Македонија
Пендаровски: Клучните придобивки од Рамковниот договор беа зачувување на суверенитетот и на територијалниот интегритет
Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето 21 година од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со порака:
„Пред 21 година, во Охрид, претседателите на четирите тогашни најголеми политички партии заедно со претседателот Борис Трајковски и претставниците на ЕУ и на САД го потпишаа Рамковниот договор кој ја спречи натамошната ескалација на конфликтот и донесе мир и стабилност како предуслови за натамошен демократски развој на македонското општество.
Клучните придобивки од договорот беа зачувување на суверенитетот и на територијалниот интегритет, како и унитарниот карактер на државата. Со него се поставија и темелите за уставни и законодавни измени со кои се гарантираат правата на помалку бројните етнички заедници.
Во изминатите 21 година, меѓу другото и преку имплементација на Рамковниот договор станавме членка на НАТО, а, добивме статус на кандидат и ги отворивме преговорите со Европската Унија. Во тој процес изградивме модел на функционална мултиетничка демократија која ги зачува мирот и стабилноста и постави највисоки стандарди за правата на заедниците.
Денес, кога сведочиме на војна на европско тло и кога живееме под притисокот на старите и новите безбедносни закани мораме секогаш пред очи да го имаме еден од основните принципи на Рамковниот договор со кој употребата на насилство заради постигнување на политички цели се отфрла целосно и безусловно, затоа што само политички решенија и дијалог можат да гарантираат стабилна и демократска иднина.
Сите наши напори во иднина да ги насочиме кон многу посилен економски развој, квалитетно образование и здравство, и здрава животна средина во која ќе постојат сите претпоставки за секој наш граѓанин да ги реализира своите амбиции и потенцијали“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Сервисни информации
Сообраќајот на патот Битола-Прилеп се одвива наизменично по една коловозна лента
Од 09:10 часот сообраќајот на патот Битола-Прилеп се одвива наизменично по една коловозна лента, информираат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Бојмацалиев: 27 милиони денари вложени во објектот на ЕВР Гази Баба
Денеска, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, оствари работна средба со раководството на Единицата за внатрешни работи Гази Баба, каде што беше брифиран за активностите и изготвените планови од СВР Скопје, а по кои постапуваат полициските службеници од оваа организациска единица, во насока на гарантирање на безбедноста на училиштата, јавниот превоз, сузбивање мигранти, обезбедување спортски натпревари, итн.
„Во делокругот на кривичните дела на подрачје на ЕВР Гази Баба случени се 248 кривични дела кои се гонат по службена должност, каде за истите се сочинети 40 кривични пријави против 61 сторител и расчистени се 43 кривични дела”, информираше Бојмацалиев. Притоа, тој истакна дека вработените во ЕВР Гази Баба имаат драстично подобрени работни услови преку реконструираниот објект во вредност од 27 милиони денари.
„Кога станува збор за ЕВР Гази Баба целиот објект е квалитетно решен и просторниот проблем на Отсекот за оружје, експлозивни и опасни материи-Скопје при Одделот за граѓански работи, но и на Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје, унапредувајќи го квалитативното ниво на работа на овие организациони единици кои се од исклучителна важност”, рече Бојмацалиев.
Во оваа прилика Бојмацалиев ги посети и раководителите на организациските единици во рамки на СВР Скопје кои во моментот во ЕВР Гази Баба слушаат обука „Улогата на полицијата за време на изборите 2024”, во насока на гарарантирање на безбеден и мирен изборен процес.
„Уверен сум дека колегите на обуката ќе ги утврдат веќе стекнатите знаења кои ги демонстрирале и во претходните изборни циклуси. Можам да кажам дека МВР е целосно подготвено за спроведување на фер, слободни и демократски избори по европски терк”, рече Бојмацалиев.
Македонија
Демири со „Баланс МК“ разговараше за зголемување на опфатот на пациенти со инсулинска пумпа и сензори за мерење на гликемијата
Министерот за здравство, д-р Илир Демири, вчера, оствари средба со претставници на Асоцијацијата за детски дијабетес „Баланс МК“. На средбата разговараа за зголемување на опфатот на пациенти со инсулинска пумпа и сензори за континуирано мерење на гликемија.
„Министерството за здравство и ‘Баланс МК’ имаат успешна соработка, која продолжува и во следниот период со цел подобрување на квалитетот на живот на пациентите со дијабетес во земјата“, вели Демири.
Минатата година првпат се набавија 650 сензори за безболно мерење гликемија во крвата кај деца и млади до 18 години со дијабетес тип 1, бремени жени со дијабетес тип 1 и кај слепи лица.