Македонија
Пендаровски: Институциите мора побрзо и подобро да го препознаваат трудот на младите иноватори
Претседателот Стево Пендаровски вчера, преку видеоврска, се обрати на завршниот настан на овогодишниот „Generation Unlimited – Младински предизвик”, односно на презентацијата на решенијата на 5-те тимови финалисти.
Осврнувајќи се темата на иницијативата „Како може дигиталната технологија да влијае за поактивно вклучување на децата и младите со попреченост во образованието и во секојдневниот живот“, претседателот посочи дека младите не се доволно застапени во овој сегмент во нашата земја, односно дека најчесто се очекува иновативните решенија да доаѓаат од повозрасните граѓани.
„Ова е вистинскиот пат по кој треба да одиме и кога ќе заврши кризава да не ги заборавиме дигиталните алатки коишто ни помагаат и допрва ќе ни помагаат на сите нам, на сите категории на лица, а посебно на лицата со попреченост. Треба да ги користиме сите алатки и уште повеќе на овие луѓе да им го олесниме пристапот до образованието, но и до сите други институции. На пример, пред да почне пандемијата, незамисливо беше наставата да се одвива онлајн“, истакна Пендаровски.
Потенцирајќи дека секое понудено иновативно решение е многукратно повредно ако може практично да се примени и конкретно да им помогне на лицата со пречки во нивното секојдневие, претседателот рече дека младите коишто го прифатиле предизвикот Generation Unlimited и чии решенија имаат апликативна вредност, многу побргу фаќаат чекор во споредба со постарата генерација.
„Државните институции мораат да ги препознаваат побрзо и подобро, напорите на младата генерација во овој дел на креативни решенија. И да им даваат простор, да им даваат ресурси, да им помогнат конкретно да ги развијат нивните идеи до крај. Но треба и да се поврзат државните институции, приватниот сектор, граѓанските организации и да постои една синергија со една единствена цел – да обезбедиме услови за остварување на младите креативци, иноватори и за многу кратко време да видиме примена на нивните пронајдоци“, заклучи Пендаровски.
„Generation Unlimited – Младинскиот предизвик“ ги повикува младите иноватори во целиот свет да дизајнираат решенија кои ќе ги подобрат образованието, вработеноста и граѓанската вклученост.
Младинскиот предизвик, кој оваа година се одвива во 40 земји, е иницијатива која глобално остава силен впечаток и служи како пример за тоа што сè може да постигнат младите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ангелов за ДУИ: Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата
Колку и да е убедлива, победата нема да биде комплетна доколку ДУИ не биде срушена од власт, вели претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов по првиот круг од претседателските избори.
„Затоа е потребна општа мобилизација за уште посилна победа на коалицијата “Твоја Македонија” предводена од ВМРО ДПМНЕ. Граѓаните ги отпишаа СДСМ, да запнеме сите заедно да ги отпишеме и ДУИ. Овојпат ДУИ мора да падне! Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата!“, порача Анеглов.
Ангелов пред еден месец соопшти дека неговата партија излегува од коалицијата предводена од СДСМ.
Тој со години се залагаше воените инвалиди и семејства на загинатите бранители да бидат обештетени, но немаше слух од своите коалициони партнери. Како што самиот рече, добивал поддршка од премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, но поради противењето на ДУИ тоа не се случило.
Македонија
Стевчо собра повеќе потписи од гласови – поразот на Јакимовски главна тема на социјалните мрежи
Кандидатот за претседател на ГРОМ и актуелен градоначалник на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на вчерашниот прв круг од претседателските избори освои само 8.103 гласа, односно 0,90 %. Тоа е помалку од бројот на собрани потписи за претседателската кандидатура зад која му се потпишаа 10.000 граѓани.
Јакимовски во неговата општина освои 2.143 гласа, а во родната Крива Паланка за Јакимовски гласале 182 граѓани.
Тој вчеравечер призна пораз и ѝ честиташе водство на Гордана Силјановска-Давкова. Додаде дека не е задоволен од изборниот резултат.
Поразот на Јакимовски вчера беше главна тема на социјалните мрежи.
Стевчо Јакимовски ни комшиите не го гласале. Пошо да го гласаа ќе тепаше у прв круг.
— Ракун (@HumoroidM) April 24, 2024
Стевчо има повеќе квадрати во една општина свои отколку гласови
— БУГАРСКИ ПАСОШ🇲🇰 (@NemamBgPasos) April 24, 2024
Стевчо им се заблагодари на сите коишто гласаа за него… поединечно
— Dimano (@dimanovski) April 24, 2024
И доктортот Нико Беќаровски за него објави хумористичен статус.
„Стефчо Јакимовски собра повеќе потписи од гласови“, напиша тој на „Фејсбук“.
Стевчо Јакимовски во првиот круг заврши последен по бројот на гласови на претседателските избори.
Македонија
Почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро
На 75 години денеска почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро по кусо боледување, потврди семејството. Тој важи за еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија.
Тој соработуваше со најголемите југословенски естрадни ѕвезди, а беше познат и како крал на местенките во фудбалот.
Соработуваше со големи музички ѕвезди, како Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгоевиќ, „Бјело дугме“, Тереза Кесовија, Лепа Брена.
Своевремено има изјавено дека организирал 5.000 концерти и многубројни турнеи во повеќе од тридецениската кариера како менаџер.