Македонија
Пендаровски: Опасноста од нови војни повторно тропа на европска врата
По повод предадените апликации на Финска и Шведска за членство во НАТО, претседателот Стево Пендаровски ја даде следнава изјава:
„Денешното истовремено предавање на официјалните писма за барање за прием во најмоќната воена алијанса е испишување на уште една страница од историските промени во сојузништвото. Искрено ја поздравувам и поддржувам кандидатурата на овие значајни земји за просперитетот и безбедноста на Европа. За жал, фактот дека земји со традиционална воена неутралност со огромно мнозинство одлучуваат да ја променат, зборува дека опасноста од нови војни повторно тропа на европска врата. Со цел сеопшто посакуваниот траен мир да прерасне во реалност, проширувањето на алијансата е добра вест.
Ја поздравувам оваа одлука и упатувам поддршка за брз прием на земјите кои несомнено ќе дадат придонес во колективната безбедност. Тоа е одлука на суверени земји кои имаат право на сопствени одлуки, особено кога се работи за добросостојбата на нивните граѓани. Северна Македонија, како најнова земја членка на најмоќниот воено-политички сојуз, има чест да ја продолжи политиката на отворени врати со нашите партнери, Финска и Шведска, особено имајќи го предвид политичкиот, безбедносниот и географскиот контекст.
Со полноправното членство на Шведска и Финска, НАТО ќе се зајакне особено во неговото источно крило, од каде и доаѓаат најголемите предизвици, што е случај со руската воена агресија на Украина.
Дополнително, одличните билатерални односи со овие две пријателски земји ќе добијат на уште посилен интензитет преку идното сојузништво, со кое се зацврстува и партнерската соработка во сферите на заеднички интерес, вклучително и нивната принципиелна поддршка за уште едно сојузништво во рамките на Европа“ , изјави претседателот Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Решението за градба кај болничкиот комплекс „Воена болница“ да се поништи веднаш
„Го повикуваме градоначалникот Стевчо Јакимовски да ги почитува законите и да го поништи Решението за градба на 17-катницата кај Болничкиот комплекс „Воена болница“, истакнуваат од Левица.
Потсетуваат дека политичката партија Левица повеќепати укажа на штетноста од градбата на повеќекатницата на истата локација, паралелно организираше протест на којшто граѓаните јавно го искажаа незадоволството од своеволието на градоначалникот и инвеститорите за противзаконската одлука на истите да почнат со градба на зграда за којашто немаат законска дозвола.
„Од пред неколку дена е правосилно Решението со кое се поништува незаконски позитивното конзерваторско мислење, кое се обидоа да го издејствуваат инвеститорите, а истото, по наши сознанија, е пристигнато во Општината на 21.3.2024 година, по што градоначалникот треба веднаш во законски рок да постапи по истато. За жал, Решението за градба уште не е поништено.
Од општинската администрација не даваат одговори по однос на прашањето по Решението со кое се одбива жалбата на инвеститорите, но успеавме да го добиеме, бидејќи е информација од јавен карактер“, дообјаснуваат од оваа партија.
Го повикуваат градоначалникот Стевчо Јакимовски во пресрет на изборната претседателска кампања да се одважи, како што велат, да ги испочитува законите и да го поништи Решението за градба веднаш, како би докажал пред граѓаните дека, навистина, ги застапува нивните интереси“.
Македонија
Инспектори затекнале диви менувачници на Бит-пазар, но наместо да ги запечатат, им дозволиле да работат
Полицијата поднесе кривична пријава против шест инспектори, вработени во Државниот пазарен инспекторат, и тоа: С. Б. (32), Ј. Р. (54), В. М. (47), Б. С. (46), С. С. (61) и Р. Б. (37), сите од Скопје, поради злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Во текот на март и април 2023 година, вршејќи контрола кај три менувачници, лоцирани во близина на Бит-пазар, а за кои било утврдено дека не биле регистрирани како фирми и не поседувале лиценци издадени од НБРМ за вршење менувачко работење, но подолг временски период работеле како менувачници, инспекторите на затекнатите лица во дивите менувачници биле должни да им изречат решение за забрана за вршење дејност, да им ги запечатат објектите, да им ги одземат предметите, опремата и средствата со кои е направен прекршокот, како и да им изречат глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра во денарска противвредност.
Но, пријавените пазаришни инспектори ги прекршиле сите одредби од наведениот закон и во три извршени вонредни инспекциски надзори на затекнатите лица во сите три објекти како менувачници ниту им издале решение за забрана за вршење нерегистрирана дејност, ниту им ги запечатиле просториите во кои ја вршеле противзаконската активност, ниту им ги одзеле средствата, предметите и опремата со кои е направен прекршокот ниту, пак, им изрекле глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра.
Напротив, во сите три извршени вонредни надзори на сите три менувачници на секој од сопствениците им изрекле еднократна глоба во износ од 80 евра во денарска противредност и ги оставиле и понатаму менувачниците редовно да работат, со што постапиле спротивно на законот за забрана и спречување вршење нерегистрирана дејност и со неизвршување на својата службена должност го сториле кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Македонија
Митрески – Бомгартнер: Северна Македонија и Франција имаат одлични односи, меѓусебната соработка и поддршка ќе се продлабочат
Претседателот на Собранието, Јован Митрески, денес оствари средба со aмбасадорот на Француската Република во Република Северна Македонија, Сирил Бомгартнер.
Изразувајќи задоволство од одржувањето на средбата, Митрески ја констатира одличната соработка меѓу двете држави и особено соработката на парламентарен план.
Амбасадорот Бомгартнер, честитајќи му го изборот за претседател на Собранието, се сложи со констатациите за интензивираната динамика на меѓусебна соработка. Во тој контекст ги поздрави средбите на парламентарци од Собранието на Република Северна Македонија и Националното собрание и Сенатот на Француската Република во изминатите години како позитивен тренд што треба да продолжи и во иднина.
Информира за претстојната посета на претседателката на групата за пријателство, Лилијана Танги, на земјата, како дел од набљудувачката мисија на ОБСЕ за претстојните претседателски и парламентарни избори.
Беше особено поздравено одржувањето на втората едукативна активност во Собранието „Имам став – Млад франкофонски парламент“, во рамките на одбележувањето на март – месец на франкофонијата, еден исклучителен настан и манифестација која полека прераснува во убава собраниска традиција.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните собраниски активности, текот на изборите и конституирањето на новиот парламентарен состав. Беше изразена општа согласност за потребата од унапредувањето на соработката во доменот на културата, економијата, енергетиката и други области од заемен интерес за двете земји, како и за потребата од зголемување на бројот на француски инвестиции во земјата.