Македонија
Пендаровски во посета на Прилеп во рамките на проектот „Лице в лице со претседателот“
Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети општина Прилеп во рамките на проектот „Лице в лице со претседателот“.
За време на престојот, Пендаровски го посети средното општинско училиште „Орде Чопела“, каде што беше запознаен со инклузивните образовни методи, со тековните проекти и иновативни решенија на тимовите од разни стручни области.
Учениците го презентираа системот за собирање дождовница за наводнување на училишниот мини овоштарник, проект со кој училиштето на натпревар во Струга, беше еден од добитниците на финансиски средства за социјални иновации во делот на климатските промени и заштитата на животната средина. Претседателот Пендаровски ги посети и ветеринарната амбуланта, училишната лабораторија, каде што беше извршена контрола на квалитетот на дождовницата и пекарницата, во која младите пекари користат и продукти произведени во училиштето манифестирајќи го мултидисциплинарниот пристап во реализацијата на проектите.
Претседателот Пендаровски упати честитки до наставниот и стручниот кадар во училиштето, што го препознава потенцијалот на учениците континуирано поттикнувајќи ја нивната креативност. Во таа насока изрази задоволство и од посветеноста и високата мотивираност на учениците за стекнување нови знаења во стручните области.
Во рамките на проектот лице в лице претседателот беше во посета на библиотеката и научната лабораторија во рамките на Јавната научна установа Институт за старословенска култура – Прилеп, каде што му беа презентирани дел од тековните научноистражувачки проекти и изданијата од богатиот книжевен фонд, меѓу кои и ретката збирка на старопечатени книги што датираат и од 15 век.
Претседателот беше информиран и за предизвиците со кои се соочува Институтот во неговото функционирање. Во таа насока беше нагласена потребата од унапредување на научноистражувачката работа преку набавување техничка опрема, како и неопходноста од остварување соработка со поголем број научни, стручни и високообразовни институции во странство. Претседателот Пендаровски изрази задоволство од високиот професионализам во научноистражувачката дејност на Институтот нагласувајќи ја неговата поддршка на научните проекти и активности што имаат важен придонес во севкупните општествено-политички и образовни процеси.
Во Прилеп претседателот Пендаровски го разгледа и Музејот за тутун во рамките на Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Прилеп. За време на посетата му беше презентирана импресивната колекција експонати, посветена на сите аспекти од историјатот на тутунската индустрија, која го вбројува нашиот музеј меѓу најзначајните во светот.
Нагласувајќи ја важноста на музејот во афирмацијата на нашата богата култура и традиција, претседателот Пендаровски изрази задоволство од ентузијазмот на сите ангажирани во собирањето и зачувувањето на овие раритети со непроценлива вредност во светски рамки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Османи: Европскиот фронт е голема идеја чие време е дојдено
Кандидатот на Европскиот фронт, Бујар Османи, вечерва на митинг пред граѓаните на Кичeво изрази благодарност до лидерите на Европскиот фронт и коалицијата која, како што вели Османи, е продолжение на битките во континуитет една по една, за разбивање на замоците на етничките монополи.
„Европскиот фронт не е политичка партија. Европскиот фронт не е ни коалиција на политички партии, Европскиот фронт е голема идеја. Тоа е одлична идеја чие време дојде, лавина што ги собра соништата на секој граѓанин на оваа земја, за еднаквост, за правда и просперитетен живот во ЕУ. И ова го гледам како ентузијазам, како насмевка во секое населено место каде што одам, бидејќи Европскиот фронт е трета унија, но сега со малку поинаква димензија“, истакна Османи.
Кандидатот на Европскиот фронт, Османи понатаму истакна дека останува уште едена последна тврдина на етничкиот монопол.
„Тврдината која нè загрижува сите и секогаш ни го дава тој сигнал дека се уште не е сè како што треба, сè уште нема еднакви можности за сите, таа е тврдината на првиот претседател. Значи, браќа и сестри, се натпреварувам, на 24 април да ја разберете тежината на оваа мисија, дека вашиот глас не е само за мојата кандидатура, вашиот глас, вашата поддршка е за да ја разбиете последната тврдина на етничкиот монопол и за заокружување на еднаквоста на сите заедници во нашата заедничка држава“, заклучи Османи.
Македонија
Таравари: Ќе ја вратиме некогашната репутација на Куманово и Липково
Ќе ја вратиме некогашната репутација на Куманово и Липково. Ќе го поврземе Куманово со Гњилане и Прешево, ќе инвестираме во агробизнис, грантови и земјоделци Ќе ги поврземе Куманово со Гњилане и Прешево, ќе инвестираме повеќе во агробизнисот, во грантови за земјоделците и во економски развој за да ја вратиме некогашната репутација на земјоделството и производството на регионот на Липково и Куманово. Ова беа дел од пораките кои претседателскиот кандидат Арбен Таравари ги испрати вечерва од општина Липково. Оваа општина ја донесе ДУИ на власт а како награда добива само штета, неправда и лошо владеење.
„Наместо да се привилегира и развива овој регион кој некогаш важеше за кризен регион, лошото владеење на ДУИ го втурна во повеќекратни кризи. Економска и земјоделска криза, невработеност и миграциска криза, но и безбедносна криза и монтирани случаи. Никој повеќе од жителите на овој крај не ги почувствувал последиците од лошото владеење на ДУИ“, нагласи Таравари во својот говор.
Но, според него, оваа состојба ќе заврши со гласот на самите граѓани, кој ВРЕДИ и ќе ја донесе долгоочекуваната промена.
„Ќе донесеме повеќе правда, прво за политичките монтирани случаи, каде што ќе се заложиме за правда и обештетување за оние Албанци кои неправедно се држат во затвор. Никогаш не го забораваме војникот на слободата и жител на овој крај, Реџаил Ќерими, кој неправедно беше држен во затвор 13 години и почина во ќелијата кога отворено се знаеше дека нема врска со она за што го обвинуваа, изјави Таравари.
Меѓу другото, Таравари од Липково повтори дека со доаѓањето на ВРЕДИ на власт ќе се забрани коцкањето, а ќе се простат и долговите од фирмите за брзи кредити кои исто така рече дека ќе се затворат.
Македонија
Кои се седнатите на софра со најголемите криминалци од Грчец, Шиша бар, со оние од убиствата во Ханиоти, прашува Силјановска-Давкова
Ги нема сликите низ весниците кои се најдобар доказ, бидејќи сликите понекогаш повеќе кажуваат од зборовите, за тоа кој е кој во ова корупциско и криминално гнездо, вели професорката Горданa Силјановска -Давкова вечерва од Велес.
„Колку претседатели сте виделе, колку премиери сте виделе, колку министри за внатрешни работи сте виделе седнати на софра со најголемите криминалци од Грчец, Шиша бар, со оние од убиствата во Ханиоти? Може да се сликате со некого на улица, ама на софра да бидете тоа значи дека сте во спрега. Значи, во право е претседалот на ВМРО-ДМПНЕ кога вели дека, не само со чинење, не само со криминални активности, туку и со замижување пред криминалот и корупцијата вие сте соучесник во нив, посочи Силјановска Давкова и додаде:
„Во овие избори има нешто специфично, до ѕидот сме доведени. Вие заслужувате власт соодветна на вашето достоинство, власт од којашто нема да се плашите и срамите, туку ќе се гордеете“, порача вечерва од Свети Николе, кандидатката за претседател на државата, поддржана од ВМРО – ДПМНЕ и коалициските партнери