Македонија
Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Кралството Норвешка
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Јерн Јелстад, новоименуван амбасадор на Кралството Норвешка со седиште во Белград.
Пендаровски на церемонијата на предавање на акредитивите истакна дека од воспоставувањето на дипломатските односи, двете држави во континуитет градат пријателски и партнерски односи и дека е постигнат успешен развој на билатералните односи во повеќе сфери на општественото живеење. Претседателот изрази очекување за интензивирање на политичкиот дијалог на сите нивоа, како и збогатување на соработката во сферата на економијата, инвестициите, екологијата, туризмот и други сфери од заемен интерес.
„Наскоро Северна Македонија и официјално ќе стане 30-тиот член на НАТО-алијансата и сигурен сум дека во иднина тоа ќе претставува дополнителен мост на поврзување меѓу Република Северна Македонија и Кралството Норвешка како партнери и сојузници“, рече претседателот Пендаровски.
Претседателот изрази голема благодарност за конзистентната поддршка од пријателска Норвешка, која e силен промотор на евро-атлантските интегративни процеси и истакна дека Република Северна Македонија останува посветена на остварувањето на своите стратешки приоритети.
„Убедени сме дека европската и евро-атлантската перспектива е гаранција за просперитет, стабилност и благостојбата на Балканот. Во овој контекст, високо го цениме интересот и присуството на Норвешка не само кај нас туку и во целиот регион“, истакна претседателот Пендаровски во својот говор.
Амбасадорот Јелстад рече дека билатералните односи се одлични и продолжуваат да се развиваат на многу цврста основа на историското пријателство меѓу двете земји и нагласи дека е постигнат напредок во областа на економијата. Тој, посочувајќи го заедничкото распоредување во ИСАФ, како важен елемент за натамошно зајакнување на одличните билатерални односи, оцени дека реформите во одбраната се високо на заедничкатa агенда на двете земји. „Норвешка со нетрпение очекува да ѝ посака добредојде на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО“, изјави новоименуваниот амбасадор на Кралството Норвешка.
Амбасадорот Јелстад нагласи дека во изминатите 19 години Норвешка обезбеди повеќе од 125 милиони евра помош за Северна Македонија и дека ќе продолжи да ги поддржува напорите на земјава за евро-атлантска интеграција преку заеднички програми во рамките на клучните општествени сектори.
Претседателот Пендаровски на новоименуваниот амбасадор му посака многу успех и добро здравје во извршувањето на одговорната дипломатска функција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: На овие избори одлучуваме за европска иднина на татковината, нема откажување
На овие избори одлучуваме за европска иднина на татковината. Граѓаните сакаат европски стандарди дома, сакаат развиена држава со подобри услови за живот.
На граѓаните им е доста од делби и поделби, не сакаат враќање назад во изолација и незивесност, сакаат и заслужуваат да живеат во европска Македонија, со европски животен стандард, велат од СДСМ.
„СДСМ и Коалицијата за европска иднина имаат конкретен план, волја и знаење, за исполнување на стратешката цел – членство на ЕУ.
Членство во ЕУ, не заради остварување на европски сон, туку заради европски животен стандард, поголеми плати, пензии, подобро здравство, образование, правда. Само со членство во ЕУ се можно суштински и темелни промени во македонското општество“, се додава во нивното соопштение.
Затоа, како што додаваат не смееме да се откажеме. Оценуваат дека патот до ЕУ е тежок но тој е вистинскиот и дека нема откажување од иднината.
Скопје
Дел од неколку скопски населби без струја
Поради планирани прекини во електродистрибутивната мрежа без електрична енергија ќе останат следните корисници:
· Во период од 09,00ч до 16,00ч дел од корисниците во с. Волково и с. Кучково ( о. Ѓ. Петров);
· Од 09,00ч до 14,00ч корисниците од ул. Банско, ул. Баница, ул. Наум Охридски и ул. Жванска (о. К. Вода);
· Од 07,00ч до 15,00ч новите згради спроти Мерцедес ул. 852 (о. Г. Баба) и
· Во период од 09,00ч до 15,00ч дел од ул. Милан Мијалковиќ, ул.Пржино, ул.Кавалска (о. К. Вода).
Македонија
Променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд
Променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, особено во северозападните делови каде ќе има услови за ретки грмежи. На планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а во западните делови засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 9, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје променливо облачно и посвежо со услови за повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 15 степени.
До почетокот на следната седмица времето ќе биде променливо облачно и посвежо, наместа со повремени врнежи од дожд. Во петок пообилни врнежи се очекуваат во јужните делови, а во недела на повеќе места. Поради спуштање на постудена воздушна маса на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и на повисоките планини ќе се формира нова снежна покривка.