Македонија
Пендаровски: Знам дека многу млади не се задоволни со резултатите во борбата против корупцијата и непотизмот
Знам дека многу млади од Северна Македонија не се задоволни со резултатите постигнати во борбата против корупцијата и организираниот криминал, непотизмот или со ефектите од економските и образовните политики, изјави претседателот Стево Пендаровски, на 18. меѓународна младинска конференција, на тема „Европските вредности за иднината на земјите од Југоисточна Европа“, која, поради пандемијата, се одржува виртуелно.
„Младинското незадоволство е секогаш лоша вест бидејќи покажува дека политичарите не успеале да изградат инклузивно општество, растечка економија и култура на дијалог. Истовремено, сè додека младите се незадоволни, но се подготвени да направат нешто во врска со тоа, има надеж за сите нас. Би требало да бидеме многу позагрижени доколку вие младите станете рамнодушни, што би значело дека ги прифаќате недостатоците на системот или ќе барате подобар живот во странство. За жал, секојдневно многу млади ја избираат или едната или другата алтернатива“, рече Пендаровски.
Според него, пандемијата дополнително ја комплицира и онака сложената состојба. Се предвидува и релативно високо ниво на структурна невработеност, особено меѓу младите, а на глобално ниво околу 180 милиони млади се вработени во секторите што се најпогодени од пандемијата, при што еден од шест млади луѓе во светот е невработен.
„Во вакви тешки, но и во нормални услови, политичарите мора да најдат начин не само внимателно да ги слушаат младите туку и да ги вклучат младите во креирањето на политиките и носењето на одлуките. Со таа цел пред неколку дена беше формиран Претседателскиот центар за политичко образование, кој треба да ја продлабочи врската меѓу младите и институциите. Овој центар треба да им помогне на младите да научат за политичката култура, демократијата, човековите права и слободи, толеранцијата и солидарноста“, рече Пендаровски.
Претседателот рече дека стагнацијата во интеграцискиот процес отсекогаш била извор на фрустрации и разочараност, поле за игра за националистите и отворена покана за малигните геополитички влијанија.
„Со одлагањето на процесот ќе се прати погрешна порака не само до македонските граѓани туку и до целиот регион – имено дека една земја може да направи и најтешки одлуки и да поднесе најголеми жртви, а сепак да не го добие она што го заслужува“, рече Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен сообраќаен режим викендов во Скопје поради предизборни митинзи
Поради предизборни митинзи за претседателските избори викендов во централното градско подрачје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим.
Како што информира Министерството за внатрешни работи од денеска од 19 часот до утре до 21 часот на улицата „Св. Кирил и Методиј“ ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради одржување на митинг што ќе се одржи утре во 13 часот пред седиштето на Европската унија. За сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосницата со бул.„Кочо Рацин“ до крстосницата со бул.„Св. Климент Охридски“.
Утре во 20 часот на плоштадот „Македонија“, пак, ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори поради што Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.
Македонија
Во вторник предизборен молк, до тогаш продолжува презентацијата на изборните програми
Во рамки на кампањата за парламентарните избори, која почна во четвртокот, и денеска кандидатите за пратеници во шесте изборни единици ќе ги претстават своите платформи пред граѓаните во повеќе делови од државата. Во исто време продолжува и кампањата за претседателските избори, чиј прв круг ќе се одржи в среда, на 24 април, додека вториот круг треба да се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај.
Кандидатот за претседател поддржан од коалицијата на СДСМ Стево Пендаровски во рамки на изборниот караван денеска ќе ги посети жителите на Ново Село, Босилово, Василево, а митинзи ќе одржи во Радовиш и во Струмица.
Кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Македонска Каменица, Пехчево, Берово и Делчево.
Претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски и коалицијата „Храбро за Македонија“ ќе одржат митинг во скопската населба Карпош, а кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија Максим Димитриевски ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Ресен, Претор, Новаци и во Битола.
Во рамки на третиот ден од кампањата за парламентарни избори, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски ќе биде меѓу граѓаните на Брвеница и на Тетово.
Македонија
Пендаровски: Понудата на Мицкоски за коалицирање е знак на слабост
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски синоќа од Бутел рече дека е легитимно и дека е демократски избор секој да коалицира со кого сака. Но, понудата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за коалицирање со неговата партија, уште на првиот ден од кампањата за парламентарни избори, покажува дека тој бара помош.
„Ние среде кампања не бараме помош од пријател. Мене ми се чини дека тоа е јасен знак на слабост, затоа што господинот Мицкоски знае што го очекува на 24 април и на 8 мај. Инаку зошто би барал помош од страна?“, рече Пендаровски.