Македонија
Пендаровски на средба со директорот на „Струшки вечери на поезијата“ и добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими Тодорче Тасевски, директор на „Струшки вечери на поезијата“, Владан Кречковиќ, добитник на меѓународната награда „Мостови на Струга“ и Лидија Димковска, добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“.
На средбата директорот Тaсевски го информираше претседателот Пендаровски за програмата и настаните во рамките на јубилејното 60-то издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“. Тој посочи дека на фестивалот годинава учествуваа повеќе од 30 домашни и странски поети од постарата, но и од помладата генерација, а се одржаа и меморијални чествувања на доајените на македонската поезија Анте Поповски и Богомил Ѓузел. Директорот информираше и за промоцијата на монографското издание „Избор од поезијата и кратката проза од Блаже Конески“ како дел од националната програма со која се одбележуваат 100 години од раѓањето на великанот на македонската култура.
Наградените поети Владан Кречковиќ и Лидија Димковска, заблагодарувајќи се за приемот кај претседателот, истакнаа дека за нив претставува голема чест и привилегија што добиваат признанија на овој голем јубилеј на „Струшки вечери на поезијата“, како еден од најстарите и најзначајни светски поетски фестивали.
Претседателот Пендаровски, честитајќи го огромниот успех – шестдецениската организација на Струшките вечери на поезијата, истакна дека нашата држава е горда што низ овие 60 години успеа да востанови врвен фестивал кој опстојува на светската поетска сцена со препознатлив карактер и идентитет.
На средбата претседателот Пендаровски им ги честиташе добиените признанија на Владан Кречковиќ, добитник на меѓународната награда „Мостови на Струга“ под покровителство на УНЕСКО, што се доделува за најдобра дебитантска поетска збирка на поет под 35-годишна возраст и на Лидија Димковска, добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија.
Годинешен лауреат на „Струшки вечери на поезијата“ е британската поетеса Керол Ен Дафи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонија денеска избира претседател: седум имиња се на гласачкото ливче
Во Северна Македонија ќе се одржат седмите претседателски избори, а до затворање на избирачките места во 19 часот, на сила е изборен молк.
Евентуалниот втор круг од претседателските избори е закажан за 8 мај, за кога се закажани парламентарните избори.
На претседателските избори учествуваат седум кандидати – пет мажи и две жени.
Кандидати се актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска која е поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето Знам, Стевчо Јакимовски од партијата Гром, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи кој е поддржан од Европскиот фронт.
Владата го прогласи денот на изборите за неработен.
Во избирачкиот список за претседателските избори се запишани 1.814.317 избирачи, а во странство ќе гласаат 2.569 гласачи со државјанство на Северна Македонија.
Во посебен избирачки список запишани се 2.147 лица кои издржуваат затворска казна или притвор.
Скопје
ЈСП: Јавниот превоз по неделен возен ред, жичницата на Водно нема да работи
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје соопшти дека јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема да работи.
Како што се појаснува во соопштението, дежурни од седум до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно и потопло со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има локален слаб дожд, краткотрајно пороен, проследен со појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени.
Во Скопје променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотраен пороен дожд со ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Во четврток ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи, а на повисоките планини ќе преминуваат во повремен слаб снег. Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време.