Македонија
Пендаровски не го потпиша указот за легализација на бесправно изградените објекти
Претседателот Стево Пендаровски го извести претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, дека одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти.
„Врз основа на член 75 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, а во врска со член 38 став 2 од Законот за Собранието на Република Северна Македонија, ве известувам дека одлучив да не го потпишам указот за прогласување на законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 11 мај 2021 година. Мојата одлука да не го потпишам указот за прогласување на законот ја донесов врз основа на детаљна анализа на текстот на законот, при што утврдив дека текстот на законот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот, како и со уставни одредби што произлегуваат или се во врска со темелните вредности на Уставот. Исто така, сметам дека текстот на законот нема општествена оправданост, односно не е во насока на заштита и промоција на јавниот интерес, што е основна задача на секоја институција на јавната власт“, се вели во писменото соопштение од кабинетот на Пендаровски.
Според Пендаровски, текстот на законот е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, каде што владеењето на правото е утврдено како темелна вредност на уставниот и, генерално, нашиот правен поредок. Имено, фактот дека со овој закон се легализираат противзаконитите постапки на физички и правни лица за бесправно градење, што е определено како кривично дело во Кривичниот законик, ги става во нееднаква положба правните субјекти и ја нарушува правната сигурност. Таквата постапка, смета претседателот, е спротивна со член 9 став 1 од Уставот, во кој е определено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Дополнително, во член 51 став 2 од Уставот е определено дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Убеден сум дека усвоениот закон не само што ги става граѓаните во нееднаква положба, привилегирајќи ги оние што не ги почитувале правните прописи на штета на совесните граѓани што при градење објекти постапувале во согласност со важечките прописи, туку уште повеќе – стимулира непочитување на правните прописи. Стимулирањето на непочитувањето на правните прописи нанесува трајна штета на сите напори нашата држава да ја изградиме како демократска држава заснована врз владеењето на правото и почитувањето на правата и слободите на човекот и граѓаните.
За претседателот Пендаровски, особено спорен е член 41 од текстот на законот, со кој од денот на влегување во сила на законот се предвидува „запирање управни постапки што не се завршени со спроведување на решенијата за отстранување на бесправно изградените објекти, како и управните и судските (кривични и граѓански постапки), кои се во тек и кои произлегуваат од постапките за отстранување објекти што се завршени или се во тек“. Оваа одредба е спротивна со член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, каде што поделбата на власта на законодавна, извршна и на судска власт е дефинирана како темелна вредност на уставниот поредок. Преку вака формулираното законско решение се врши упад во работата на судовите и се овозможува затскриена амнестија за сторители на кривични дела поврзани со бесправно градење и злоупотреба на службената положба. Неоспорна е уставната надлежност на Собранието, во согласност со член 68 од Уставот, да дава амнестија. Но, амнестијата, како што налага законодавната пракса, треба да биде дадена со посебен закон за амнестија, а во образложението кон евентуалниот таков закон треба да се образложи општествената оправданост, односно јавниот интерес за давањето на амнестијата. Преодните и завршните одредби на законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти не се местото каде што на нетранспарентен начин ќе биде дадена амнестија.
Донесениот закон исто така е спротивен на член 43 од Уставот, во кој секому му се гарантира правото на здрава животна средина, а државата се обврзува да создава услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина. Донесениот закон во член 17 предвидува можност за легализација на бесправно изградени објекти, дури и во „строг природен резерват, национален парк, споменик на природа, парк на природа, заштитен предел, заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, како и во прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење“. Ваквата можност е прекршување на основната обврска на државата да ја штити животната средина, а дополнително можноста за легализација на бесправно изградени објекти во заштитни зони на вода за пиење потенцијално го загрозува јавното здравје, чија заштита е исто така законска обврска на државата. Можноста во наведениот член за легализација на бесправно изградени објекти во подрачје на заштитено недвижно културно наследство (поединечни добра, целини и археолошки локалитети) е повреда на законската обврска на државата да ги заштитува културните добра и културното наследство, пишува во соопштението на Пендаровски.
„Конечно, но не и помалку важно, како претседател на државата се заколнав дека ќе ги почитувам и штитам Уставот и законите. Таа обврска подразбира не само формално почитување и спроведување на Уставот и законите, туку многу повеќе – промоција на правната култура. Правната култура е одлика на сите цивилизирани заедници, а владеењето на правото и заштитата на јавниот интерес се принципи на сите демократски држави. Впрочем, владеењето на правото е основниот услов за остварување на стратешката цел на нашата држава за интеграција во Европската Унија за чие остварување работеле и работат сите досегашни претседатели, состави на Собранието и влади. Како убеден демократ и легалист верувам во водењето на политиката во границите на правото и затоа не можам да се согласам од неправото да создаваме право. За жал, усвоениот закон е пример за такво поведение“, вели Пендаровски.
