.
Со цел континуирана поддршка, во текот на месец мај 2020 година Пекабеско ја продолжи и годишната соработка за поддршка на Пунктот за бездомници на Црвениот крст на Градот Скопје. Со потпишаниот меморандум за разбирање, „Пекабеско“ секој месец продолжува да донира производи за потребите на Пунктот, односно храна за 70 лица.
Кон крајот на месец април 2020 година, а на покана на претседателот на Републиката, Стево Пендаровски, „Пекабеско“ се приклучи на проектот „Волонтираме за солидарно општество“. Оваа хуманитарна акција беше организирана со цел собирање прехранбени продукти и хигиенски производи за поддршка на граѓаните од најранливите категории кои се погодени од корона-кризата. Производите на „Пекабеско“ беа донирани во соработка со Здружението за хумано-општествен развој „Проект Среќа“ со фокус на децата, која е една од партнер организациите во рамките на оваа иницијатива.
„Пекабеско“ во текот на месец март оваа година изврши аконтативна уплата на целокупниот пресметан данок на добивка за 2020 година, давајќи конкретен придонес во националната борба со коронавирусот.
Дополнително, од самиот почеток на корона-кризата како компанија Пекабеско ги зајакна превентивните мерки, а со цел да се избегне групирање и користењето на јавен превоз, Пекабеско на своите вработени им обезбеди и дополнителен финансиски надомест со цел користење на возило до и од работното место.
И покрај големата побарувачка, цените на производите на „Пекабеско“ во текот на целиот овој период останаа непроменети.
Од компанијата ги повикуваат нивните соработници и други компании да ги следат општествено одговорните чекори на бизнис-заедницата, нагласувајќи дека во оваа криза предизвикана од Ковид-19 е повеќе од неопходно секој да го даде својот придонес во рамки на своите можности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Сервисни информации
Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег
Времето денеска ќе биде, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег.
Локално, врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време со пораст на температурите на воздухот.
Скопје
Осум скопски општини денеска без струја
Според добиеното известување од ЕВН Македонија АД, Регионалниот центар за управување со кризи-Град Скопје, информира дека, поради планирани технички зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат неколку скопски општини.
· Во периодот од 08:30 до 14:00 часот, дел од корисниците на ул.Максим Горки, реон Дом на градежници (општина Центар).
· Во периодот од 09:00 до 14:00 часот, поголемиот дел од потрошувачите на ул.Ринхини.(општина Ѓорче Петров)
· Во периодот од 09:00 до 10:30 часот, корисниците од с.Визбегово, дел од с.Мирковци, Бразда, Глуво, Чардак, Оризари.(општините Бутел, Шуто Оризари и Чучер Сандево)
· Во периодот од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од ул.Кавалска.(општина Кисела Вода)
· Во периодот од 09:00 до 12:00 часот, корисниците на пат за Долно Лисиче, од Кодакопласт, кон Паци Петрол до реката, од Св.Петар и Павле по патот кон Долно Лисиче.(Аеродром)
· Во периодот од 09:00 до 10:00 часот, корисниците од дел од ул. 4031, село Марино.(општина Илинден)
· Во периодот од 09:00 до 13:00 часот, корисниците на дел од бул.Борис Трајковски (од Техноскоп до кружниот тек пред Драчево).(општина Кисела Вода)
· Во периодот од 10:30 до 12:00 часот, корисниците од с.Сандево, Бањане, Горњане, Дел од с.Мирковци.(општина Чучер Сандево)
· Во периодот од 13:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на ул. Исаија Мажовски и Воин Драшкоци.(општина Ѓорче Петров)
Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата која што имаме намера во следниот период дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честиташе за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот кој е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека е горд на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоивме повеќе од 80.000 гласови. Регистриравме субјект кој постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблираше на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади членови, а да освоите над 80.000 гласови. Искрено сум горд на секој тој еден глас што дојде, како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој освои повеќе 100.000 гласови помалку од Гордана Сиљановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстане централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете не да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.