Тој апелира до сите пратеници, независно од политичката припадност, а водејќи се од словото на Уставот и јавниот интерес, уште еднаш да размислат пред повторно да одлучуваат за овој текст на законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бојмацалиев: Една година ФРОНТЕКС – прв договор потпишан на македонски јазик со ЕУ
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски и државната секретарка, Магдалена Несторовска, остварија работна средба со раководството на Регионалниот центар за гранични работи ЈУГ, по повод одбележување на една година од почетокот на мисијата на ФРОНТЕКС во Република Северна Македонија, а со цел промоција на соработката помеѓу претставниците на ФРОНТЕКС во локалниот координативен центар и одговорните старешини од РЦ за ГР ЈУГ, како и промовирање на европскиот пристап на координирање на сите заеднички активности и справување со предизвиците.
„Одбележуваме една година од работата на макеоднската полиција заедно со ФРОНТЕКС, со целд а ги одбраниме нашит еи границите на ЕУ од прилив на мигранти. Тоа успешно го правиме од 2015 до денеска. Договорот е од историска важност, тогашниот министер Оливер Спасовски ја имаше честа да го потпише со Европската Унија, и ја отвори вратата за поинтензивна оперативна соработка заснована на доверба и меѓусебно почитување”, истана Бојмацалиев во изјава за медиумите, заблагодарувајќи се до Тасевски и Несторовска за напорите кои ги направија Договорот да биде на македонски јазик и успешно да функционира во нашата држава.
„Со тоа уште еднаш покажуваме дека македонската полиција е рамо до рамо со европските полиции, заедно работиме, и од пред некое време имаме барање од други полиции да вршиме обуки на нивните службеници како се справување со миграцијата. Од земја која бараше помош од другите држави за справување со миграција, сега нудиме помош”, рече Бојмацалиев
Македонија
Ковачки ги повика неопределените да гласаат: „ Да се обединиме околу идејата за Македонија повторно твоја“
Народот е подготвен и обединет за промени, приклучете се кон ВМРО-ДПМНЕ за да ја поразиме оваа ненародна и криминална влада на СДС и ДУИ, порача Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 3.
„Денеска сме во Кратово, Ранковце и Крива Паланка. Тука сме да презентираме проекти од Платформата 1198, ќе поразговараме со сите граѓани. Ги повикувам сите граѓани кои сеуште не се определиле и кои што ја чувствуваат позитивната енергија која што доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ, да се обединиме околу идејата за Македонија повторно твоја, да се обединиме околу проблемите“, рече Ковачки.
Како што додаде вчерашниот митинг во Охрид покажал дека народот е подготвен и обединет за промени, а ВМРО-ДПМНЕ е партија за македонско национално единство.
Македонија
Успешна сложена дентална операција – изведена транспозиција на нерв
Вчера, успешно заврши сложениот хируршки зафат – транспозиција на нерв на пациент од земјата.
Оваа комплексна техника ја изведе искусен хируршки тим под водство на професор Мазен Тамими од САД, роден во Јордан.
Интервенцијата се изведе во присуство и во приватната специјалистичка ординација на реномираниот орален хирург и имплантолог од овие простори – Дијана Бојковска. Пациентот е во стабилна состојба, се чувствува добро, но претстои период на целосно заздравување по извршување на операцијата поради прилично атрофираната долна вилица.
Видеоприказ од интервенцијата ќе биде емитуван во рамките на меѓународниот имплантолошки конгрес, кој почнува денес во хотелот „Хилтон“ во Скопје, а ќе трае до 20 април. Напредната хируршка техника првпат ќе биде споделена со пошироката стручна јавност од земјата, но и од светот, бидејќи на конгресот ќе учествуваат врвни стоматолози, орални и максилофацијални хирурзи од четири континенти.
Дигитализација во стоматологијата и новите трендови во имплантологијата се дел од темите што ќе бидат во центарот на вниманието на овој конгрес. Конгресот предвидува теоретски, практичен дел и презентирање напредна хируршка техника во делот на имплантологијата.
Еминентни стоматолози специјалисти од Македонија исто така ќе земат активно учество на конгресот: д-р Митко Франгов, орален хирург и меѓународно лиценциран имплантолог, д-р Златко Вршковски, максилофацијален хирург и меѓународно лиценциран имплантолог, д-р Недим Касами, максилофацијален хирург и имплантолог, д-р Петар Вршковски, орален хирург и имплантолог, д-р Дијана Бојковска, орален хирург и имплантолог.
Во Македонија првпат стоматолозите учесници на конгресот ќе бидат дел од меѓународно акредитирана имплантолошка едукација и ќе добијат CME – европски кредит-поени.